за

Lexus UX е новата ѕвезда меѓу компактните теренци

Lexus UX

Новиот модел Lexus UX може да постигне за престижната марка на Toyota уште повеќе отколку големиот NX. Создаден како конкурент на BMW X1 и Audi Q3, од него се очекува да ја смени уличната слика којашто моментно е мошне еднолична. Но, не е сé до изгледот. Има нешто и во хибридниот погон.

Уште еден смело дизајниран теренец на Lexus се приклучува во беспоштедната пазарна трка. Претставен премиерно на салонот во Женева, Lexus UX погодува точно во сегментот кадешто се води најостра конкурентска битка, меѓу компактните теренци. Ова е првпат престижната марка на Toyota да понуди модел во оваа класа.

Lexus UX premiera 1

Изгледот во стил на поголемите модели NX и RX сигурно ќе биде силен адут на новиот UX во борба против премиум моделите BMW X1, Volvo XC40 или Audi Q3. Но, Јапонците се погрижија на својот нов модел да му обезбедат нешто екстра над конкуренцијата. Според Чика Како, која е главната инженерка на UX, „обичен кросовер немаше да биде толку интересен, па се одлучивме на купувачите да им понудиме спортско возење.“ Целта при развојот на новиот модел било да се понуди чувство на возење спортски компакт.

Lexus UX влегува во сегментот на компактни теренци од премиум марки кадешто лани се продале близу половина милион примероци или за речиси четвртина повеќе отколку една година порано

Нарачките за Lexus UX на европскиот пазар ќе стартуваат во октомври. Два месеца подоцна следува и пазарен старт во САД. Купувачите во Западна и Централна Европа ќе ги добијат своите примероци од новиот компактен теренец на Lexus во првото тромесечје од 2019 година, за пред крајот на годината да следат Русија и останатите источноевропски пазари.

Lexus UX premiera 5

Lexus UX premiera 3

Спортската управливост и динамичното возачко чувство на UX произлегуваат од крутата каросерија и ниското тежиште, како придобивки од новата платформа GA-C, користена и кај Prius и C-HR. Батеријата во верзијата со хибриден погон е вградена под задната клупа, ниско и речиси централно, што исто така придонесува за возните својства кои ги ветува производителот. Покрај тоа, вратите и хаубата се изработени од алуминиум, додека задниот капак е од композит.

Lexus UX premiera 4

Искуствата од мотоспортот се применети во аеродинамиката на каросеријата, што се забележува и во задната светлечка лента, чиишто краеви се заоблени како кај перките на уличните крстосувачи од 1950-те години. Функцијата на овие перки е да го спречи вртложењето на воздушните струи зад возилото. Тоа дава стабилност во брзи свијоци, како и отпорност на страничен ветар.

Со 180 КС во хибридната изведба, UX ќе го прошири кругот на обожуватели на погонот со две срца

Заедно со Toyota Auris, којашто исто така одбележува премиера во Женева, UX е првиот модел на Lexus што го комбинира новиот дволитарски бензинец во верзијата со хибриден погон. Со системска моќност од 180 КС, таа ќе привлече нов круг купувачи кај специјалистот за хибриден погон. Моделот со две срца ќе се нуди во верзија со преден погон или со погон на сите тркала.

Lexus UX премиерно во Женева

Специјална серија за десетгодишнината на Lexus F

Lexus NX 300h F Sport: Луксуз со двотарифно броило

Lexus LF-1 ги носи кросоверите во нова димезија

Lexus LC 500h: Пристојна манифестација на безобразно

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo P 1800 S

Овој Volvo P 1800 бил во лична сопственост на Роџер Мур

електрични автомобили Mercedes EQ Concept

Производителите вложиле пет милијарди евра во електрични автомобили