за

Lynk & Co воведува шведско-кинеска револуција во браншата

Lynk & Co 01, Geely

Со техника од Volvo, храбри менаџерски чекори и комплетен пакет возило-услуга што е привлечен за купувачите, Lynk & Co може да биде првата кинеска марка што ќе се вмеша меѓу големите играчи на автомобилскиот пазар, глобално. Првиот кросовер стартува со продажба веќе годинава, по две години следуваат Европа и САД.

Мајчинскиот концерн на Volvo на салонот во Шангај го претстави првиот модел од новата марка Lynk. Компактниот теренец нема име, туку се води едноставно како „01“. Автомобилот, сепак, нема толку едноставна задача. Шефовите на марката во него го гледаат најдобриот автомобил во светот, којшто ќе се продава на целиот светски пазар и притоа ќе следи наполно различни принципи од вообичаените во браншата. Во секаков поглед.

Lynk & Co 01 00002

Кросоверот Lynk 01 кон крајот на годинава ќе стартува со продажба прво на најголемиот авто-пазар во светот, кинескиот. По две години ќе следат Европа и САД. Автомобилот ја користи платформата CMA којашто е развиена заеднички со Volvo и меѓу другото ќе послужи како основа и за новиот XC40. Бидејќи платформата дозволува голема слобода во поглед на габаритите на каросеријата, кинескиот теренец ќе биде за нијанса поголем од моделот на Volvo во сите правци.

Lynk & Co 01 00003

Најголемата предност на новата платформа сепак е во флексибилноста на погонот. Освен бензински и дизел мотори, таа дозволува и примена на плагин-хибриден, но и чисто електричен погон. Кога „01“ ќе стартува со продажба на пазарот во Кина, купувачите ќе имаат на избор мотори во дијапазон на моќност меѓу 150 и 197 КС. Погонската спрега на најсилната верзија ја сочинува 1,5-литарски бензинец со турбонатполнење и електромотор. На располагање ќе стои и седумстепен менувач со двојна спојка. По пример на Швеѓаните, Lynk ќе почитува највисоки стандарди за безбедност.

Lynk & Co 01 00005

Тука почнува револуцијата. Кинескиот брат на XC40 стандардно се испорачува со пристап на интернет и со сопствена апликација развиена од производителот. Возилата на Lynk можат да комуницираат меѓусебно и да разменуваат информации за сообраќајниот тек или за слободните места за паркирање. Тоа е само основа за следново: Благодарение на вградената „интелигенција“, сопствениците ќе можат да ги изнајмуваат своите возила и да наплаќаат за тоа, слично на принципот што го користат Car2go и сличните. Неопходниот софтвер за тоа потекнува од гигантите Microsoft, Ericcson и Alibaba.

Lynk & Co 01 00007

Кинезите ќе го нудат моделот во четири нивоа на опрема – без можност за избор на каква било дополнителна опрема. Тоа ги поедноставува производството и дистрибуцијата, а на крај и цената е пониска. Сличен принцип користат и „традиционалните“ азиски марки, со само неколку ставки понудени како опции.

Lynk & Co 01 00008

Што се однесува до изгледот, Lynk 01 изгледа и повеќе од пристојно, можеби не толку оригинално, на моменти премногу разиграно и со препознатлива инспирација од Porsche во предниот дел, но во секој случај изгледот нема да биде пречка за купувачите.

Ракувањето со главните функции го презема средишно поставен дисплеј на допир, кој ги заменува класичните прекинувачи. Зад воланот ѕирка дигитална табла со инструменти.

Lynk & Co 01 00009

Lynk е нецелосното име на марката. Точно е Lynk & Co. Ова второво не означува компанија, туку повеќе е замислено да асоцира на други поими со позитивно значење, како „collaboration, community, cool или connected“. Обично модните марки практикуваат вакви скриени пораки. Шпекулациите дека моделот ќе носи друга ознака за кинескиот пазар досега не се обистинија.

Lynk & Co 01 00006

Продажбата ќе се одвива според слични правила како кај електро-специјалистот Tesla. Автомобилите ќе се продаваат првенствено преку интернет, класична дилерска мрежа нема да постои. Место тоа, во градските центри ќе постојат малечки локали, во коишто Lynk ќе нуди услуги и сервисна подршка за своите клиенти. Бидејќи техниката е идентична, за поправките и одржувањето ќе се грижат сервисните работилници на Volvo.

Lynk & Co 01 00004

Ќе има и солидна гаранција, не колку Kia, но сепак пет години или 150.000 километри. Цените уште не се конкретизирани, туку само е поставена рамката: Тие ќе се движат меѓу достапниот Geely и луксузниот Volvo. Планот е продажбата да достигне 40.000 примероци на годишно ниво.

https://youtu.be/bk99–l7n-0

Концернот на Volvo и на Lynk, планира новата марка да има осум модели во својата понуда. Во седиштето на Volvo во Гетеборг веќе е прикажан прототип на спортски модел со оригинално отворање на вратите. Изгледот останува во тајност, фотографии од настанот не постојат. Единствено е познато името на идниот модел. Lynk & Co 02. На салонот во Шангај веќе наѕира и следниот автомобил од новата марка, лимузината … со ознака 03.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

ЕУ бара наплата на патарина според емисијата на СО2

Honda Civic Type R е новиот крал на Нирбургринг