149
20 shares, 149 points

Mahle разви хибриден погон, кој е модуларен и може да се приспособи според возилото во коешто ќе се вградува. Таканаречениот MMHP (Mahle Modular Hybrid Powertrain) се состои од дво или трицилиндарски бензинец со турбонатполнење. Германскиот специјалист чиешто име прво асоцира на клипови, ветува дека нивниот хибриден погон е поевтин, помал и полесен.

Штедливоста на бензинецот во хибридниот систем произлегува од Mahle Jet Ignition System. Во главата се наоѓа мала преткомора со обична свеќичка за палење во неа. Од неа се шират жешки воздушни струења кон самата комора за согорување, а тоа води кон скусување на согорувањето во цилиндарот. Со прекомората се овозможува и висок степен на компресија, како и висок степен на рециркулација на издувните гасови, а сето тоа води кон смалување на потрошувачката на гориво. Нема потреба од користење директно впрскување и од варијабилна работа на вентилите, доволно е едно брегасто вратило, односно само два вентили по цилиндар. Сето тоа драстично го поевтинува моторот, а со тоа и хибридниот модул.

Побарувачката за вакви готови погонски решенија за вградување ќе расте по 2030 година, кога производителите ќе мораат да го почитуваат лимитот за CO2 од 59,4 g/km како просек за целиот возен парк. Во одреден случај ќе биде поевтино да се „купи“ готов хибриден погон, отколку истиот да се развива и произведува, односно монтира самостојно.

MMHP претставува комбинација од сериски и паралелен хибрид, со работа според наполнетоста на батеријата и оптоварувањето

MMHP работи како комбинација од сериска и паралелна хибридна архитектура, односно станува збор за бимодална хибридна конфигурација. При поголема наполнетост на батеријата, возилото може да се движи само на струја, додека при мала наполнетост и ниска брзина на возење, системот се префрлува во сериски хибриден модус. При повисоки брзини, пак, за погонот може целосно да се грижи бензинскиот мотор. Погонската спрега вклучува и менувач, кој по избор може да биде со 1, 2 или 4 степени на пренос.

Хибридниот погон на Mahle одговара за широк дијапазон на примена, почнувајќи од малечки возила до СУВ од Ј-сегментот. Во сегашната фаза од тестирањето е постигната специфична потрошувачка на гориво од 207 грами по киловатчас. Понатаму се цели на 195 грами гориво по киловатчас. Во компактен СУВ, тоа би значело емисија на СО2 од 18 g/km, според новата норма WLTP.

Тежината на хибридниот погон е иста како на модерен бензинец со 4 цилиндри, со 6-степен мануелен менувач. Според Mahle, нивниот хибриден систем е околу 30% подостапен од постоечките решенија на пазарот.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

149
20 shares, 149 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *