за

MAN го закачи логото и на доставно комбе: VW Crafter станува MAN TGE

По прекинувањето на соработката со Mercedes во сегментот на транспортерите, концернот Volkswagen има нов адут. Сопствениот Crafter го смени логото со MAN и името во TGE.

Минхенската марка со тешките камиони за првпат нуди и доставно комбе. Со новиот MAN TGE, долната граница на понудата на марката се поместува од 7,5 на 3,0 тони. Со исклучок на неколкуте разлики во изгледот, комбето на MAN е идентично со Volkswagen Crafter, а тоа значи и со Mercedes Sprinter. Откако ја прекина соработката со Mercedes, „товарната“ марка од Хановер мораше да го префрли производството во сопствена фабрика, а за дополнително искористување на производствените капацитети, сега го нуди својот најтежок транспортер и под логото на MAN, што без двоумење е значајна големина во товарниот сектор и одлична подлога за имиџот.

man tge 3

MAN ја гледа целната група за „лесното“ товарно возило во логистиката и во градежништвото, но и во специфични примени во занаетчиството и транспортот на патници. Заедничко за сите варијанти на TGE е најниската вредност на отпор на воздух од 0,33, најниска потрошувачка во класата и најниски трошоци за одржување и поправка.

Максималната зафатнина на товарниот простор достига 18,3 метри кубни

Понудата од каросериски варијанти ја сочинуваат фургон, комбе со стаклени прозорци, шасија со единечна и двојна кабина. Освен најразлични надградби, купувачите можат да избираат и меѓу две меѓуоскини растојанија, три висини на покрив (2.340 mm, 2.575 mm и 2.800 mm) и три должини (5.983 mm, 6.833 mm и 7.388 mm). Во зависност од комбинацијата, максималната зафатнина на товарниот простор достигнува до 18,3 метри кубни.

Товарниот простор стандардно е осветлен со светлечки диоди. Основната варијанта располага со дозволена вкупна тежина од 3,0 тони, додека горниот крај е на 5,5 тони. Уште 3,5 тони стојат на располагање за приколка за сопирачки. Максималната носивост достигнува до 1,5 тон.

man tge 2

Сосема логично дека од Crafter е преземена и понудата од мотори. Во зависност од дозволената вкупна тежина може да се нарача верзија со преден, заден или со погон на сите тркала, додека за преносот на сила се грижи 6-степен мануелен менувач или 8-степен автоматик. При развојот на четрицилиндарскиот дизел кој дебитираше лани во VW Transporter се посвети особено внимание на штедливоста и издржливоста во условите на примена во доставниот сегмент. Дволитарецот се нуди во дијапазон на моќност од 102 КС до 177 КС.

Разликите во кабината во споредба со Crafter се сведуваат единствено на сменетото лого. Возачкото седиште е достапно во четири варијанти, со издржливи штофови коишто се докажани во камионскиот сектор.

Системот за самостојно запирање во критични ситуации следува како стандард

TGE стандардно се испорачува со систем за самостојно запирање при опасност од судир, што претставува голема придобивка за безбедноста. Со доплата се нуди систем за асистенција при возење во рикверц, исто како и асистенција при влечење приколка, којшто на пример го компензира влијанието на страничен ветар преку интервенција во електромеханичкото сервоуправување.

За високото ниво на безбедност придонесуваат и активен темпомат што го одржува растојанието од возилата напред, како и сензори за препознавање замор и мултиколизиски сопирачки, коишто се активираат при судир и спречуваат понатамошно движење на возилото и предизвикување на уште поголема штета или опасност.

man tge 4

Тоа што клиентите ќе го ценат најмногу е MAN-Service, како врвно организирана и стручна сервисна служба. Менаџерите на големи возни паркови можат да ги искористат и финансиските услуги на MAN, исто како и возачката обука MAN ProfiDrive. Обуката опфаќа правилно реагирање во критични ситуации, штедливо возење, но и правилно обезбедување на товарот.

Продажбата на MAN TGE стартува во март во следната година, а првите примероци ќе излезат од монтажната лента во април. Испораката во Германија, Австрија, Швајцарија и Холандија стартува два месеца подоцна, за до есента да следуваат и останатите европски пазари.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фетел во амбулантно комбе побрз од Ferrari

Лимузините се враќаат на европскиот пазар