151
20 shares, 151 points

Шведската марка е убедена дека неа треба да ѝ припадне рекордот за најбрз круг на Нирбургринг и најавува враќање на патеката. Додека се случи тоа, сепак ќе биде потребно уште малку време.

По фаталната незгода со Nissan GT-R на Нирбургринг во минатата година, менаџментот на познатата тркачка патека реши да воведе брзинско ограничување на одредени делници од патеката. Потоа следеше долго затишје, коешто ги наведе ентузијастите на помисла дека уривањето рекорди на кружни патеки ќе остане дел од минатото. Секако дека овие подвизи им се неопходни и на производителите на автомобили, тоа е силна маркетиншка поткрепа на секоја марка што се залага за перформансите на своите модели.

 

koenigsegg one1_1
1360 коњски сили им стојат на располагање на Швеѓаните да постават нов рекорд на Нирбургринг

Конечно пристигаат добри вести. Укинато е брзинското ограничување на „Северниот јазол“, како што уште се нарекува 22-километарскиот курс во густите германски шуми. Одлична вест и за Koenigsegg. Шведската марка на суперспортски автомобили веднаш реагираше со најава дека ќе се врати на патеката за да постави нов рекорд.

Koenigsegg уште кон крајот на 2014 година обзнани дека има намера да постави рекорд во „Зелениот пекол“. Но, целиот проект одненадеж пропадна поради воведеното брзинско ограничување. Швеѓаните не отстапуваат од рекордот којшто сметаат дека ним им припаѓа и најавуваат враќање на германската патека. Тоа сепак нема да се случи за брзо време. Како што објаснуваат од шведската работилница за суперавтомобили, „рекорд на Нирбургринг не се поставува тукутака.“

Ќе минат уште неколку месеци додека Koenigsegg се подготви за новиот рекорд. Фабричкиот возач Роберт Сервански ќе има одговорна и мачна задача да го избере оптималното дотерување на возилото за Нирбургринг, иако зад воланот веројатно ќе се најде друг возач при обидот за соборување на рекордот. Единствено е познато дека автомобилот што ќе се користи за поставување на новиот рекорд ќе биде молскавично брзиот Koenigsegg One:1.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

151
20 shares, 151 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *