за

Lotus Exige Cup 430 во нелимитирано издание

Lotus Exige Cup 430

Британците како да сакаат да се пошегуваат и на напливот од модели „Limited Edition“ го пуштаат својот Lotus Exige Cup 430 во нелимитирано издание. Пеформансите и возните својства на овој чистокрвен спортист се далеку од шега.

Моторот од Evora GT430 отсега работи и во Lotus Exige Cup 430, кадешто во полесна и помала средина постигнува вистински чуда во перформансите, дури и за стандардите за Lotus. Моделот пристига како наследник на Exige Cup 380, со моќност зголемена за 55 КС и воздушни струи кои притискаат со 220 килограми врз каросеријата. За споредба, Cup 430 при 160 km/h постигнува исто толку потисок како Exige Sport 350 при 270 km/h.

Lotus Exige Cup 430 (6)

Соодносот меѓу моќноста и тежината е доведен на 407 КС на тон

Верно на марката, тежината е повторно смалена за 12 килограми, на 1.059 килограми – со опции се скусуваат уште три килограми. Со 3,5-литарски V6 со механички компресор, 436 КС при 7.000 вртежи и 440 Nm, најекстремниот Exige досега спринтува до сто за 3,3 секунди и продолжува до 290 km/h. Сопствената тест-патека во Хетел, болидот ја минува за 1:24,8 секунди. Тоа е за 1,2 секунда подобро од стандарден Lotus 3-Eleven.

„Овој автомобил нема ривали – во и надвор од неговата ценовна рамка – и не претеруваме кога кажуваме дека со овој Exige сме недостижни и на пат и на патека.“ Жан-Марк Гајлс, шефот на Lotus

Заштедата во тежината е постигната со рачно изработени компоненти од карбон: Преден сплитер, покрив, дифузор, странични прагови, заден капак и заден спојлер. Инженерите во Хетел работеа и на геометријата на подвозјето, а тука се и новите амортизери Nitron, со трикратно дотерување, во комбинација со приспособливи стабилизатори Eibach – како стандард.

Lotus Exige Cup 430 · Технички податоци

Lotus Exige Cup 430 (5)

Мотор и пренос 3,5 литри V6, механички компресор Edelbrock со ладење, Моќност 436 КС при 7.000/min, вртежен момент 440 Nm при 4.000 – 6.800/min, 6-степен мануелен менувач со ладење, подмачкување со сув картер, издувен систем од титаниумска легура

Подвозје и каросерија Алуминиумска школка, напред и назад вентилирани сопирачки дискови 332 x 32 mm и 332 mm x 26, четириклипни сопирачки клешти AP Racing, по две триаголни водилки – напред челични, назад алуминиумски, приспособливи цевни стабилизатори Eibach, амортизери Nitron со трикратно дотерување (по 24 позиции за повратен од и нискобрзински работен од, 16 позиции за високобрзински работен од), пружини Nitron, контрола на стабилност (Drive / Sport / Race / Off), контрола на тракција со 6 степени (1%, 3%, 6%, 9%, 12% slip и off), контрола на притисок во гуми, лесен литиум-јонски акумулатор, бандажи од кован алуминиум со десет краци (17″ напред, 18″ назад), гуми Michelin Pilot Sport Cup 2 (215/45 R17, 285/30 R18)

Тежина Празно возило 1.093 kg (без течности 1.059 kg) 

Перформанси, забрзување 0-100 km/h за 3,3 секунди, крајна брзина 290 km/h

Цени

  • Велика Британија £99,800
  • Германија €127,500
  • Франција €128,600
  • Италија €133,160

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

електрични автобуси jooley thomas built buses

Електрични автобуси за превоз на ученици во САД

полначи за струја

Норвешка и Италија се поврзуваат со 180 супербрзи полначи за струја