за

Lamborghini Urus прославен како државен празник

Lamborghini Urus

Lamborghini Urus е пресвртница не само за марката, туку и за целата фела производители на спортски автомобили. Продажбата ќе се зголеми двојно со првиот суперспортски СУВ, Lamborghini ќе стане уште една марка што продава повеќе теренци отколку купеа или родстери.

Италија го доби новиот национален херој, Lamborghini Urus. Премиерот Паоло Џентилони допатува специјално во Рим, за претставувањето на брзиот теренец да биде уште поофицијално. Секако дека не отсуствуваше ниту класичен ансамбл за интонирање на италијанската химна. Спектаклот вклучуваше и танчери кои изведуваа точка во стилот на Матрикс и Војни на ѕвездите.

Lamborghini Urus 2

Во целото ова сценарио мораше да се случи претставата некаде да запне. Операта во чест на новата голема надеж на Lamborghini беше прекината поради технички проблеми. Италијанците сепак се снајдоа и докажаа дека не само што умеат да произведуваат брзи автомобили, туку се подеднакво умешни и во импровизирањето. Шефот Стефано Доменикали во тој момент го зграби микрофонот и го најави новиот модел со сиот свој воспевачки талент.

Lamborghini Urus е супертеренец со перформанси на суперспортско купе

Публиката дозна дека Lamborghini Urus е теренски автомобил со својства на спортски автомобил. Потоа на бината се појави и првиот човек на Audi, Руперт Штадлер, кој марката ќерка ја испофали со толкава одушевеност, што за малку ќе останеше без здив. Вистина, кога ќе се погледне големиот автомобил, човек лесно заборава да диши. Тежок далеку над два тони, Urus изгледа исто толку динамично, колку што е брз.

Основата доаѓа од Audi Q7 и Bentley Bentayga, со голема интервенција на италијанските инженери за смалување на тежината. Тоа е постигнато со масовна примена на челик со висока цврстина, карбон и алуминиум. Предната помошна рамка е комплетно изработена од алуминиум, исто како и вратите без рамка за прозорец. Каросеријата се одликува со исклучително висока отпорност на торзија, што е неопходно покрај моќта од 650 КС на четирилитарскиот V8 со битурбо натполнење.

Lamborghini Urus 3

Перформансите се како кај суперспортско купе. Спринтот до сто трае 3,6 секунди, крајната брзина изнесува 305 километри на час. За оваа комбинација од брутална моќ и масивна тежина да се стави под контрола се грижат карбон-керамички сопирачки дискови, со пречник од 440 милиметри напред и 370 милиметри назад. За подобра претстава, предните дискови се поголеми од бандажи од 17 инчи.

Lamborghini LM002 го разгазува теренот за премиерата на новиот Urus

Осумцилиндарецот со 850 њутнметри е прв мотор со турбонатполнење во Lamborghini. Според шефовите, турбомоторот нема да се вградува во моделите што го изградија имиџот на марката од Сант Агата. Тоа важи барем за следните неколку години. Наспроти тоа, сосем е извесно дека во Urus ќе проработи плаг-ин хибрид во комбинација со шестцилиндарски мотор.

Избор на програма за возење преку „душа“ и вклучување погон со „его“

Во поглед на теренските способности, тука нема сонежи. Њутнметрите се распределуваат меѓу обете оски преку торсен диференцијал. Постои и блокада на диференцијал, исто како и посебни теренски програми за песок, снег и кал. На селекторот на програмите правилно пишува „Anima“, додека за конфигурацијата на погонот стои на располагање селектор „Ego“. Во споредба со останатите теренци, тоа што го поседува единствено Urus е програмата „корса“, за тркачка патека. Пневматската амортизација, активната контрола на движењата на каросеријата и управувањето на сите тркала се подразбираат.

lamborghini urus anima e ego

Внатрешноста е во вообичаениот стил на борбен авион, со огромна дигитална табла со инструменти. За разлика од Audi, таблата во Urus има повеќе колорит и повеќе потсеќа на видеоигра. Во средина се наоѓаат два дисплеја на допир, горе за климатизацијата, долу за останатите функции.

 

Италијанските стилисти изведоа форма што не оддава впечаток дека се работи за автомобил долг 5,11 метри. Меѓуоскиното растојание од три метри ветува многу простор во кабината, но тоа не треба да се очекува во супертеренецот, барем не назад. Багажникот има висок товарен раб, што е данок на целта за постигнување максимално крута каросериска структура.

Испораките ќе стартуваат налето, по цена од најмалку 200.000 евра.

Галерија · Lamborghini Urus

[FAG id=29447]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

McLaren Pirelli Sottozero 3

McLaren доби специјални зимски гуми од Pirelli

Зборувањето на мобилен најмногу ги загрижува возачите

Зборувањето на мобилен најмногу ги загрижува возачите