100
15 shares, 100 points

Моментно најпродаван модел на Porsche не е 911, туку Cayenne. Тоа може да се промени повторно со новиот Macan, кој е помал, полесен и многу поевтин од големиот теренец.

Традиционалните приврзаници на спортската марка од Цуфенхаузен негодуваа кога спортскиот теренец се појави во моделската понуда. Денес Cayenne е најпродаван модел на Porsche. Тој може наскоро да биде заменет со новиот Macan. Иако уште се нема појавено на улица, од петтата моделска серија на Porsche се очекува да биде новиот бестселер на спортската марка. Продажбата на домашниот пазар ќе стартува во април.

Малиот брат на Cayenne не случајно доживеа премиера на салонот во Лос Анџелес. САД, а особено Калифорнија, се важни пазари за компактниот теренец. Macan, чиешто име потекнува од индонезискиот збор за тигар, развиен е за помалку од три години под кодната ознака Cajun. Релативно кусиот периоид за развој се овозможи со тоа што автомобилот не мораше да се конципира од празен лист хартија. Техничката основа за Macan потекнува од еден друг модел од концернот Volkswagen, од Audi Q5. Заедничките точки меѓу двата модела сепак се сведени на минимум. Porsche инсистираше да развие посебен модел, како во изгледот, така и во техниката.

Во изгледот и погонот Macan настапува како самостоен модел

Во дизајнот нема никакви сличности со Q5. Теренецот на Porsche е понизок, поширок, малку подолг, и пред сé, дизајнот му е многу поспортски. Задниот дел од покривот се спушта како кај купе и овозможува елегантна и динамична силуета. Данокот за таквиот изглед ќе го платат патниците на задната клупа, но и максималната зафатина на багажникот се смалува на тој начин.

На работното место на возачот има детали од 918 Spyder

Кокпитот е дизајниран во стил на хибридниот тркач 918 Spyder, со доминантен бројач на вртежи и палење од левата страна на воланот, како традиција од времето на Леман. Типична за Porsche е и средишната конзола што се искачува како кај Cayenne. Во подрачјето на мултимедиските системи и во системите за асистенција, Porsche го нуди истиот дијапазон како во актуелната Panamera.

Најсилниот модел вози со 400 КС

Основата на Porsche се моторите. Во почетокот најевтина бензинска изведба ќе биде Macan S, со трилитарски битурбо V6 со 340 КС. Теренецот тежок 1,8 тон, со овој мотор забрзува за 5,2 секунди до сто и постигнува 254 km/h. За потрошувачката Porsche наведува 8,7 литри. Топ модел засега е Macan Turbo до 3,6-литарски V6 и 400 КС. Кај него крајната брзина изнесува 266 километри на час. Се шпекулира дека Porsche планира да вградува и четирицилиндарски бензинец со турбо натполнење во Macan, на што традиционалистите повторно ќе негодуваат.

Четирицилиндарски бензинец од 2015 година

Но, и тоа сигурно ќе се случи. Моделот со четирицилиндарец е од стратешка важност за кинескиот пазар, каде што постојат големи даночни оптоварувања за поголемите мотори. Овој мотор ќе се воведе во европската понуда дури во 2015 година. Дотогаш, најпопуларен мотор во Macan ќе биде дизелскиот мотор. Шестцилиндарецот во основата потекнува од Audi, има 258 КС и 580 њутнметри, а просечната потрошувачка изнесува 6,1 литри. Сите мотори се комбинирани со седумстепен менувач со двојна спојка.

Ламеласта спојка место торсен диференцијал

За разлика од Audi Q5, распределбата на силата на сите тркала не се врши преку торсен диференцијал, туку преку електромеханичка ламелна спојка, што се активира само по потреба и испорачува погон на предните тркала за делче од секундата. Инженерите поставија нагласок на погонот на задната оска. Меѓу другото, тоа е една од причините што задните тркала имаат пошироки гуми од предните.

Прв во перформансите, но и во цените

На германскиот пазар Porsche Macan стартува од 58.000 евра. Бензинецот и дизелот чинат исто. Топ моделот Macan Turbo чини  80.000 евра. Долгите ценовници за дополнителна опрема се уште една од традициите на Porsche. Во сериското ниво на опрема веќе се вклучени убави ставки, како седишта со алкантара, клима, радио и електрика за задниот капак. Со доплата за кожа и пневматика, панорамски покрив и врвно озвучување од Burmester, сметката за миг се празни со уште 10.000 евра. Според тоа, Macan нема да биде само најдинамичниот модел во класата, туку ќе го презеде водството и во поглед на цените. Поинаку не смее да биде.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

100
15 shares, 100 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *