162
21 shares, 162 points

Корозијата одамна престана да биде главен проблем кај автомобилот. Голем број производители даваат и по 12-годишна гаранција за заштитата од корозија, што е доказ за темелноста со којашто се изведува истата. Но, и возачите треба да посветат малку внимание, заради спречување на можноста од појава на корозија.

Автомобили со рѓосана каросерија, што само лакот ја држи составена во еден дел, веќе одамна исчезнаа од улиците. Цели моделски серии страдаа поради проблемите со корозијата. Најдобар пример за тоа е Alfa Romeo Alfasud, фантастично конструиран и дизајниран автомобил, за когошто Италијанците во почетокот на 1970-те изградија посебна фабрика на југот на земјата („Sud“ значи југ).

Постоеја бројни причини за тоа што Alfasud буквално кородираше уште во салон. Челичната ламарина доаѓаше од Русија, кадешто се претопуваше железниот отпад од Западна Европа. Проблем направи и тоа што каросериските шуплини беа исполнети со пена, што требаше да штити од корозија, но се постигна токму спротивното. Уште еден голем проблем беа честите штрајкови. Работниците не доаѓаа на работа и ламарината долго време стоеше незаштитена под атмосферските влијанија.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Корозијата се појавува на местата на коишто вода и кислород доаѓаат до допир со метал. Најдобар начин за металот да се заштити од допир со водата и кислородот е обложување на каросеријата со цинк, по пат на познатата постапка што се нарекува галванизација. Логичниот заклучок е дека цинкот не кородира, но се случува токму спротивното. Цинкот е тој што треба да кородира, место челикот. При допир на два различни метали, секогаш кородира тој што е помалку благороден. Во случајов, тоа е цинкот.

Гаранција од корозија во времетраење од 12 години денес е речиси стандард во браншата

Друга мерка што се презема за спречување на корозијата е избегнување на допир на два метали. Кој би помислил дека карбонот може да предизвика проблем? Иако тој е вештачки материјал, поради неговата одлична електрична спроводливост, карбонот може да ја забрза корозијата, доколку се допира директно со метал. За да го решат тоа, производителите денес користат напредни лепила. Така се раздвојуваат двата различни материјали, а воедно и се спојуваат во една целина. Трето, лепилото дејствува и како заптивно средство.

За заштита на металот од влажност, порано се користеше восок. Нанесувањето слој од восок беше комплицирано, а воедно и заштитата беше многу чувствителна. Восокот денес е непотребен, од една страна поради користењето лепила и посебни заптивни средства, а од друга страна поради конструкцискиот пристап, со којшто може да се изведе добро проветрување на одреден дел, па водата не се задржува.

Настрешница може да биде и подобро решение од гаража, кога станува збор за спречување на појава на корозија

Тоа што денес им преостанува на возачите е добро да го измијат подот и подвозјето по завршувањето на зимскиот период, заради отстранување на нечистотијата што содржи сол од зимската служба. Конзервирање на каросериските шуплини во основа е непотребно, но не може да наштети. Тоа, сепак, треба да се направи уште рано, додека автомобилот е нов.

Потребно е внимание и при поправката на малите оштетувања на лакот. Проблем обично се јавува зад пластичните облоги. Зад нив се собира нечистотија, којашто дејствува како еден вид брусна хартија и го „шмиргла“ лакот. Ако се забележат такви места, треба итно да се поправат.

Токму поради заштитата од корозија треба да се внимава и при изборот на каросериската работилница, кога треба да се отстрануваат штети на лакот или на самата каросерија. Стручните мајстори добро ја знаат постапката, за да спречат појава на корозија.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

162
21 shares, 162 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *