за

Lamborghini Huracan LP 580-2 се враќа „назад“ на корените

На некои возачи им е премногу погонот на сите тркала во Huracan. Затоа, Италијанците сега го нудат LP 580-2 во когошто сé е подредено на уживањето во задниот погон. Во комбинација со намалена тежина.

Пуристите го гледаат задниот погон во Lamborghini Huracan како помош што не им е потребна и повеќе сакаат предната оска да им остане „слободна“. Производителот од Сант Агата излегува во пресрет на барањата на овие возачи и им го нуди Huracan LP 580-2, со погон само на задните тркала и со комплетна преориентација на целата погонска спрега за концептот на заден погон. Заедно следуваат и тежина намалена за 33 килограми, нови дизајнерски елементи и неколку електронски системи што одат во насока на зголемување на уживањето во возењето.

Верзијата на Huracan со погон назад и 30 КС помалку е одговор на предизвикот од McLaren 570S
Верзијата на Huracan со погон назад и 30 КС помалку е одговор на предизвикот од McLaren 570S

Според шефот Штефан Винкелман, Lamborghini Huracan LP 580-2 е наменет за сите што сакаат поинтензивно чувство во возењето или за оние што досега поседувале автомобили со заден погон од другите марки и сега сакаат да возат Lamborghini.“ Десетцилиндарецот од 5,2 литри располага со 580 КС и има полесна работа со 33-те килограми што „отпаднаа“ со откажувањето од погонот на сите тркала. Со тежинската распределба во сооднос 40:60 се намали инерцискиот момент на предната оска, односно носот станува „полесен“ при секаква промена на правец, секако во интерес на уживањето за возачот.

Целото подвозје претрпе измени со новиот погонски концепт на LP 580-2

Промената на погонскиот концепт услови интервенција и врз реакцијата на амортизерите, геометријата на управувањето и дотерувањето на контролата на стабилност, како и на програмите за возење Strada, Sport и Corsa, со поголем акцент ставен на надуправувањето.

lamborghini huracan lp 580-2 00004Предниот и задниот дел на верзијата со заден погон добија нов дизајн, со широки канали за воздух напред, кои воедно придонесуваат и за потисокот врз предната оска, додека задниот спојлер и модифицираниот дифузор се грижат за подобрено струење на воздухот зад опашот. За разлика од LP 610-4, задниот спојлер е фиксен. Верзијата со заден погон доби и бандажи од 19 инчи со нов дизајн и ралчична ширина напред и назад, а Pirelli испорачува гуми Pzero што посебно се дизајнирани за погонот на задната оска. Челичните сопирачки дискови со алуминиумски клешти исто така се преработени со цел да се намали тежината и да се подобри ладењето.

30 КС и 33 килограми помалку во споредба со LP 610-4 – и пониска цена

Атмосферскиот десетцилиндарец од 5,2 литри ослободува 580 КС и 640 њутнметри, и исто така е модифициран за LP 580-2. При помало оптоварување, моторот се префрлува на работа со само пет цилиндри, заради намалување на потрошувачката – што повеќе е важно заради исполнување на нормите, отколку заради растоварување на паричникот на сопственикот. Со „сува“ тежина од 1.389 килограми, LP 580-2 е полесен за 33 килограми од LP 610-4 и има специфична тежина од 2,4 килограми на КС.

lamborghini huracan lp 580-2 00006Системот од сензори Lamborghini Piattaforma Inerziale (LPI), кој се наоѓа во тежиштето на Huracan и ги регистрира сите тридимензионални движења се користи и во верзијата со заден погон. Овој систем испорачува информации во реално време до управувањето и до контролата на стабилноста, како и до опционалните магнетореолошки амортизери MRS, така што подвозјето постојано се приспособува според условите на патот.

Како новитет во Huracán LP 580-2 доаѓа и инфо-системот со дисплеј од 12,3 инчи со висока резолуција. Новата верзија на Huracan се приклучува на легендарните модели со заден погон, како Miura, претходникот Gallardo LP 550-2, Countach и Diablo. Лани претставената верзија Huracán LP 620-2 Super Trofeo вози на трите патеки во серијата Lamborghini Blancpain Super Trofeo во Европа, Азија и САД. Цената на Huracán LP 580-2 изнесува точно 150.000 евра – без давачки.

Технички податоци · Lamborghini Huracán LP 580-2

Каросерија и подвозје Хибридна шасија од алуминиум и карбон, каросерија од алуминиум и композити, двојни триаголни водилки од алуминиум, опција за електромагнетска регулација на амортизери MagneRide, осумклипни сопирачки клешти напред, четириклипни сопирачки клешти назад, челични сопирачки дискови ∅ 365 x 34 mm напред, ∅ 356 x 32 mm назад, електромеханичко сервоуправување, опција за управување LDS со променив преносен однос, гуми Pirelli 245/35 ZR19 напред, 305/35 ZR19 назад, бандажи 8,5J x 19” напред, 11J x 19” назад МОТОР 10 цилиндри во V, 90°, двосистемско впрскување на гориво IDS + MPI, 5204 cm3, пречник и од 84,5 mm x 92,8 mm, варијабилна работа на брегасти вратила, компресија 12,7 : 1, моќност 580 КС при 8000/min, вртежен момент 540 Nm при 6.500/min ПОГОН На задните тркала, 7-степен менувач со двојна спојка ПЕРФОРМАНСИ Vmax 320 km/h, 0-100 km/h за 3,4 s, 0-200 km/h за 10,1 s ДИМЕНЗИИ Меѓуоскино растојание 2.620 mm, должина 4.459 mm, ширина 1.924 mm, висина 1.165 mm, тежина (без течности) 1.389 kg, резервоар 80 L

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Honda го враќа родстерот S2000 како конкурент на Mazda MX-5

Корпа за ентериерот на Tesla Model S: Русин си вгради внатрешност од BMW