за

Lada 4×4 Urban: Руска машинка за градски бунтовници

Lada Niva може да влезе во историјата како најиздржлив теренец. Тоа важи не само за неговите теренски својства, туку и за опстојувањето на пазарот. Niva го надживеа Land Rover, останува уште G-Class.

Помните како се возеше во 1970-те? Моторот брмчи, менувачот завива, подвозјето тропа, брзините заглавуваат, а над 120 километри може да се комуницира со сопатниците само преку гестикулација. Кој мисли дека ваквиот начин на превоз е подобар од беспрекорните манири на денешните автомобили, секогаш ја има на располагање Lada 4×4. За моделското годиште 2016, неуништливиот и бесмртен руски теренец, некогаш познат под името Niva, доживеа неколку спектакуларни освежувања. Niva е рускиот Land Rover и во истата оваа форма се произведува уште од 1977 година.

lada 4x4 urban (1)
Lada Niva/Taiga/Urban и натаму е фантастична и најдостапна можност да се купи олдтајмер на ново

Малку работи се променија оттогаш кај малечкиот теренец од 3,64 метри од Тољати. Најголема промена беше можеби преименувањето во Taiga, во чест на пристигањето на ABS и на сервоуправувањето. Но, карактерот на Niva никогаш не се смени. Во тој поглед, најблиску му е Land Rover Defender.

Во домашната Русија, Niva или Taiga се појавува од зад секој агол. Нема нешто да го уништи, освен ако прво не го изеде корозијата. Како што моделот старее, така постојано се зголемува и неговата група обожуватели низ светот. Тој е избор на познавачите, на луѓето што не сакаат да возат исто со другите.

Идејата на Русите е култот на Niva да го приближат до младите урбани индивидуалисти кои ги отфрлуваат минливите трендови на Juke или 500X

Niva или Taiga отсега е 4×4 Urban. Името би требало да асоцира на животен стил и да ги привлекува оние купувачи што сметаат дека новите спортски теренци и помодарските кросовери се премногу унифицирани. Покрај неколку екстра детали во изгледот, Urban доби помодерни седишта со грејачи, електрика за ретровизорите и за прозорците, па дури и држач за чаша меѓу предните седишта. Има и две нови металик бои. И тоа е сé.

Во основата, тоа и натаму е автомобилот од 1977 година, кој во меѓувреме стекна култен статус и кај младо и старо
Во основата, тоа и натаму е автомобилот од 1977 година, кој во меѓувреме стекна култен статус и кај младо и старо

Кокпитот и натаму е од грда и тврда пластика, а преклопливите прекинувачи и лизгачките команди за греењето јасно укажуваат на изворното годиште на моделот. Воланот не се мести, но тоа и не е важно. Поважно е да се пристигне до местото, отколку како ќе се пристигне. Lada секако дека ќе се погрижи тоа да се случи, без разлика што ја очекува на теренот. Ловците и шумарите не сакаат да помислат на друго возило освен ова.

За погонот е задолжен модернизиран, но во основата антички бензинец од 1,7 литар со скромни 83 КС. Моторот влече корени уште од времето кога Lada соработуваше со Fiat, но тоа не значи дека тој не може да ја задоволи нормата Euro 6 за издувни гасови. Единствено што човек не треба да се интересира околу ова возило се забрзувањето и крајната брзина.

Потрошувачката исто така. Со малку среќа и многу труд може да се мине со десетина литри на сто километри. Затоа, Niva возвраќа со врвни теренски својства. Погонот е постојано на сите тркала, со две дополнителни рачки во средишната конзола, за вклучување на теренската редукција и блокирање на средишниот диференцијал.

Западна Европа уште бара примероци од Lada, дури и уште повеќе

Сето ова задоволство чини само 479.000 рубљи или околу 6.800 евра, за рускиот пазар. Уште колку долго Niva, Taiga или сега 4×4 Urban ќе опстане на пазарот, не се знае. Некогаш сигурно ќе се случи безбедноста при краш-тест да му стави крај на рускиот теренец. Land Rover Defender веќе се повлекува и ќе престане со производство кусо по преминот во идната година. Lada останува.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mitsubishi Outlander PHEV е хибриден автомобил на годината во Шкотска

Норвешка нарачува 240 Renault Kangoo на струја за разнесување пошта