за

Овој Lexus можеше сам да се довезе до салонот во Токио

Lexus LS plus concept

Lexus LS+ Concept ја најавува технологијата на автономно возење којашто престижната марка на Toyota ќе започне да ја вградува на преминот во следната декада. Концептниот автомобил добива придружба од специјална серија во чест на јубилејот на спортските верзии „F.

На Салонот во Токио низ историјата се имаат појавено најнеобичните и најфутуристички студиски автомобили, веројатно повеќе отколку на било која друга сцена за автомобилски премиери на планетава. Појавувањето на Lexus LS+ Concept на 45-то издание на салонот не отстапува од традицијата на иновирање и експериментирање. Разликата во однос на порано е во тоа што техничарите ја скусија временската разлика со иднината. Овој концептен LS+ се појавува со технологија за автономно возење, којашто ќе се вградува во Lexus веќе во 2020 година.

Lexus LS+ Concept ветува уште едно поглавје на дизајнерско „лудило“

Проблемот со премиерите на автономните возила е во тоа што нивните способности не можат да се прикажат директно на сцената на салонот. Но, лесно може да се замисли дека Lexus LS+ Concept е способен самостојно да се довезе до локацијата на Токио Мотор Шоу. Марката ги развива функциите на автономното возење како дел од заеднички безбедносен концепт, којшто ќе придонесе возењето да стане побезбедно и покомфорно, со нула жртви во сообраќајот. Денешните модели на Lexus веќе користат автономни системи при возење во град, следниот чекор е препуштање на воланот на автопат.

Lexus_LS_plus_Concept 3

Сета оваа сензорика и интелигенција во возилото е невидлива, па затоа стратезите на марката ја искористија пригодата и со LS Concept+ ја прикажуваат и еволуцијата на дизајнерскиот правец на Lexus, на „ел-финес“. Највпечатливите белези на концептниот автомобил се маската со масивни преклопливи ламели коишто се грижат за оптимално ладење и за аеродинамиката, како и светлата со ласерска техника, и напред и назад.

Lexus_LS_plus_Concept 2

Автономното возење влегува во серија во 2020 година, како дел од концептот „Highway Teammate“. Системот помага при следење и менување на сообраќајната лента, а самостојно го одржува и растојанието од возилото напред. Новите функции ќе се вчитуваат како софтверски апдејт, преку поврзување со дата-центарот. Системот самостојно учи и ги обработува новите информации за патиштата и инфрастуктурата.

Lexus_RC_F_SE 1

Lexus ја одбележува и десетгодишнината од воведувањето на првиот IS F, како предводник на серијата спортски модели на марката. Верзиите под знакот на F придонесоа имиџот на Lexus да добие динамична нота. За одбележување на јубилејот се појавуваат специјални серии од спортското купе RC F и лимузината GS F.

Lexus_RC_F_SE 2

Јубилејните модели добиваат врвни спортски амортизери, лесен издувен лонец од титан, неколку екстра компоненти од карбон и делови од каросеријата во мат сива боја. Во внатрешноста доминира „Heat blue“, заштитната боја на F-верзиите на марката.

Специјалните модели во лимитирана серија ќе стартуваат со продажба во Јапонија напролет.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mazda Kai

Mazda Kai ја најавува новата тројка за 2019 година

Reliant Robin 1968 Only Fools and Horses Del Boy Rodney

Го препознавате овој автомобил?