за

Land Rover останува „англискиот пациент“, иднината е неизвесна

land rover defender voda
land rover defender voda

Во овие предизвикувачки времиња за автоиндустријата веднаш се покажаа слабостите на одредени компании и марки. Land Rover, заедно со својата марка сестра Jaguar, најчесто се спомнуваат како марки што се најсилно погодени од кризата. Прашање е уште колку долго индиските сопственици ќе ги покриваат загубите во работењето на Land Rover.

Проблемите на Land Rover не се од вчера, а не може да се припишат ниту како последица од кризата од пандемијата, затоа што истите влечат корени уште од крајот на 1960-те години. Land Rover како марка произлегува од Rover, кој и самиот повеќе не постои. По низа промени на сопственоста и запаѓања од една во друга криза, Rover Group со своите Rover и Land Rover, во 1994 година премина во сопственост на BMW.

На ова поглавје не му се посветуваше големо внимание, но денес е очигледно што се случуваше тогаш. Баварците кусо по преземањето на Rover почнаа да работат на првиот свој СУВ-модел, којшто поради традицијата на BMW требаше да става повеќе нагласок на возните својства и на спортскиот карактер, па затоа неговиот концепт беше наречен SAV, односно Sports Activity Vehicle. Не станува збор за никој друг, туку точно за BMW X5.

Минхен го развиваше BMW X5 во исто време со новата генерација на Range Rover (L322). Многу од системите беа заеднички, особено вклучувајќи ја модулацијата на распределбата на погонската сила при возење во најразлични теренски услови. Овој чекор со преземањето на Land Rover тогаш личеше како голема утка, затоа што BMW подлегна на силна финансиска загуба поради слабата продажба на возилата на Land Rover. Конкретно, се работеше за загуба во висина од 16 милијарди фунти.

Кога денес на улица ќе се здогледа BMW X5, или кој било модел меѓу X1 и X7, во него практично се гледа Land Rover / Range Rover

Одлична инвестиција, всушност! BMW во 2000-та година му го продаде „англискиот пациент“ на Ford, каде што Land Rover беше дел од Premier Automotive Group, заедно со Jaguar, Volvo, Aston Martin. Германците го продадоа Land Rover, но ја купија технологијата и сето искуство на специјалистот за теренски возила. Затоа, кога денес на улица ќе се здогледа BMW Xмoдел, односно која било серија од X1 до X7, тоа е всушност Land Rover, поточно Range Rover. Минхен, патем, го поседува и Rolls-Royce, а тие во меѓувреме го имаат Cullinan во својата понуда – односно пак Land Rover.

Во 2008 година, Ford го прави истото што и претходниците и буквално се ослободува од „англискиот пациент“ по секоја цена, продавајќи го на индиската Tata Group, заедно со Jaguar. Сега веќе претстои барање нов сопственик, а можеби и комплетно згаснување на марката – или марките – што вредат многу, но пазарот едноставно ги сака моделите на конкуренцијата. Во принцип, тоа досега се случувало со стотици автомобилски марки, вклучувајќи ги меѓу другото Lancia или Saab.

Jaguar Land Rover ќе отпушти уште 1.100 лица, во време кога бележи загуба што се проценува на околу 2 милијарди фунти. Овие отпуштања се надворзуваат на претходната најава за 5.000 скусувања на работната сила на британскиот производител. Индискиот сопственик Tata Motors бара идно да се донесе план што ќе обезбеди враќање на стабилноста на Jaguar Land Rover или во спротивно ќе бара можности за спасување на дел од својата инвестиција во британските марки.

Пазарните аналитичари веќе долго време го вбројуваат Land Rover (заедно со Jaguar) меѓу буквално пропаднатите марки. Купувачите во премиум сегментот се чувствителни во поглед на контиунитетот на традицијата. Ако традицијата еднаш се прекине, таа понатаму не може да продолжи како традиција. Во тој случај, купувачите не гледаат оправдување за премиум-додатокот во цената на автомобилите и избираат модели и марки што имаат беспрекорен имиџ во тој поглед.

Кој уште би вложил сто илјади евра во автомобил што меѓу клиентите на премиум марки важи како автомобил од веќе пропадната марка?

Land Rover и особено Range Rover се продаваат главно во земјите на Блискиот Исток или во Русија и други пазари, каде што вистинскиот имиџ на марките доцни со децении зад актуелните состојби. Со други зборови, тие купувачи и натаму се убедени дека возат премиум марка и плаќаат „солено“ за тоа, иако таа веќе одамна го изгубила својот кредибилитет да се води како премиум марка во фините кругови на клиенти од премиум сегментот.

Поинаку е на пазарот на користени возила во јадрото на европскиот автомобилски пазар, каде што токму слабиот имиџ на Land Rover и Range Rover прави цената на нивните модели да биде под конкуренцијата – и заработката на дилерите што овие дисконт-ровери ги продаваат на пазари каде што името уште им звучи моќно на купувачите. Во Македонија, исто како и во „мајката“ на користените автомобили Бугарија, на целиот Балкан, улиците се преплавени токму од користени примероци на „ровери“, затоа што луѓето сакаат да бидат видени во оваа марка и да платат соодветно за тоа, а дилерите на користени автомобили имаат солидна заработка, затоа што истите ги набавуваат евтино на „здравите“ пазари. Во секој случај, конкуренцијата не е безимена, туку се работи за Audi, Mercedes, BMW, Volvo, а сите тие марки се моќни во СУВ премиум-сегментот.

Во продолжение, неколку примери за продажбата на моделите на Land Rover и Range Rover, во споредба со конкурентските модели од Audi, Mercedes и BMW, на германскиот пазар. Ги земаме податоците од тамошниот пазар, поради тоа што со својата големина тој е меѓу најрелевантните, а воедно и од причина што соодносот во продажбите меѓу Land Rover и Audi & Co на другите пазари е дури и уште повеќе поразителен.

Во секој случај, штета за марката. Во меѓувреме и сопственикот Tata Motors неколкупати на салонот во Женева прикажуваше модели под сопствената автомобилска марка, со техника од Land Rover. Нив англиската марка вооошто не им е потребна, тие можат на своите најголеми пазари комотно да продаваат под името на Tata Motors.

Какво е Вашето мислење

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Коментари

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вчитувам

0
Овие детали прават Lexus LC да биде посебен

Овие детали прават Lexus LC да биде посебен

Започна изградбата на фабриката на Great Wall и BMW во Кина

Започна изградбата на фабриката на Great Wall и BMW во Кина