Нови модели

Lexus NX стартува во освежено моделско годиште на македонскиот пазар

Бестселерот на Lexus добива уште малку помош да ги престигне конкурентите во класата

Хибридниот погон и опаѓањето на интересот за дизелите на европскиот пазар му го отвораат патот на Lexus NX. Престижната марка го освежи теренецот од средната класа, со помалку промени во изгледот, а повеќе финеси во опремата и комфорот. Останува ценовната предност поради ослободувањето од акциза.

Најмалечкиот теренец на Lexus, при што најмалечок се однесува на возило долго 4,63 метри, веднаш се проби како бестселер на марката, откако продажбата стартуваше во 2014 година. На светскиот пазар досега се продадени повеќе од 80.000 примероци, додека во Европа, едно од секои три продадени возила е Lexus NX. На главните европски пазари, како Франција, Шпанија и Италија, Lexus NX веќе им вози во браник на конкурентите Audi Q5 или Mercedes GLC.

Со моделското освежување, Lexus NX е на пат двојно да ја зголеми продажбата на марката на европскиот пазар до 2020 година

Колку и да е важен овој теренец од средната класа за продажбата на Lexus, тој мораше да остане во сенка, кога пристигна во пар со луксузното купе LC во салонот во Скопје. Веројатно и новата генерација на знаменосецот LS ќе останеше во сенка покрај спектакл мајсторот од Мотомачи. Впечатоците од хибрид-спортистот Lexus LC 500h веројатно стивнале во меѓувреме, NX може да го преземе воланот.

Lexus NX 300h 3

Пристигањето на освеженото моделско годиште на „малечкиот“ теренец на Lexus се случи само неколку денови по стартот на продажбата на носечките пазари во Европа. Разбирливо е тоа што дизајнерите само малку ги прочепкаа линиите на NX, кој пред три години изгледаше како концептен автомобил да побегнал од салон. Денес, исто така.

Двојни диодни светла и „анимирани“ трепкачи во секој Lexus NX

Со мал оптички зафат уште толку се нагласува масивната диаболо-маска. Хоризонталните лајсни во маската стануваат пошироки како што се спуштаат кон спојлерот, а зголемено е и растојанието меѓу елементите на маската. На тој начин, освежениот NX изгледа поширок и повеќе спуштен на патот. Големите и длабоко засечени отвори за воздух во браникот даваат мускулеста нота и воедно се најлесен знак за распознавање на новото моделско годиште. Исто како и досега, спортската верзија F Sport настапува со различни стилски елементи што ја нагласуваат динамиката. Собореното и долгото светло користат диодна техника, исто како и трепкачите со светлечки сегменти што се вклучуваат едно по друго.

Lexus NX 300h 2

Дисплејот во средишната конзола порасна на 8 инчи, односно на 10,3 инчи кај изведбите со навигација. Ракувањето е преку допирната површина во конзолата меѓу седиштата, којашто исто така е поголема и полесна за ракување. Повеќе простор има и во лежиштето за безжично полнење на паметен телефон.

Хибридниот погон е „сериска опрема“ на Lexus NX. Тука нема интервенција, погонската спрега и натаму нуди системски 197 КС против 1785 килограми. Забрзувањето до сто трае 9,2 секунди, што е потврда за динамиката. Крајната брзина е ограничена на 180 километри на час. За преносот на силата е задолжен вообичаениот безстепен менувач со напредна контролна логика.

Десет илјади евра разлика во цената во споредба со дизел со исти перформанси

Погон само на предната оска е достапен единствено за основното ниво Business, со цена од 43.000 евра. Погонот на сите тркала е достапен веќе за 1.000 евра повеќе. Голем број ставки се додадени во стандарната опрема, наспроти претходното моделско годиште: Диодно соборено и долго светло, диодни магленки и пристапни светла во рачките на вратите, диодни трепкачи со секвенцијално вклучување, темпомат, дисплеј зголемен на 8 инчи, волански команди за менувачот, сензор за дожд и самозатемнувачки внатрешен ретровизор.

Lexus NX 300h

Цена (во евра)

BUSINESS (FWD)

43.000

BUSINESS

44.000

BUSINESS PLUS

46.000

LUXURY

51.000

F SPORT

54.000

PRESIDENT

60.500

  • LEXUS 6 ГОДИНИ | 200.000 КМ ГАРАНЦИЈА
  • LEXUS 10 ГОДИНИ БЕСПЛАТНА ГРИЖА ЗА ХИБРИДНА БАТЕРИЈА.

Технички податоци · Lexus NX 300h

  • Погонска технологија: Сериски-паралелен хибрид
  • Бензински мотор: 2494 ccm, 4 цилиндри
  • Системска моќност: 197 КС
  • Моќност на бензински мотор: 155 КС
  • Вртежен момент на бензински мотор: 210 Nm при 4200 – 4400/min
  • Моќност на преден електромотор: 143 КС
  • Вртежен момент на преден електромотор: 270 Nm
  • Моќност на заден електромотор: 68 КС
  • Вртежен момент на заден електромотор: 139 Nm
  • Забрзување 0-100 km/h: 9,2 s
  • Максимална брзина: 180 km/h
  • Трансмисија: Автоматска, безстепен E-CVT
  • Потрошувачка, просе: 5,1 – 5,3 L/100 km
  • Емисија на CO2 емисија, просек: 117 – 123 (116 – 121) g/km
  • Погон: Автоматски погон на сите тркала (E-FOUR)
  • Багажник: 475 – 1520 литри
  • Должина | Ширина | Висина: 4630 | 1845 | 1645 mm
  • Празно возило: 1785 – 1905 kg

 

Извадок од стандардната опрема на Lexus NX во основното ниво Business

  • Двојни диодни светла (кратки и долги светла)
  • Диодни магленки и дневни светла, диодни трепкачи
  • Систем за одмрзнување на ветробранот
  • Алуминиумски тркала од 17 инчи со гуми 225/65 R17
  • Темпомат
  • 8“ LEXUS MEDIA DISPLAY
  • Допирна површина за управување со Lexus Media Display
  • Pioneer® премиум аудиосистем со 8 звучници
  • Двозонски, автоматски клима уред
  • Smart Start систем за автоматско стартување на моторот со копче
  • Електрохроматски внатрешен ретровизор
  • Автоматски предни бришачи со сензор за дожд
  • LED индивидуални предни светла за читање со активација на допир
  • Избор на режим на возење ECO / NORMAL / SPORT
  • Хибридна инструментална табла во боја со двоен режим

    По цена од 46.000 евра следува нивото Business Plus, дополнително со безжичен полнач за телефон, пристап без клуч, камера за рикверц, прскалки за предните светла и алуминиумски финиш во кокпитот. Дури и во нивото Luxury се интервенирало за уште повеќе луксуз, со отворање на багажникот при замавнување со стопало, греење на воланот, озвучување со 10 звучници и средишен дисплеј од 10,3 инчи.

    Lexus NX 300h 4

    Стилски препознатливиот F-Sport, во новото моделско годиште добива систем за предупредување при објект во движење зад возилото, активен генератор на звук за поубедлива звучна кулиса во кабината. За последното ниво на луксуз е задолжен President, отсега со грејачи во задните седишта и проекциски дисплеј во боја. Заедно со мајсторски изработено шимамоку-дрво во кабината, климатизација во седиштата, сончев покрив, приспособлива суспензија, озвучување Mark Levinson или автоматско вовлекување на воланот, „претседателскиот“ Lexus NX чини најмногу 60.500 евра.

    Само два модела со хибриден погон во премиум сегментот

    Од конкурентите во премиум сегментот, хибридниот погон е достапен само кај Mercedes GLC 350e и Volvo XC60 T8 Twin Engine. Германците и Швеѓаните му даваат поразличен пристап на погонот со две срца и ги позиционираат овие модели како изведби со високи перформанси. Mercedes вози со 320 КС, додека Volvo мобилизира дури 408 КС. Тоа дополнително ја зголемува ценовната разлика со Lexus NX, покрај повисоката цена што произлегува од плаг-ин хибридниот погон. Според македонскиот ценовник, GLC 350e чини 56.940 евра. Ефектот од акцизното ослободување се забележува и тука.

    Тест: Lexus NX 300h Luxury

    Во споредба, пак, со моделите со дизел мотор, Mercedes GLC 220d стартува од 54.880 евра, Volvo XC60 D4 од 52.990 евра. Тоа се 10.000 евра повеќе отколку за Lexus NX 300h. Јапонците имаат уште една понуда во ракавот: Toyota RAV4 Hybrid за 36.990 евра, вклучувајќи го топ-нивото на опрема Executive.

    Ознаки
    loading...

    Слични објави

    Напишете коментар

    Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

    Откриен е Adblock

    Ќе ни помогнете доколку ја исклучите вашиата блокада за реклами

    Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3729