за

Lamborghini Aventador S со второ иницијално полнење

Брзината и моќта се релативни работи и во Lamborghini. Секогаш може побрзо и посилно. Кога ќе дојдеше време за тоа, моделите од Сант Агата од подалечната историја добиваа едно обично „S“ во ознаката. Lamborghini Aventador S ја продолжува традицијата, не поради тоа што досега му недостигаа моќ и брзина, туку поради фалење.

Miura S, Countach LP500S, Diablo SV. Буквата S очигледно има долга традиција во означувањето на моделите на Lamborghini. Логично е таа да асоцира на „супер“ или „спорт“, но вистинското толкување е „спинто“ или жаргонски „навиен“. Најмоќниот актуелен модел од Сант Агата Болоњезе штотуку стана „спинто“. Aventador S пристига со значајни модификации во аеродинамиката, во суспензијата и во електрониката, со атмосферски 740 КС и управување на сите тркала.

Lamborghini Aventador S

Предниот сплитер е продолжен и ја подобрува аеродинамичната ефикасност, додека двата странични канали во браникот го намалуваат вртложењето околу предните тркала и подобро ја спроведуваат воздушната струја до ладилниците одзади. Резултатот: Потисокот врз предната оска е зголемен за 130 проценти во споредба со „претходникот“ Aventador. Назад сосема очекувано доминира модифициран црн дифузор, кој може да се добие и во карбонска изведба.

Активниот заден спојлер се мести во три положби, зависно од брзината и избраната програма, заради дополнителен баланс. Сето тоа се одвива во координација со вортекс-генераторите во подот, кои го забрзуваат струењето на воздухот и го потпомагаат ладењето на сопирачките.

За првпат управување на сите тркала во сериски модел на Lamborghini

Најголем ефект врз возните својства сепак има новото управување на сите тркала, за првпат во сериски модел на Lamborghini, во комбинација со променлив преносен однос во управувањето на предната оска. Сервомоторите на задната оска реагираат во рок од пет милисекунди и соодветно ја исполнуваат замислата на системот: Побрза реакција при промена на правец при динамично возење од една страна и полесно управување и маневрирање при возење во град од друга страна.

Lamborghini Aventador S

Промени поради воведувањето на управување на сите тркала претрпе и таканеречениот матнето-реолошки амортизациски систем, со нова геометрија на суспензијата, модифицирана контролна електроника за амортизерите и нови пружини на задната оска.

Голем дел од „подобрувањата“ се извршени со цел Aventador S да се вози полесно и покомфорно во секојдневието. Контролата на стабилноста сега подобро распознава кога подлогата е замрзната или прекриена со снег. Распределбата на вртежниот момент до предната и задната оска ги искористува предностите од новото управување на задната оска во зголемувањето на стабилноста во возењето и испорачува повеќе њутнметри до задните тркала. Наспроти тоа, при одземање гас се намалува пренесувањето на вртежниот момент до предната оска, со што се овозможува надуправувањето, на задоволство на возачот.

Интелигентна електроника ја координира работата на сите системи

Централниот мозок што се грижи сите системи да работат координирано и безгрешно се нарекува Lamborghini Dinamica Veicolo Attiva и врз основа на податоците што ги добива од сите сензори во возилото го избира најдобриот сетап за сите активни системи.

Lamborghini Aventador S

Возачот има на располагање четири модуси: Strada, Sport, Corsa и нов модус Ego. Секој од овие модуси различно ги регулира моторот, менувачот, погонот на сите тркала, управувањето и амортизацијата. Ego не е ништо поразлично од тоа што германските газди на Lambo во своите модели го означуваат со „индивидуално“.

  • Strada: Комфорна работа на амортизацијата и распределба на вртежниот момент во сооднос 40:60
  • Sport: До 90% од вртежниот момент може да се пренесат на задната оска при возење по кривулест пат; подобра возна прецизност и повратна информација
  • Corsa: Пониска чувствителност на контролата на стабилноста и на тракцијата, цврста работа на амортизерите, максимална повратна информација од управувањето, сопирачките и гаста; распределба на вртежен момент 20:80, за максимални перформанси на тркачка патека.

Атмосферскиот дванаесетцилиндарец од 6,5 литри ослободува 40 КС повеќе во Aventador S, односно 740 КС при 8400 вртежи, додека вртежниот момент изнесува 690 Nm при 5500 вртежи. Моќноста е зголемена со подобрувањето на варијабилното управување со вентилите и на варијабилната вшмукувачка гранка. Дополнително и максималниот број на вртежи е зголемен од 8350 на 8500 вртежи.

Lamborghini Aventador S

Aventador S користи нов издувен систем, за 20 проценти полесен и со задолжителниот звук на Lambo. Трите издувни цевки укажуваат дека во „S“ се користи овој нов издув. Исто како во претходникот, моторот користи систем старт/стоп, но и исклучување на половина мотор при делумно оптоварување, кога V12 се претвора во R6.

Специјално за S изработени се нови пневматици Pirelli P Zero, за кои Lamborghini тврди дека ја зголемуваат стабилноста во свијоци и ја намалуваат тенденцијата за подуправување. Карбон-керамички сопирачки се стандард и го запираат Aventador S по 31 метар од брзина од 100 km/h.

Сант Агата ќе стартува со испорака на Aventador S напролет, цената без ДДВ изнесува 281.555 евра.

Технички податоци · Lamborghini Aventador S

КАРОСЕРИЈА И ПОДВОЗЈЕ
Монокок Монокок од карбон и алуминиум
Носечка рамка напред и назад
Каросерија Капак на мотор, подвижен спојлер и странични канали за воздух од карбон; Предна хауба, предни крила и врати од алуминиум; задни крила и облоги на прагови од SMC
Суспензија Магнето-реолошки активни амортизери напред и назад со систем „пушрод“; лежечки амортизери и пружини; независна сиспензија со двојни попречни водилки од алуминиум
Сопирачки Шестклипни сопирачки клешти напред, четириклипни назад;
Сопирачки дискови Карбон-керамика; напред Ø 400 x 38 mm, назад Ø 380 x 38 mm
Управување Управување со три различни мапирања на сервотроник, комбинирани со управувањео со променлив преносен однос и управување на задна оска, регулација преку Drive Select Mode
Преносен однос 10:1 — 18:1
Вртежи на волан 2,1 — 2,4
Пречник на волан 358 mm
Пневматици Напред Pirelli P Zero 255/30 ZR20, назад 355/25 ZR21
Бандажи Напред 9”JX20’’ H2 ET 32.2, назад 13’’ JX21’’H2 ET 66.7
Круг на вртење 11.5 m (просечна вредност)
МОТОР
Тип V12, 60°, MPI-впрскување
Работна зафатнина 6.498 cm3
Пречник и од 95 mm x 76,4 mm
Вентили по цилиндар 4
Управување со вентили Варијабилна електронска контрола
Степен на компресија 11.8 ± 0.2
Моќност 740 КС (544 kW) при 8.400/min
Специфична моќност 113,9 КС/l (83,7 kW/l)
Вртежен момент 690 Nm при 5.500 /min
Максимален број на вртежи 8.500 /min
Специфична тежина 2,13 kg/hp
Класа на емисија EURO 6 – LEV 2
Подмачкување Сув картер
ПОГОН
Вид Постојан погон на сите тркала со халдекс-спојка (ген. IV)
Менувач Седумстепен менувач ISR
ПЕРФОРМАНСИ
Крајна брзина 350 km/h
0-100 km/h 2,9 s
0-200 km/h 8,8 s
0-300 km/h 24,2 s
100-0 km/h 31 m
ДИМЕНЗИИ И ТЕЖИНИ
Меѓуоскино растојание 2,700 mm
Должина 4,797 mm
Ширина 2,030 mm
Висина 1,136 mm
Ширина на трага напред 1,720 mm, назад 1,680 mm
Растојание од подлога 115 ± 2 mm (напред со Lifting System 155 mm)
Тежина 1,575 kg (сува)
Распределба на тежина 43% – 57%
КОЛИЧИНИ
Резервоар 85 L
Моторно масло 13 L
Разладно средство 25 L
Багажник 140 L
ПОТРОШУВАЧКА
Град 26,2 l/100 km
Отворено 11,6 l/100 km
Просек 16,9 l/100 km
СО2 394 g/km

[FAG id=26784]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Рекордна година за авто-браншата: За првпат над 80 милиони возила

Комбињата на Mercedes се придружуваат на рекордите во Штутгарт