Ексклузивниот Lamborghini Centenario, вреден два милиони евра и изработен во само 20 примероци во купе-изведбата, доби почесно место на црвениот килим за премиерата на „Трансформери: Последниот витез“ во Лондон.
Lamborghini Centenario, суперспортскиот автомобил кој е способен да постигне крајна брзина од 350 километри на час, во филмот се појавува како Хот Род. Редовното прикажување на новото продолжение на „Трансформери“ низ светските киносали започнува на 21-ви јуни.
Lamborghini Centenario во чест на стотиот роденден на основачот Феручио Ламборгини
Со целосна ознака Centenario LP 770-4, марката од Сант Агата го изработе овој ексклузивен модел во чест на стотиот роденден на основачот на фирмата, Феручио Ламборгини. Името Centenario доаѓа од италијанскиот јазик и значи „прослава на стогодишнина“.
Lamborghini ја прикажа купе изведбата на салонот во Женева во 2016 година, а половина година подоцна родстер изведбата доживеа премиера во Париз. Целата серија ќе биде изработена во само 40 примероци, по 20 од секоја каросериска изведба. До крајот на годинава ќе бидат комплетирани испораките на Centenario.
Основата потекнува од Lamborghini Aventador. Дванаесетцилиндарскиот мотор располага со 770 КС при 8.500 вртежи и го катапултира Centenario за 23,5 секунди до темпо 300.
Во продолжение фото-галерија со филмските ѕвезди што присуствуваа на премиерата. И Lamborghini Centenario, секако.