172
22 shares, 172 points

Воведувањето на електричните изведби во понудата на Toyota и Lexus понатаму ќе биде исто како што е фејслифтот кај обичните автомобили. Јапонците го владејат хибридниот погон како рутина, изведувањето на модели со погон само на струја ќе биде лесно и брзо.

Хибридниот Lexus UX 250h пред само неколку седмици ја возеше нашата редакција до најубавите предели за уживање во есента низ Македонија и ни беше добра инспирација да објавиме уште во нашата низа репортажи низ земјата. Впечатоците од првиот кросовер на марката беа одлични, тогаш оценивме, а уште сме со истиот став, дека UX е исто како знаменосецот LS да е спакуван во каросерија на кросовер, покуса за половина метар. Очигледно е дека UX е подготвен за нешто многу повеќе отколку да биде „само“ кросовер, под NX и RX.

Сега следи нова вест, со којашто се разјаснува зрелоста на кросоверот што е далеку над стандардите за компакт класата. Lexus UX на салонот во Гуанжу, Кина, премиерно се појави во изведба со погон на струја, под моделската ознака UX 300e. Сосем е природно тоа што првиот електричен автомобил на Lexus, на премиум марката со хибридите, доживува премиера на најголемиот пазар за автомобили и воедно најголем пазар за електрични автомобили во светски рамки.

New photo by Automedia MK / Google Photos

По стартот со хибридната изведба RX 400h во 2005 година, речиси деценија и пол подоцна Lexus го претставува и својот прв сериски модел што ќе вози само на струја. На неодамнешниот салон во Токио, престижната марка на Toyota ја најави стратегијата за воведување електричен погон во своите модели за светскиот пазар. UX 300h е првиот резултат од таа стратегија, по одвај повеќе од еден месец од објавата. Вообичаено за марката, Lexus ќе ги развива своите електрични модели да се издвојуваат од конкуренцијата во поглед на перформансите, управливоста, безбедноста и возачкото уживање.

Елеткричната изведба на Lexus UX беше предвидена уште во почетокот на развојот на кросоверот

Каросериската структура на UX 300e останува непроменета, што укажува дека електричната верзија била замислена уште од стартот на развојот на моделот. Со ниското тежиште на возилото, коешто произлегува од батериите што се вградени во подот, уште еднаш профитираат возните својства што обезбедуваа големо возачко уживање и контрола уште при нашето возење на хибридниот UX 250h.

Овековечени моменти од нашата есенска репортажа со хибридниот Lexus UX 250h · Фотографија Дарко Антоновски

Инженерите на јапонската фина марка ветуваат дека електромоторот во UX 300e спринтува темпераментно, а во исто време големиот капацитет на батеријата од 53,4 киловатчасови ветува досег до 400 километри, според нормата NEDC. Бидејќи системите за поврзување со паметен телефон и за пристап до онлајн-услугите се веќе вградени во самиот концепт на UX, во електричната варијанта практично е само вчитан софтверот за наоѓање на најблиските полначи и резервирање на истите.

Електричниот Lexus UX 300e започнува со продажба на кинескиот и на европскиот пазар веќе во 2020 година, за во почетокот на 2021 година да биде достапен и на јапонскиот пазар

При нашата есенска рута низ Македонија се забележуваше одличната звучна изолација на кабината на Lexus UX 250h, а сега е јасна и причината за тоа. Електричниот UX 300e ќе биде уште потивок во возење, и секаков звук однадвор би го нарушил уживањето.

Новина за возачите на хибридeн модел на Lexus ќе биде изборот од четири степени на забавување на возилото при отпуштање на педалата за возење. Во град, на пример, со избор на посилен степен на забавување, ќе може да се вози и само со една педала, а батеријата притоа ќе се полни поинтензивно при секое отпуштање на педалата за „гас“ и сопирање.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Јапонските техничари уште еднаш го нагласуваат ниското тежиште на UX 300е, посочувајќи на тоа дека и самиот погонски електромотор е вграден мошне ниско. Во комбинација со педантно изведена распределба на тежината меѓу двете оски, може да се очекуваат спортски возни својства.

Работата на амортизерите исто така е приспособена за воведувањето на електричниот погон во UX. Покрај тоа што самата батерија во подот на возилото придонесува за звучна изолација, дополнително е вграден уште еден слој материјали што го апсорбираат звукот, затоа што во тивката акустична кулиса во електричниот UX би пречел дури и звукот од ветрот, во отсуство на звукот од моторот. Наспроти тоа, вграден е генератор на звук, кој произведува „природни“ звуци, за возачот и патниците да имаат претстава за моментните услови на возењето.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Lexus подготви и мобилна апликација за UX 300e, за контрола на наполнетоста и на процесот на полнење на батеријата, како и за далечинско или програмирано вклучување на греењето или ладењето на кабината, додека возилото е приклучено на полнач.

Електричниот UX се разликува однадвор по неколку детали, меѓу другото по дизајнот на бандажите, кој е достапен само за „300e“.

Техничките податоци засега се достапни само во мал обем.

Lexus UX 300e

Електромотор
  • Позиција Напред
  • Модел 4KM
  • Моќност 204 КС
  • Вртежен момент 300 Nm
Батерија
  • Тип Литиум јон
  • Капацитет 54,3 kWh
  • Досег 400 km
  • Полнење AC Max 6,6 kW; DC Max 50 kW
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Lexus LF-30 или зошто Јапонците не мислат да се откажат од авто-салоните

 

 

 

 

 

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

172
22 shares, 172 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *