159
23 shares, 159 points

По двобојот меѓу Koenigsegg и Bugatti станува јасно. Класичните мерила за моќноста и перформансите веќе се бескорисни за најбрзите автомобили во светот. Вредностите како 1.500 КС или 2,5 секунди се далеку од разумот. За светот полесно да свати што постигнуваат овие нисколетачки болиди, тука е новата дисциплина: Спринт од место до 400 km/h и повторно запирање во место. На Koenigsegg Agera RS сето тоа му успева за 36,44 секунди.

Не мина ниту еден месец откако Bugatti Chiron го запрепасти светот со своите перформанси. Предводникот на ексклузивната група ултраспортски автомобили забрза од место до 400 km/h и повторно запре за само 41,96 секунди. Но, неговата предводничка титула можеби е веќе загрозена. Шведската одгледувачница на расни автомобилски коњи Koenigsegg го пушти својот Agera RS да се покаже во истата дисциплина. И сосема неслучајно, веќе нов рекорд.

Koenigsegg Agera RS запираше 483 метри од 400 km/h

Со фабричкиот возач Никлас Лилја зад воланот, по авионска писта во Финска, Koenigsegg Agera RS забрза до 400 km/h за 26,68 секунди, за повторно да запре 9,56 секунди подоцна. Вкупно 36,44 секунди, дури пет секунди покусо. При целиот овој подвиг, шведскиот ултраспортсист извозе 2.441 метар. За ориентација, тоа е приближно половина од должината на скопска „Партизанска“.

Секако дека е мал бројот на автомобилите што имаат потенцијал да го соборат овој рекорд. Или барем да забрзаат до 400 km/h.

Koenigsegg Regera · 410 km/h (лимитирано), 1882 КС (хибрид), 1.590 kg, 0-400 km/h за ca. 20 s. Кој и да се обиде да го собори рекордот, Швеѓаните имаат резерва. Regera забрзува уште подобро од Agera RS.

Fahlke Larea GT1 S12 · 430 km/h, 1260 КС, 950 kg, 0-100 km/h за 2,0 s. Во комбинација со екстремно ниската тежина, Fahlke би можело да се вмеша во соборувањето на рекорди.

9ff GT9 Vmax · 437 km/h, 1400 КС, 1.340 kg, 0-100 km/h за 3,1 s. Тјунирана верзија на Porsche 911 GT3 од претходната генерација, во којашто само предните светла и хаубата се задржани од серискиот автомобил.

SSC Tuatara · 444 km/h, 1369 КС, 1.274 kg, 0-100 km/h за 2,5 s. Shelby Supercars веќе се има докажано со Ultimate Aero. Уште повеќе ветува Tuatara, но сето тоа треба прво да се провери.

Hennesey Venom F5 · 467 km/h, 1419 КС, 1.300 kg, 0-200 km/h за <14 s. Со ознака F5, за најсилна категорија на торнадо, од новата верзија на Hennesey Venom може да се очекува обид за соборување на рекордот.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

159
23 shares, 159 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *