за

Lexus LC во Скопје демонстрираше врвна уметност во создавањето автомобили

lexus lc skopje

Уште едно поглавје на хибридниот погон е прикажано пред македонската публика под знакот на Toyota, поточно на нејзината престижна марка Lexus. Но, ова поглавје е малку поразлично. За првпат се случува хибридот да биде во сенка на автомобилот. Такумите во Мотомачи го изработија гран-туризмото Lexus LC коешто конкурентите не би сакале да го видат во своја близина.

Во Lexus одново ги подредуваат коцките што го сочинуваат врвот во автомобилската индустрија. Речиси си поигруваат. Откако Lexus LFA пред седум години буквално ги преплаши спортските купеа и наведе голем број ентузијасти да го сменат знакот на својот предмет за обожување, од истата „уметничка работилница“ во Мотомачи сега пристига LC. Најкусата дефиниција за моделот би била: Тоа што LS е во споредба со луксузните лимузини во високата класа, ова „Luxury Coupe“ е за гран-туризмо купеата во сегментот над 100.000 евра. Според менаџерите на марката, формулата гласи: LC е 80% од Lexus LFA за 20% од неговата цена.

Lexus LC 500h Skopje 4

Релативно кусо по почетокот на тест-возењата на поголемите европски пазари, Lexus LC се појавува и во Македонија. Мисијата на купето е јасна. Ова е параден коњ што треба да се покаже, екстра-полнење адреналин во имиџот на марката што е репрезентативна не само за Toyota, туку и за целата јапонска автоиндустрија.

Lexus LC ќе гостува извесно време во салонот во Скопје, но веројатно не предолго – ова гран-туризмо е магнет за внимание

Lexus уште во 2012 година ја најави намерата за комплетна дизајнерска пресвртница, преку концептниот LF-LC. Купето во речиси неизменета форма сега се појавува како сериски автомобил. Кај оваа марка сепак не може да мине само со нов дизајн. Покрај верзијата LC 500 со петлитарски V8, во гамата на купето влегува LC 500h, како прв хибриден модел на Lexus со повеќекратна трансмисија. Оваа верзија на хибридниот погон ќе се користи за сите идни спортски модели во гамата на Lexus.

Lexus LC 500h Skopje 6

Тркачот на долги релации со 2+2 конфигурација на седиштата е прв модел на Lexus што ја користи новата платформа на модели со заден погон. Истата платформа, во продолжена верзија, се користи кај лимузинскиот знаменосец LS. Таа е една од најнапредните платформи во индустријата, којашто овозможува рационално искористување на просторот во комбинација со ниска тежина и ниско тежиште.

Суперспортски автомобил во душата, комфорен крстосувач по желба

Хаубата и крилата се изработени од алуминиум, истиот материјал се користи и за обложување на карбонската рамка на вратите, задниот капак е од фиберглас зајакнат со карбон, а како врв, покривот е изработен од карбон. Тоа е само еден дел од фасцинацијата со којашто е изработен овој автомобил и речиси незначителен дел од фасцинацијата со којашто се доживува LC.

Речиси и не постои детал во изгледот што може да се поврзе со друг автомобил, а не отсуствува ниту симболиката со којашто Јапонците практикуваат да посочат на различната култура и историја. И фасцинантна, секако. Покрај Lexus LC, човек посакува да прозбори јапонски.

Во меѓувреме Lexus LC 500h беше на тест-возење во редакцијата на Automedia.mk, впечатоците следат наскоро.

[FAG id=29184]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Dallara Stradale

Dallara Stradale за вистинските уживатели во возењето

torrot velocipedo

На струја може да се вози и на три тркала