за

Lada Vesta Cross: Комби не смее да им недостига на Русите

На салонот за теренски возила во Москва е претставен концептиот автомобил на база на Lada Vesta, со омилената комби-каросерија на Русите и во типичен стил на кросовер.

На штандот на Lada на меѓународниот салон на теренци, кросовери и амфибии во Москва доживеа премиера Lada Vesta Cross Concept. Автомобилот пред публиката го претстави претседателот на Автоваз, Бу Инге Андерсон. Со концептниот автомобил, Lada дава пример за можното проширување на моделското семејство на Vesta, воедно прикажувајќи ја еволуцијата на новиот дизајнерски стил на руската марка. Новиот модел Vesta ќе стартува со сериско производство кон крајот на годинава.

Комбито е омилената каросериска форма на руските возачи

Според Андерсон, Lada Vesta Cross Concept ќе го опипува пулсот на публиката и ќе се обиде да привлече нови клиенти за марката. Шефот потврди дека постои можност концептот да прерасне во сериски автомобил, но не го наведе датумот кога тоа би можело да се очекува. Недостигаат и дополнителни детали за техниката на овој интересен кросовер, односно дали платформата на Vesta би подржувала на пример погон на сите тркала.

Стив Матин, главен дизајнер во Автоваз, на премиерата на Vesta Cross Concept наведе дека стилот на динамично и спортско комби се базира на дизајнот на концептните претходници на Lada Vesta, коишто во минатите години беа претставувани на салонот во Москва. „Појдовна основа за новиот тип на Lada и на јазикот на дизајнот на марката е концептниот автомобил Xray, претставен во Москва во 2012 година,“ открива Матин.

На штандот на Lada на салонот за теренци во Москва, покрај  „Cross“ се наоѓаат уште два концептни автомобила – Vesta и Xray – додека од сериската продукција доаѓаат Lada Largus Cross, Lada Kalina Cross, Lada 4×4 Urban и Lada 4×4 Elbrus Edition.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Lexus со погон на водород за олимписките игри во Токио во 2020

Десет автомобилски марки во немилост на американските судови