за

Во Lexus би се навредиле ако LS се нарече „јапонски S-Class“

Во Lexus би се навредиле ако LS се нарече „јапонски S-Class“
Во Lexus би се навредиле ако LS се нарече „јапонски S-Class“

Lexus LS доживеа моделско освежување. Тоа што на друго место би се сведувало на нови браници и нов волан, кај јапонскиот знаменосец носи комплетно нов автопилотски систем. Носи и усовршување до најситен детал, од нови стабилизатори, до ново шиење на седиштата.

Овој автомобил е Lexus, тој е срцето на марката. Од неговиот предок од 1989 година почна да се развива марката. Тоа значи дека први беа понудени најскапите и најпрестижните автомобили, па дури потоа во понудата на марката постепено се воведуваа помалку скапи и помалку престижни модели.

Вкупната продажба на престижната лимузина оттогаш достигна 870.000 примероци, во повеќе од 90 држави ширум светот. Од 2017 година, техно-крстосувачот е присутен во актуелната, петта генерација. За јапонските инженери и менаџери, тоа значи дека е време за освежување. Нагласокот беше ставен на усовршување на комфорот, на натамошно стишување и општо на префинетоста на автомобилот.

Преземени се неколку зафати и во подвозјето, главно во фино дотерување на работата и усовршување на дел од компонентите, со цел да се постигне повисока возна динамика. Во Lexus не се ни обидуваат да ги набројат сите промени што се извршени. Но, затоа треба да се има на ум, дека ова и натаму е марката во којашто се внимава дури и на начинот на шиење на облогите на седиштата – за тоа пишувавме во нашата ланска репортажа со Lexus UX 250h.

Клучните зафати во усовршувањето на Lexus LS

  • Нов вид соленоид за приспособливата амортизација овозможува помеко придушување на ударите, но тоа е компензирано со покрути стабилизатори. Нови држачи на моторот го смалуваат пренесувањето на вибрациите до кабината.
  • Облогите на седиштата имаат сменета опшивка, а во седиштата се додадени подрачја од мек уретан.
  • Батеријата асистира подолго при забрзување кај хибридниот LS 500h, со цел да се постигне уште поголема рамномерност.
  • Кај изведбата со V8 се преземени зафати во логиката на автоматскиот менувач.
  • Во двете погонски изведби се користи активен систем за потиснување на звуците, за поголема тишина во кабината.

Новиот автопилот Teammate ја следи лентата, одржува растојание од возилото напред, се престројува и престигнува други возила.

Во развојот на автопилотот што Lexus го нарекува „Teammate“ се внимавало на пет карактеристики: Перцепција, интелигенција, интеракција, доверливост и надградба. Сето тоа во најкуса форма, значи дека автопилотот на LS се приспособува според околината, ја предвидува позицијата на возилото, го пресметува следењето на лентата и извршува низа задачи што го ослободуваат возачот веднаш откако автомобилот ќе се најде на автопат. Многу се внимавало на можноста за надградба и освежување на софтверот на Teammate со текот на времето.

Од моделското освежување на RX пристига технологијата BladeScan, односно супернапреден систем што го приспособува светлосниот сноп според сите можни услови и ситуации во возењето. Повеќе за технологијата имаме објавено на оваа врска.

Боја што е инспирирана од отсјајот на месечевата светлина врз морето за време на полна месечина

Уште еден новитет во боите е „Gin-ei Luster“, по пример на традиционалното јапонско занаетчиство. Бојата е создадена со цел да се нагласат улогата и вредноста на LS како знаменосец на Lexus. Инспирација бил отсјајот на месечевата светлина врз морската површина, кој е посебен неколку денови пред, за време и по полна месечина.

Новата боја „Gin-ei Luster“ се нанесува со посебна технологија, односно со т.н. сонична метода, со таложење на алуминиумска пареа. Притоа се постигнува исклучителна густина на слојот и мазна површина налик на огледало, како и ефект за голема длабочина на површинскиот слој. Сето тоа произведува впечатлива игра на нијанси и сенки. Со истата перфекција, за внатрешноста првпат е достапна верзија „Nishijin & Haku” (хаку е јапонски збор за метален лист”).

Секако дека е интервенирано и во надворешноста. Има промени во дизајнот на предниот браник, заедно со хромираните лајсни на дното на браникот. Светлата се редизајнирани, согласно новата технологија BladeScan, со нагласок на формата во L. Воедно и решетката на марката е лакирана во потемна металик нијанса. Исто толку суптилни опромени има и во задниот дел. Посебна приказна е изведбата F Sport, кога сите овие детали добиваат на динамика, вклучувајќи и масивни бандажи од 20 инчи.

Што се однесува до споредбата во насловот, колку LS и S-Class да следат исти принципи и имаат исти цели, толку се дијаметрално различни. Дебатата, дали Mercedes или  Lexus, никогаш не постоела во кругот на купувачите на автомобили од овој ранг. Или едното, или другото. И така, до навек.

Какво е Вашето мислење

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Коментари

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вчитувам

0

Смена на врвот на Skoda

Toyota Corolla 2019 Hybrid Sedan test

Топ 10 Најпродавани автомобили во светот лани