Хибриден погон во комбинација со спортски пакет. Lexus NX 300h докажува дека спортското возење не е неспојливо со погонот со две срца. Ова е всушност многу поприроден спој отколку дизел сосила да се претвора во тркачка машина. Комбинацијата е совршено заокружена со акцизниот благослов кој ја намалува цената за речиси петцифрена вредност.
Изгледот вешто го прикрива тоа, но овој Lexus е моментно најрелаксираниот автомобил на сцената. Најрелаксиран, затоа што од него никој не очекува нешто дополнително, нешто што тој веќе не го нуди. Не се чека верзија со електрифицирана погонска спрега да се приклучи во понудата, не се чека подостапна моделска серија што ќе погоди во најжестоко завојуваниот сегмент на пазарот, а најмалку се чека сервисен повик за лажираниот софтвер да се замени со пристоен хардвер за пречистување на издувните гасови. Ова е автомобил на годишен одмор, споен најмалку десеткратно.
Lexus NX е електрифициран точно колку што е потребно и погодува исто толку точно во пазарното жариште коешто е суштинско за производителите, заради угледот и профитот. Што се однесува до издувните гасови, под хаубата на овој автомобил никогаш во историјата не проработел дизел, од когошто носечките европски пазари веќе почнуваат да се оттргнуваат како од средновековна чума. Всушност, NX си е толку доволен сам на себе со хибридниот погон, што втора, трета или којзнае каква погонска опција би била апсолутен вишок. Вистина, постои уште една опција, но кому воопшто му е грижа за тоа. Ако е NX, тогаш е NX 300h.
Позицијата што Lexus NX 300h ја ужива на пазарот е исто како електричен Golf да се продава повеќе од обичен, како Tesla Model 3 да се произведува во повеќе од илјада примероци месечно или како Французите повторно да имаат лимузина од врвна класа што ќе им парира на германските – со „единствената“ разлика во тоа што NX е реалност
На улица, сите го препознаваат како Lexus, за што и не е потребна особена умешност, покрај изгледот на концептен автомобил пребегнат од салонски штанд. Препознатливоста оди дотаму, што оние возачи кои улиците ги доживуваат како арена за одмерување на силите, се наоѓаат провоцирани покрај безгрешноста што им ја зрачи овој автомобил. Овој негерманец што го нема по плацевите каде што извира Дунав, погодува во кревките возачки суети. Човек спокојно си го тера патот, кога одненадеж ќе забележи разноразни туарези од прво колено и кајени на турбогас како јуришаат за први да се наместат пред семафор. На почеток чудно, потоа смешно. И тотално бесполезно.
А, на типичниот возач на Lexus најмалку му е дојдено да воспоставува нормален ред и поредок околу. Доволно забава има и на возачкото место. Всушност, многу повеќе од доволно и многу повеќе отколку во автомобилите што го облетуваат. Во третата година од неговото пазарно присуство, NX пристига по малку поразличен. Нов изглед на маската, браниците и нова функционална распределба во диодните светла, трепкачи со диоди што се вклучуваат едноподруго, неколку нови дизајни на бандажи, и готово.
Фејслифтот е традиционална вештина на јапонските марки, но ретко останува само на пеглање брчки
Ниту оддалеку не е готово. Тоа што некогаш беше специјалност на јапонските производители и веќе подолго време е несоодветно да се нарече фејслифт, во новото моделско годиште на Lexus NX носи и неколку промени во подвозјето. Со новиот заден стабилизатор кој е покрут за 22 проценти, намалено е страничното навалување на каросеријата во свијоци. Тоа повлече и промени во речиси сите компоненти на подвозјето, почнувајќи од фино дотерување на пружините на обете оски, на зглобовите и во монтажата на компонентите. Намерата беше да се постигне повисока стабилност, како во свијоци, така и при држење правец. По ланскиот тест на NX и есенскиот перформанс на LC 500h, нема сомнежи дека на техничарите во маркава им успеваат намерите.
Светот ги познава Јапонците како гостопримлив народ. Ова взаемно уживање во чинот на пречекување и нагостување е истренирано и испорачано како дел од сериската опрема на автомобилов. Кога диодите во рачките на вратите ќе го осветлат просторот под вратите веднаш штом сензорите ќе го здогледаат сопственикот, на човек му доаѓа веднаш да ги собуе чевлите пред порти. Во исто време светнува и сензорското поле во средишната конзола, како недвојбена покана да се влезе во NX.
Дисплеите поголеми, копчињата помали, но и преработено сензорско поле
Освежувањата во внатрешноста се однесуваат главно на средишната конзола: За еден инч поширок дисплеј, поголем аналоген часовник, а помали копчиња за комплетно преработеното контролно поле за климатизацијата. Причината зошто новите копчиња повеќе се украсни отколку робусни лежи веднаш под дланката: Таму се наоѓа сензорското поле за ракување со климатизацијата и со речиси сите функции, преработено, со повратна вибрација и полесно за интуитивно ракување. Класичното ракување, практично е алтернатива.
Во ентериерот се сменети и неколку бои и материјали, додадени се фунти во завршната изработка на некои детали. Генерално, пријатно е, премиумот се чувствува. Дотаму се чувствува, што мириса и пулсира. Затоа пак, на фините детали, како што се ситните букви „L“ во релјефот на преклопниците за климатизацијата, им се спротивставуваат сокриени и речиси самоволно расфрлени прекинувачи за споредните функции во просторот под воланот. Тука се отвора задниот капак, се вклучува греењето на воланот, се дотерува и „бустот“ кој прави звукот на моторот повеќе да се слуша во кабината. Првично грдото поле за аудио-контроли веќе станува симпатично, NX би изгубил душа без него. Всушност, стратезите на маркава како намерно да ги вградиле овие несовршености. Симпатичното обично е поубаво од совршеното.
Lexus го нарекува погонот самополнечки хибрид, ние го нарекуваме лексусен
Неколку копчиња сепак не можат да му одземат на Lexus таму каде што е најсилен. Во погонот. Во чувството во возење, исто така. Зборот хибриден толку се има сврзано со маркава, што повеќе личи да се замени со лексусен. Аналогно на тоа, тојотен кај Toyota.
Тоа што NX го докажува повторно: Суштината на лексусниот погон не е во комбинацијата со електромотор, односно два во овој случај, туку во координацијата, во хармонијата во возењето. Тука се чувствуваат дваесетте години созревање на погонот со две срца. Поточно, ништо не се чувствува. Во своите најубави години, хибридниот погон не дозволува возачот во ниту еден момент да биде свесен каква точно погонска комбинација се има вклучено долу под подот.
Со двата електромотора, а тоа значи и со двата генератора, кои ги полнат батериите при секое сопирање или одземање гас, NX 300h може почесто и подолго да вози само на струја. Возачот не треба да биде изненаден кога ќе забележи дека светилката во инструментите сигнализира погон на батерии, во моменти кога се вози и побрзо од 80 километри на час. Тоа се релативно куси растојанија, кога електромоторите потпомагаат да се одржи темпото. Како ветар во грб.
[tie_slideshow]
[tie_slide]
ТЕХНИЧКИ ПОДАТОЦИ · Lexus NX 300h
Мотор |
Бензиски (2AR-FXE), 2494 ccm, 4 цил., работа во еткинсонов циклус, Dual VVT-i |
Степен на компресија |
12,5 : 1 |
Пречник и од на клип |
90,0 х 98,0 mm |
Системска моќност |
197 КС |
Моќност на бензински мотор |
155 КС при 5700 / min |
Вртежен момент на б. мотор |
210 Nm при 4200 – 4400 / min |
Моќност на преден електромотор |
143 КС |
Врт. момент на преден електромотор |
270 Nm |
Моќност на заден електромотор |
68 КС |
Вртежен момент на заден електромотор |
139 Nm |
Забрзување 0-100 km/h |
9,2 s |
Меѓузабрзување 80 – 120 km/h |
7,3 s |
Максимална брзина |
180 km/h |
Трансмисија |
Автоматска, безстепена E-CVT |
Потрошувачка, комбиниран циклус |
5.1 – 5.3 L/100 km |
CO2 емисија, комбиниран циклус |
117 – 123 (116 – 121) CO2 / km |
Погон |
Автоматски погон на сите тркала (E-FOUR All-Wheel Drive) |
Багажник |
475 – 1520 L |
Должина | Ширина | Висина |
4630 x 1845 x 1645 mm |
Меѓуоскино растојание |
2660 mm |
Растојание од подлога |
185 mm |
Агол на пристап / агол на излез |
17,2 / 24,5 |
Сопствена маса |
1785 – 1905 kg |
Резервоар за гориво |
56 L |
[/tie_slide]
[tie_slide]
СЕРИСКА ОПРЕМЕНОСТ
(во основното ниво Business, извадок од сериската опрема)
- Aлу-бандажи 17”
- Електрично собирање на ретровизори
- Тонирани стакла со UV-заштита и топлинска изолација
- Селектор за избор на режим на возење: ECO / NORMAL / SPORT
- Режим на возење EV – електричен автомобил (Hybrid)
- Хибридна инструментална табла во боја со двоен режим (Eco/Normal и Sport)
- Темпомат
- Средишен дисплеј 8“
- Touch Pad – сензорен маус
- Премиум аудиосистем Pioneer со 8 звучници
- USB х2, AUX, Bluetooth
- Автоматски клима уред, 2-зонски
- Стартување на моторот со копче
- Текстилни седишта
- Кожен, мултифункциски управувач со 3 краци
- Команди на управувачот за мануелно менување на брзините
- Менувач обложен со кожа
- Електрохроматски внатрешен ретровизор
- Автоматски бришачи и светла
[/tie_slide]
[tie_slide]
Дополнително во F SPORT
(извадок од сериската опрема, дополнително на опремата во основниот пакет Business)
- Предупредување за попречен сообраќај при возење наназад
- 18″ F Sport затемнети алуминиумски тркала со 5 двојни краци и гуми 235/55 R18
- Специјална F Sport зајакната суспензија
- Active Sound Control систем кој генерира звук на спортски мотор во кабината
- Bi-LED, кратки и долги светла со “L-design”
- F SPORT надворешен пакет
- F SPORT внатрешен пакет (перфорирани спортски алуминиумски педали, алуминиумски прагови на предните врати, спортски управувач и рачка на менувач во перфорирана кожа, електрично местење на управувачот, грејач на управувач, кожни спортски седишта, декоративни шевови на седиштата и инструмент таблата)
- Електрично прилагодување на лумбалната потпора на седиштето на возачот
- Безжичен полнач за мобилни телефони
- Електрично, автоматско отворање / затворање на вратата на багажникот
- “Kick” функција за безконтактно отворање на багажникот
- Паркинг сензори напред и назад
- Греачи на предните седишта со 3 степени
- Електрично прилагодување на предните седишта во 8 насоки
- Дополнително затемнето задно стакло и странични задни стакла
- Прскалки за чистење на фаровите
- Автоматско отклучување / заклучување со допир на рачките на вратите
- Задна камера во боја
[/tie_slide]
[tie_slide]
Цени · Lexus NX 300h
Пакет на опрема |
Цена (во евра) |
Business (FWD) |
43.000 |
Business (AWD) |
44.000 |
Business Plus |
46.000 |
Luxury |
51.000 |
F Sport |
54.000 |
President |
60.500 |
[/tie_slide]
[/tie_slideshow]
Наспроти тоа, кога возачот сам ќе го вклучи погонот на батерии, брзината не смее да пречекори 50 километри на час. Во тие моменти речиси махинално се посегнува по темпоматот, но залудно. Оваа функција е ускратена во EV, и бесмислена е. NX 300h може да извози на батерии повеќе од километар, со полна возачка концентрација. Но, зошто? Зарем не е поедноставно кога возачот може да си тера како што намерил, а интелигенцијата на погонот да се грижи околу ефикасноста?
Lexus NX 300h ќе потроши помалку бензин, отколку неговите соперници дизел
Уште пред цела една генерација на Prius, „тојотниот“ погон го има достигнато стадиумот, потрошувачката на гориво да варира незначително со менувањето на динамиката на возење. Тоа значи, без разлика дали возачот гледа да скуси неколку минути од патувањето или се труди да ја држи стрелката на „еко“, потрошувачката ќе се промени помалку отколку кај обичниот погон.
Декларираните пет литри се остварливи доколку возачот се реши на таков подвиг со теренецов тежок близу два тона. Заради задоволство. Во реални услови, осумка пред запирката е речиси загарантирана. По желба, седумка исто така. Според тоа, Lexus NX 300h ќе потроши помалку бензин, отколку неговите соперници дизел. Отпаѓаат и типичните дизел-проблеми, како чувствителни турбополначи, затната рециркулација на издувните гасови или збудалени сензори за воздух. За батеријата следува десетгодишна бесплатна грижа, а за возилото шестгодишна гаранција, односно гаранција до 200.000 километри.
Само префинетата опрема во пакетот F Sport вреди колку градско автомобилче
Штом е така, NX 300h нека плови со полни едра. Во верзијата F-Sport. За точно 10.000 евра над основното ниво следуваат бандажи од 18 инчи со темен финиш, спортско подвозје, двојни диодни светла, посебни каросериски елементи со спортски нагласок и класичното трио од алуминиумски педали, спортски волан и спортски контурирани седишта. Меѓу многуте плус детали спаѓа и отворањето на задниот капак со замавнување со стопало под браникот.
Вака спортски дотеран и опремен, F Sport го исполнува тоа што го ветува. Управувањето реагира попрецизно отколку пред фејслифтот, повратните сили се точно одмерени, NX се мести пред свијок без потреба од корекција на правецот поголема од очекуваното. Нема „суви“ удари од амортизацијата и покрај осетната спортска нота, а задниот електромотор се вклучува во истиот момент кога се очекува да реагира контролата на стабилноста, продолжувајќи ја резервата што ја поседува подвозјето.
Во ваква средина, единствено може да се посака петлитарскиот V8 под хаубата, за уште еден вистински „F“, за NX F. Хибрид или навиен V8? Можеби нешто помеѓу. На пример, NX со погонот од LC 500h. Јапонците само грубо најавија дека во следните години ќе бидат претставени повеќе спортски модели со хибриден погон. Меѓу другото. NX е одлична база за тоа.
[FAG id=30576]
Lexus NX стартува во освежено моделско годиште на македонскиот пазар