за

Kodiaq е името на големиот теренец на Skoda

Новиот спортски теренец на Skoda ќе биде претставен во втората половина од годинава и ќе носи име според видот мечки кои живеат на далечен остров во Аљаска.

Чешката марка на Volkswagen денес потврди и официјално дека името на новиот спортски теренец ќе гласи Kodiaq. Серискиот модел што произлезе од студијата VisionS од салонот во Женева го носи името според мечките од видот „кодиак“ кои живеат на далечен остров покрај јужниот брег на Аљаска. Зборот потекнува од јазикот на староседелскиот алутејски народ. Skoda премиерно ќе го претстави моделот пред јавноста во втората половина од годинава.

Впечатлив е соодносот на населението на островот Кодијак. Покрај 14-те илјади човечко население, на овој фасцинантен остров живеат близу 3.500 мечки од видот кодиак. Локалниот народ ја нарекува мечката „так укаак“. Вообичаено е имињата на животинските видови на алутејскиот јазик да завршуваат на латинското „Q“, па оттаму и Skoda избра името на новиот теренец да завршува со Q, наспроти претходните шпекулации според кои името требаше да гласи Kodiak.

Skoda Vision S
Не е исклучена можноста повозрасните генерации возачи да пронајдат асоцијации на некогашната актерска ѕвезда „Коџак“ во името на големиот теренец на Skoda

Големиот теренец ги задржа димензиите од студијата VisionS од Женева, што значи дека должината на каросеријата изнесува 4,70 метри. Тоа е доволно простор да се додаде трет ред седишта и возилото да се понуди во верзија на седумсед. Доколку се користат пет седишта, останува џиновски простор за товар.

Како што посочува Skoda, моќта на Kodiaq се огледува во дизајнот, кој поседува „препознатлива, мускулеста линија, што оддава динамична, робусна и моќна појава.“ Слоганот под којшто Skoda ќе го промовира новиот теренец гласи „Discover new ground“. Со овој модел позициониран над актуелниот Yeti и изведен на заедничка платформа со Volkswagen Tiguan и Seat Ateca, чешката марка го одбележува стартот на моделската офанзива во сегментот на спортските теренци. Продажбата на Kodiaq ќе започне рано во текот на следната година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Tesla негодува зашто е исклучена од германската субвенција за електромобили

Австралијците ја претворија Toyota GT86 во комби-купе