за

Увозот на користени автомобили пораснал за 36 проценти

дизел скандал, користени автомобили

На користените автомобили повторно им расте „цената“ меѓу македонските возачи. Во првите три месеци од 2018 година, во Македонија се увезени 6.458 користени автомобили, што е речиси петпати повеќе во споредба со увозот на нови автомобили. Сличен е соодноосот и во трендот на популарноста меѓу автомобилите од втора рака и новите автомобили од салон. Додека вториве постигнале пораст од само 7,6% во првиот квартал од годинава, користените автомобили имаат пораст од дури 36 проценти.

Трендот почна да се наѕира уште во минатото лето, кога најавата за воведување рестрикции за старите автомобили со дизел мотор во Германија доведе до драстично намалување на интересот за нив, а соодветно на тоа и на нивните цени. Секој ден мирување на автомобилите на плацевите на дилерите со користени возила чини пари, поради тоа продавачите мораат буквално да се ослободуваат од старите дизели по секоја цена.

Во 2010 година во Македонија беа увезени над 50.000 користени автомобили

Но, мудриот купувачки дух на Македонецот виде шанса во новонастанатата ситуација на големиот пазар, што масовно го снабдува целиот регион со евтини користени автомобили. Лани, македонски регистерски таблички добиле 22.964 користени автомобили. Тоа е најниска вредност по 2010 година, кога во државата пристигнаа 51.399 користени, наспроти 7.183 нови автомобили. Споредено со 2016 година, лани имало намалување од 12,7 проценти во увозот на користени возила. Кај новите возила имало зголемување од 8,3 проценти. Во овој статистички сооднос уште не се покажува „дизел-трендот“.

Увезени автомобили во Македонија во првиот квартал од 2018

Нови автомобили

Промена

Користени автомобили

Промена

Јануари

416

-8,2%

1911

+80,8%

Февруари

448

+41,3%

2151

+20,5%

Март

507

-3,9%

2396

+25,7%

Вкупно

1371

+7,6%

6458

+36%

Доколку се разгледува изминатиот период од 12 месеци, бројките се следни: Увезени 24.674 користени автомобили од април ’17 до март ’18 и увезени 5.523 нови автомобили во истиот период. Во споредба со истата временска рамка меѓу 2016 и 2017 година, двете категории возила бележат пораст од околу 4 проценти. Порастот во временска рамка од 12 месеци јасно укажува дека не станува збор за пазарна осцилација, туку за тренд.

Дали порастот во увозот на користени автомобили е ударна вест за телевизискиот дневник?

Растечкиот увоз на користени автомобили веројатно нема да се најде како ударна вест на дневникот, но далеку од тоа дека трендот не треба да нé интересира. Во Македонија не се изработува и не се објавува детална статистика за видот на возилата што се увезуваат, којашто ќе покаже колку од увезените возила имаат дизел мотор, колку од нив исполнуваат норма Еуро 4, 5 или 6, колку се стари возилата. Располагањето со податоци е моќ. Но, интересот на купувачите е ист како досега.

Тоа значи дека се увезуваат големи и тешки лимузини и теренци, со силни мотори што одработеле најмалку двесте или тристотини илјади километри повеќе од тоа што го покажува бројчаникот, стари по десетина години, коишто германските, и воопшто законите во ЕУ, ги отфрлаат поради превисоката емисија на штетни материи. Во САД, исто така. Дизел аферата изби поради лажираната емисија на азотни оксиди од новите возила со дизел мотор на Volkswagen. Повеќе производители се под истрага.

Германските салони за нови автомобили одобруваат попусти и до 10.000 евра, при замена на стар дизел со нов. Повеќе градови во земјата се подготвуваат да воведат забрана за сообраќај за возила со дизел мотор, а се разгледува и можноста државата може да побара пд производителите да ги подмират трошоците за „поправка“ на издувните системи на своите возила.

Да, за користените возила, но само за оние што навистина ги исполнуваат строгите еколошки норми – Еуро 4 и Еуро 5 ниту оддалеку не се гаранција дека возилото е „чисто“

Во оваа ситуација, дизелите што им се валкани и штетни на Германците, добри се за Македонците. Уште „подобро“, загаденоста поставува светски рекорди во македонските градови и станува сé појасно дека најголемиот удел го има токму сообраќајот, спротивно на единствената студија којашто е изработена за таа цел, и познавачите ја негираат, бидејќи се базира врз фиктивни вредности. Веродостојноста на податоците од мерните станици за аерозагаденоста исто така веќе подолго време се става под знак на прашање во стручните кругови.

Но, автомобилите се неважни, имаме друг, поважен проблем. Германија, инаку, во буџетот има средства за субвенционирање на уште 300.000 електрични автомобили. Старите мудреци рекле: Кој кого…

Топ 10 Најголеми заблуди околу аерозагаденоста во Македонија

Кое е возилото што деновиве е најпопуларно во Македонија?

Макпетрол се залага за метанот како ново алтернативно гориво во Македонија

ЕУ бара подобра заштита на купувачите по дизел скандалот

Шпанците се придружуваат во отсакувањето на дизелот

Вака германските градови го решаваат загадувањето од дизелот

Германија има субвенции за уште 300.000 електрични автомобили

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

renault zoe електричните автомобили

Почнува големиот пробив на електричните автомобили

Lada Vesta Cross

Теренска лимузина може да има само Lada