за

Lotus Exige Sport 350 е уште полесен, уште побрз – и поскап

Lotus Exige Sport 350 е доказ дека во англискиот Хетел се работи под полна гас. Новитети пристигаат во серија, последнава нуди комбинација од 350 КС и 1,1 тон. Тоа не само што звучи фантастично, туку и се вози исто така.

Последниот новитет од Lotus се води под ознаката Exige Sport 350 и се надоврзува на серијата новитети по Evora 400, Elise Sport 220 и по уште неколку специјални моделски изведби со екстра коњски сили или какви било зафати што прават доживувањето на возењето Lotus да биде уште поспектакуларно. Уште изгледа неверојатно тоа што Британците успеваат да вградат 3,5 литарски V6 со механички компресор, со 350 КС и 400 њутнметри при 4.500 вртежи во опашот на малечкиот болид од четири метри. Sport 350 е дури и полесен за 51 килограм од досегашниот Exige S, така што тежи само 1.125 килограми.

Одличен детал е отворената кулиса на менувачот. Британците знаат како се прави добар спортски автомобил
Одличен детал е отворената кулиса на менувачот. Британците знаат како се прави добар спортски автомобил

Оттука произлегува сооднос меѓу тежината и моќноста од 3,2 килограми на КС, што во комбинација со кус пренос овозможува забрзување до сто за само 3,9 секунди и крајна брзина од 274 километри на час. Но, кога станува збор за Lotus, овие бројки имаат само споредно значење. Тоа што не се изразува во бројки е уживањето во возењето, а тука Lotus е неприкосновен. Не изненадува тоа што Exige Sport 350 е прв Lotus што патеката во Хетел ја минува за помалку од минута и пол. Evora има повеќе коњски сили, но и носи повеќе товар на грбот.

Има и неколку детали за око во ентериерот, како шкотското каро на седиштата и вратите или отворената кулиса на мануелниот менувач со 6 степени. Се нуди и опција за автоматски менувач, но тоа не е поентата во Exige, иако во тој случај забрзувањето до сто е покусо за една десетинка. Повеќе смисла има доплатата за ковани бандажи или перфорирани сопирачки дискови, со кои тежината се намалува за уште десет килограми. Сите овие опции имаат и соодветна цена, откако во Хетел се сетија дека треба да почнат да заработуваат. Кога станува збор за цените. Exige Sport 350 чини 55.900 фунти или околу 75.000 евра. Продажбата стартува во февруари, а потоа следи и родстер изведбата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Што треба да се знае за акумулаторот на возилото

Сега ќе растат цените: Произведен последниот од 375-те примероци од McLaren P1