за

KTM Freeride E: Првиот електричен мотоцикл на култната марка

Со двегодишно задоцнување есенва започнува продажбата на првиот електричен модел на KTM. Достапен во две верзии, Freeride E ќе ги одушеви фановите на марката, но ќе привлече и нови купувачи.

Посебни подготовки не се потребни за возење на овој мотоцикл: Се дава контакт, се буди „моторот“, се избира програма за возење и се врти рачката за гас – пардон, за забрзување. Нема никакво брчење или крчење од четирицилиндарски или двоцилиндарски мотор. Се слуша единствено тркалањето на грубите гуми, вртењето на погонскиот синџир и тапо зуење на електромоторот. KTM е добредојден во природната средина во којашто сите бегаат од урбаниот метеж и џагор, и кадешто грубото брмчење на неговите современици обично предизвикува негодување.

Freeride E се нуди во две верзии. Едната е хомологирана за возење во редовен сообраќај и ја носи ознаката XC, додека втората е без трепкачи, држач за табличка, светла и ретровизори и дозволена е за возење само на приватни, затворени патеки. Електромоторот со водено ладење постигнува моќност од 22 КС, со коишто мотоциклот од 110 килограми постигнува 75 km/h. Тоа е сосема доволно за возење по теренот кадешто обично се постигнуваат брзини до 50 km/h.

KTM_Freeride_E_Static_1024

Капацитетот на батеријата изнесува 2,6 киловатчасови и во зависност од оптоварувањето, тоа е доволно за двочасовно возење на струја. Испразнетата батерија се полни за 1,5 час преку полнач, без потреба од нејзино отстранување, или пак истата може да се замени со полна, што не е проблем да се понесе со себе покрај тежината од 23 килограми. За замена на батеријата е потребно само да се подигне клупата и да се одвртат четирите завртки. Секако дека за втората батерија мора да се плати екстра, а тоа чини 3.200 евра. Капацитетот на батеријата опаѓа на 80 проценти по 700 циклуси на полнење и празнење. Австрискиот специјалист за две тркала дава три години гаранција за батеријата.

Поради отсуството на класичен менувач и спојка, електричниот KTM може да биде интересна опција за сите потенцијални моторџии, коишто досега не седнале на мотоцикл единствено поради „стравот“ од непознавање на играта на спојката, менувачот и гасот. Кај Freeride E потребно е само додавање гас и сопирање, и евентуално избор на една од трите програми за возење, со различен степен на ослободување на силата на електромоторот, зависно од теренот и условите на возење. Цената на Freeride E изнесува околу 11.000 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Рекорд за Volkswagen: 42 милиони автомобили од фабриката во Волфсбург

„Плејстејшн“ во живо: Nissan GT-R Nismo