170
23 shares, 170 points

Производителите по 2025 година ги чекаат уште построги норми за издувните гасови. Но, тие видоа шанса во предложените измени во законските барања и не пропуштија да ја искористат

Комисијата на ЕУ се сомнева дека производителите на автомобили повторно мамат околу издувните гасови. Овојпат не станува збор за вградување недозволени уреди со коишто лажно се прикажува почиста емисија на штетни материи од вистинската, како што е случај во дизел-скандалот, туку за спротивен случај. Сега лажно се прикажува повисока емисија на СО2 од реалната. Манипулациите се преземаат уште сега, со цел полесно да се исполнат барањата за емисија на штетни материи коишто ќе важат за автомобилите дури во следната деценија. Актуелниот предлог на европската комисија е просечната емисија на СО2 од возилата да се намали за 15% до 2025 година, а потоа за 30% до 2030 година.

Тоа како да ги наведе производителите на автомобили да постапуваат спротивно од досегашната практика. Според Комисијата, некои производители извршиле преправки на возилата за тестирање, со цел вредностите за издувните гасови да бидат повисоки од вредностите што моторот може реално да ги постигне.

Зошто производителите одеднаш сакаат да имаат повисока емисија на штетни материи?

Причина за необичната практика на автопроизводителите е новиот начин за одредување на лимитот за емисијата на штетни материи, којшто ќе се воведе во иднина. Првпат ќе се бара од производителите на автомобили да постигнат процентуално намалување на емисијата на СО2 на своите модели. Досега важеше фиксна дозволена вредност, еднаква за сите.

Од 1-ви септември, сите нови автомобили мора да се тестираат според новата норма за мерење на потрошувачката на гориво и на емисијата на штетни материи WLTP. Со неа се добиваат вредности на потрошувачката на гориво што се поблиску до реалноста. Според старата норма NEDC, отстапувањата меѓу реалноста и фабричките вредности надминуваа 40 проценти кај голем број модели.

Бидејќи со новиот циклус за тестирање се добиваат повисоки вредности за потрошувачката на гориво, производителите на автомобили мора да преземаат дополнителни мерки за да ја намалат емисијата на штетни материи, односно за да останат под лимитот. Поради тоа, Комисијата на ЕУ одлучи да им ја олесни работата на производителите и да не поставува фиксен лимит по 2020/2021 година, туку процентуално да ја ограничува емисијата на штетни материи.

Декларираните вредности на емисијата на СО2 се повисоки за 5% од реалните

Вредноста на емисијата на СО2, што ќе се добие според новиот циклус WLTP, ќе служи како референтна вредност за процентуалното намалување што треба да се постигне до 2025, а потоа и до 2030 година. Тоа значи: Ако се стартува со вештачки зголемена вредност, ќе има и помалку за намалување.

Според документацијата со којашто располага Комисијата, емисијата што моментно ја наведуваат производителите е за околу пет проценти над вистинската вредност. Тоа е само просекот. Кај некои модели е забележано зголемување и до 11 проценти. Податоците се добиени од експертите на истражувачкиот центар, којшто работи во рамките на Комисијата на ЕУ и изврши проверки на резултатите од тестирањето на преку 100 модели во повеќе држави во Унијата. Резултатите беа објавени неодамна во британскиот „Фајненшел Тајмс“.

Врз податоците што се добиени преку работата на истражувачкиот центар се темели сомневањето дека производителите на автомобили во моментов вештачки ја зголемуваат емисијата на штетни материи на своите модели, што им дава комоција полесно да го постигнат бараното процентуално намалување на штетните гасови за 15% до 2025 година, односно за 30% до 2030 година. За тоа ќе бидат доволни неколку едноставни (и евтини) зафати во техниката. Тоа им оди во корист на производителите, но не и на животната средина.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

170
23 shares, 170 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *