156
20 shares, 156 points

Холандската стартап компанија Lightyear претстави прототип на својот соларен автомобил со име Lightyear One. Автомобилот со досег до 725 километри веќе има достигнато сериска зрелост, а испораките треба да стартуваат во 2021 година. Цената е малку повисока од очекувањата.

Холандската компанија Lightyear попладнево го претстави својот прв соларен автомобил Lightyear One. Се најавуваат својства што заслужуваат почит. Во 2021 година ќе започне испораката на моделот што ќе се изработи во серија од 500 примероци. Според компанијата, досега се примени околу 100 нарачки.

„Денес започнува нова ера на возењето“, цени шефот и соосновач Лекс Хефслот. „Две години сонување, развој и напорна работа доведоа до оваа пресвртница, којашто не приближува до нашата мисија: Ние сакаме да постигнеме чистата мобилност да биде достапна за сите.“

Lightyear произлезе од студентска иницијатива и компанијата е основана во 2016 година од апсолвентите на Solar Team Eindhoven. Овој тим победуваше на светското првенство со соларни автомобили во организација на Bridgestone во 2013, 2015 и 2017 година. Од основањето на фирмата, Lightyear беше повеќепати наградувана, а добиваше и масивна парична помош за својата работа. Тоа овозможи компанијата за само две години да развие прототип на првиот соларен автомобил што совладува подолги релации

За да извози еден километар со умерена и постојана брзина, на Lightyear One му се потребни само 83 ватчасови енергија

Мотото на соларниот автомобил е „да се извлече најдоброто од секој сончев зрак“. Главната идеја на Холанѓаните е нивниот автомобил да биде во предност кога електричните автомобили ги достигаат своите граници. Тоа се однесува на ограничениот досег и на достапноста од полначи за струја.

Прототипот, според својот креатор, поседува „ултра ефикасност“. Во секое тркало е вграден електромотор, кој има лесна задача да го движи автомобилот со исклучително низок отпор на воздух. Досегот на Lightyear One изнесува 725 километри според новата норма WLTP. Во „убав сончев ден“, може да се извозат и 800 километри.

Уште недостигаат важни технички детали. Не се наведува, на пример, капацитетот на батеријата, исто како и добавувачите на техниката, користените електромотори во тркалата и нивната моќност. Конкретни податоци недостигаат и за продажната мрежа и за сервисирањето на идниот малосериски автомобил. Забрзувањето е скромно според стандардите на електричниот погон, со десет секунди од место до темпо сто.

Возилото е многу долго, дури 5,57 метри. Тоа е од суштинска важност, заради постигнување површина од пет метри квадратни под соларни ќелии. Овие ќелии обезбедуваат дополнителна енергија за 12 километри пат за секој час под сонце. Батеријата може да се полни и на домашна приклучна кутија со 220 волти, но и на брз полнач со еднонасочна струја.

Цената е во подрачјето на Tesla Model S

Малата серија условува висока цена за холандскиот соларен автомобил. Според денешните најави, таа ќе изнесува 119.000 евра. Сепак има веќе стотина нарачки за необичниот автомобил.

Планот е да се развијат и други модели, кои ќе бидат значително поевтини. Во компанијата моментно работат околу 100 лица. Меѓу нив има и поранешни вработени во Tesla и Ferrari. Производството ќе се одвива во Хелмонд.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

156
20 shares, 156 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *