за

Lada распали со новитети на салонот во Москва

Lada се покажува во досега невидено издание на салонот на автомобили ММАС во Москва. Штанд со површина од две илјади метри квадратни, што е најмногу во историјата на марката и доволно за дури 19 изложбени примероци. За спектаклот да биде уште поубедлив, шест од експонатите се прототипи. Русите настапуваат како што доликува на светска марка, со концепти што назначуваат повеќе правци во коишто може да се прошири понудата од модели на Lada, нови верзии од постоечките модели, како и тркачки машини, вклучувајќи ја Lada Vesta WTCC.

Lada Xcode Concept

Lada XCode Concept

Концептниот автомобил го прикажува можниот нов член во моделското семејство на Lada, со нов дизајнерски пристап, којшто ги следи основите на X-стилот. Руската марка веќе го примени овој дизајн во сериските модели Vesta и Xray.

Доколку доживее сериско производство, Xcode Concept ќе користи мотори со турбонатполнење, ќе се нуди и верзија со погон на сите тркала, исто како и платформа Lada Connect, за контрола на возилото преку мобилна апликација и користење услуги преку интернет.

Lada Vesta Concept Sedan

LADA Vesta Sport Concept

На овој концепт не може да му се признае оригиналноста, затоа што Volvo веќе го примени во S60 Cross Country, но не е исклучено дека Русите ќе реагираат одушевено на идејата, особено ако се има предвид нивната традиционална почит кон лимузините. Кросоверот од лимузина и теренец располага со панели за заштита на каросеријата при возење по терен, со зголемено растојание од подлогата и тркала со поголем пречник

Lada Xray Cross Concept

Lada XRAY Cross

Концептот се разликува од сериската верзија на Xray по каросерискиот кит за заштита при возење по терен. Пакетот вклучува заштитни прагови, проширени крила и заштитни плочи под браниците. Сличен пакет се вградува и во верзиите Cross на моделите Kalina и Largus.

Lada Vesta SW Cross Concept

Lada Vesta SW Cross Concept

По комби верзијата на Vesta којашто беше прикажана лани како концепт и несомнено ќе доживее сериска реализација, Русите испробуваат можност за комби за сите терени – во стил на Audi Allroad Quattro. Зголемено е растојанието од подлогата и додадени се пластични панели во долниот дел од каросеријата, додека рабовите во форма на X во страничните панели му даваат дополнителна динамика на комбито. Мора да се признае умешноста на руските дизајнери, во комбито да ги вградат истите светла како во лимузината.

Lada Vesta Sport Concept

LADA Vesta Sport Concept

Во Lada веќе се размислува како да се искористат сите потенцијали на бестселерот во понудата од лимузини. Покрај пакетот спојлери, којшто изгледа мошне пристојно и ефектно, Vesta Sport Concept располага со подвозје со дотерување. Тука се користат искуствата на Lada во мотоспортот, особено во WTCC. Во јуни годинава, Lada Sport Rosneft постигна двојна победа на домашен терен.

Lada Xray Sport Concept

LADA Xray Sport

Нормално е дека и актуелната ѕвезда Xray нема да остане поштедена од спортскиот ентизузијазам на марката. Во можната спортска верзија на Xray е предвидено моќноста на 1,8-литарскиот мотор да се зголеми од сегашните 122 на 145 до 150 КС. Со тоа би одело и спортско подвозје, заедно со каросериски додатоци во спортски стил. Тоа се истите модификации како во постоечките Kalina Sport и Granta Sport.

Новитети во сериската понуда од модели на Lada

Lada Vesta CNG Taxi

Со вградениот уред за погон со метан – компримиран природен гас или CNG – трошоците за гориво се смалуваат трипати, што е особено важно за такси компаниите и за фирмите со големи возни паркови

Lada Vesta Signature

Верзија на Vesta со меѓуоскино растојание продолжено за 20 сантиметри, во корист на просторот за нозе на задната клупа. Место клупа, назад се вградени две комфорни седишта, со практична преграда меѓу нив. Во Lada ќе излезат во пресрет на сите барања на клиентот за индивидуализација на Vesta Signature.

Lada Vesta 1.8 AMT Exclusive

LADA Vesta 1.8 AMT Luxe

Претходно најавениот модел сега е подготвен за сериско производство. Моторот од 1,8 литар со моќност од 122 КС потекнува од Xray и располага со варијабилна контрола на вентилите. Ексклузивната верзија на Vesta е достапна и со автоматски менувач развиен во соработка со германските специјалисти ZF.

Седиштата и воланот се обложени со кожа, додадено е амбиентално осветлување во кабината, хромирани лајсни на вратите и слични детали.

Lada 4×4 Pick-up „Охотник“ (Ловец)

Тука нема ништо непознато. Lada 4×4 со надградба и дополнителна опрема за лов – со можност за изработка по нарачка.

Lada 4x4 Ohotnik

Преостанатиот простор од огромниот штанд во Москва е пополнет со стандардните модели Vesta, Xray, како и Largus и Kalina. Гордоста од тркачките патеки не смее да недостига. Покрај Vesta WTCC се изложени Kalina Sport, Granta Sport и Kalina NFR. Две нови верзии има и во моделската понуда на Lada 4×4: Верзија „Марш“ за груби терени и верзија Lada 4×4 Urban со пет врати, чијашто продажба стартуваше годинава.

Салонот ММАС се одржува од 24-ти август до 4-ти септември, во центарот „Крокус Експо“.

[FAG id=25337]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Петцилиндарецот на Audi го прославува 40-от роденден

Виралното видео за новата Škoda Kodiaq стана интернет хит