за

Koenigsegg сака да вози 531 километри на час

Koenigsegg Jesko Absolut
Koenigsegg Jesko Absolut

Koenigsegg ќе го урива рекордот на Bugatti и за таа цел планира да надмине 500 километри на час. Моќност од 1.600 КС на Jesko Absolut би требало да е доволно за тоа. Но, и уште многу други работи.

Предизвиците не престануваат за Koenigsegg. Новиот предизвик е да се постигне брзина од 531 километри на час. Швеѓаните ги изложија своите новитети во халите во коишто требаше да се одржи салонот на автомобили во Женева, иако тој е откажан поради вирусот корона. Покрај комплетно новиот Gemera беше прикажан новиот Jesko Absolut, како најбрз модел на Koenigsegg досега.

Jeskо имаше премиера на салонот во Женева лани. Хиперавтомобилот со 1.600 КС е именуван според таткото на основачот Кристијан фон Кенигсег. Моќта доаѓа од петрлитарски V8 со твинтурбо. При користење нормален бензин, притисокот на натполнење изнесува 1,7 бар и осумцилиндарецот постигнува 1.280 КС. Но, доколку се користи етанол, односно E85, притисокот во тој случај се качува на 2,2 бар и моќта соодветно расте на 1.600 КС и вртежен момент од 1.500 њутнметри. Оваа сила се пренесува само на задните тркала, преку посебен менувач LST со девет степени. Посебноста на овој менувач е во тоа што може да врати директно неколку степени подолу. Болидот тежок 1.320 килограми е наменет за тркачка патека, што и не е тешко да се заклучи, кога ќе се погледне огромниот заден спојлер.

Тајната за високата брзина е во аеродинамиката

Jesko Absolut е нова изведба на овој модел, којашто е конструирана со предизвик да постигне повисока крајна брзина од сите. Ова е најбрз модел на Koenigsegg досега. Моторот и менувачот се исти со Jesko. Клучот за високата брзина е во аеродинамиката. Инженерите работеа со цел, Jesko Absolut да се пробива низ воздухот колку може полесно.

New item by Automedia MK / Google Photos

Прво се забележува отсуството на големиот заден спојлер во споредба со стандардниот Jesko. Неговата улога ја заменуваат две перки, слично на борбен авион, кои обезбедуваат стабилност при висока брзина. На задните бандажи дополнително се монтирани аеродискови, за да се извлечат и последните можни километри на час. Отворот за воздух во предната хауба е затворен, исто како и отворите во предните крила. Со должината од 4,85 метри, Jesko Absolut е девет сантиметри подолг од стандардниот модел. Тежината е намалена на 1.290 килограми.

New item by Automedia MK / Google Photos

Усовршената аеродинамика овозможува „Absolut“ да биде мнгоу побрз од нормалниот Jesko. Споредбата на вредностите за потисокот покажува за што станува збор: Додека Jesko со огромниот заден спојлер произведува 800 килограми потисок при 250 km/h и максимални 1.400 килограми при крајната брзина, воздушните струи притискаат врз каросеријата на Absolut со само 40 килограми при 250 km/h, односно наксимално со 150 килограми. Отпорот на воздух изнесува 0,278.

Најбрз сериски автомобил во светот е Bugatti Chiron Super Sport 300+ со крајна брзина од 490,484 km/h

Крајната брзина од 531 километри на час на Jesko Absolut е теоретска и „измерена“ е преку симулација. Дали шведскиот хиперавтомобил навистина ја постигнува оваа брзина, никој не може да провери. Koenigsegg уште бара патека на којашто ќе може да се потврди рекордот. Делницата во пустината во Невада, кадешто беше поставен претходниот рекорд со Agera RS, недоволно е долга за брзини од преку 500 километри на час. Истото важи и за останатите патеки. Автомобилот сепак треба и да запре по постигнувањето на екстремната брзина.

New item by Automedia MK / Google Photos

Најдобар терен за проверка на вистинските можности на Koenigsegg е високобрзинскиот овал на Volkwagen во Ера-Лесиен. Но, мала е веројатноста дека германскиот концерн ќе му дозволи на фон Кенигсег да тестира на нивната патека. Швеѓаните сепак веруваат дека рекордерското возење ќе можат да го реализираат во текот на следната година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

продажба автомобили кина

Пад од 80 проценти во февруарската продажба на автомобили во Кина

Нафтата поевтинува, ОПЕК не може го спречи тоа

Нафтата поевтинува, ОПЕК не може го спречи тоа