Најголемата вест од салонот во Москва не е тоа што Lada има спектакуларен концептен автомобил, туку тоа што наскоро пристига нова Lada Niva – иако, наскоро значи најрано по четири години
За појавувањето на идната генерација на Lada Niva да биде подраматично: Тоа во што светот отсекогаш се сомневаше, се потврди во овие доцни августовски денови, на салонот во Москва. Дефинитивно постои врска меѓу германскиот G-Class, американскиот Wrangler и руската гордост Niva. Jimny, исто така. Овие теренски легенди речиси во исто време се појавуваат на светската сцена во своето ново издание. Постои некаква мистерија, којашто допрва ќе мора да се разоткрива. Тоа што Defender не се вклопува во приказнава, веројатно е посебна британска тактика.
Lada Niva не стартува во новата генерација од салонот во Москва, туку сепак ќе мора да се почека уште неколку години. Но, Lada Niva или по ново Lada 4×4, дефинитивно продолжува по повеќе од четири децении од нејзината премиера. Lada 4×4 Vision Concept двапати во името укажува дека се работи за автомобил што е само дизајнерска вежба, но никој не го регистрира тоа. „Светот“ е во еуфорија дека пристига нова Lada Niva и тоа е вест што подеднакво ги засега и московјаните и сибирците, и Финците и Уругвајците. Niva, алијас 4×4, е светски автомобил.
Lada 4×4 Vision има футуристички дизајн, но прикажува и неколку традиционални детали
Lada 4×4 Vision Concept е дизајнирана како да пристига од студијата на Renault и таа забелешка нема да биде погрешна, затоа што Французите раководат со руската марка. Lada 4×4 изгледа футуристички, но има и неколку детали што потсеќаат на актуелниот модел. Иако остава впечаток дека е многу покрупна, идната Lada е долга 4,2 метри, односно колку Duster. Предната маска е со препознатливата форма на X-стилот на марката, со дебели лакови со сребрен финиш. Широкиот растер на маската создава впечаток на робусност и неуништливост. Масивната заштита на подвозјето не остава простор за сомнежи околу намената и природната средина на овој автомобил.
Долгите трепкачи во хаубата се во согласност со главниот заштитен знак на Niva. Наспроти тоа, светлата не се класично тркалезни, туку користат диодна техника и прикажуваат препознатлива светлосна графика. Стилската врска со традиционалниот модел се забележува најдобро отстрана, односно во подрачјето околу задниот столб. Покривот е рамен по речиси сета должина, а задните отвори за воздух се уште една стилска оставштина од постоечката Niva. Верно со стилот на сите актуелни модели од сериско производство, во страничната силуета е „втиснато“ едно големо „Х“.
Цврстиот став на Lada 4×4 Vision Concept произлегува и од бандажите од 21 инч. Назад не се забележува било каква стилска врска со оригиналот – затоа што освен заден прозорец и две светла, друго и нема кај моделот од 1970-те. Единствено малата закосеност на задното стакло може да се протолкува како традиционален дизајнерски елементи.
Не е провизорно изведен автмобил, туку е доработен до последниот детал
Иднината на Lada е во светли бои и тоа може да се забележи добро по портокаловата боја, којашто става нагласок во кабината. Концептниот автомобил е комплетно доработен, не останува детал што потсеќа на моделите од актуелната продукција. Сензорските полиња во воланот се во стил на Mercedes E-Class, таблата со инструменти е еден голем дисплеј со ултрависока резолуција, па дури и со климата се ракува преку дисплеј. Зад рачката на автоматскиот менувач се забележува ротациски контролер за избор на програмите за погонската спрега. Како „капак“ за сета дизајнерска авангарда, голем дел од покривот е под стакло.
Од компанијата посочија дека не планираат да ја претворат Niva во булеварски теренец, туку да ги задржат теренските својства на актуелниот модел. Тоа што не се спомнува евентуално подобрување на возните својства е сосем разбирливо. Нема што да се подобри.
Стартот на рускиот пазар може да се очекува во 2022 година.
[FAG id=34682]
Топ 10 Најпродавани автомобили во Русија