за

Клучот од автомобилот се претвори во мобилна апликација

мобилен телефон место клучот од автомобилот

Автомобилите некогаш се отклучуваа и стартуваа со клуч. Метален клуч, со запци. Во меѓувреме, оваа функција ја презедоа мобилните телефони. Како што со текот на времето се менуваа клучевите, така се појавуваа имобилизатори, дигитални клучеви. Мала историја на автомобилскиот клуч

Постојат млади генерации кои не знаат како изгледа грамофон и кои слатко ќе се изнасмеат за телефоните со вртење. Не е случајно тоа што уште велиме „сврти ми“. Наскоро ќе има генерации на коишто ќе треба да им се објаснува и дека автомобилите некогаш се отклучувале и стартувале со нешто што изгледало како клуч за поштенско сандаче.

Но, ниту клучевите не постоеја во раните денови на автомобилизмот. Првите возила стартуваа со многу сила и со вртење на курбла. Нема многу податоци околу активностите на автомобилските крадци во тоа време, но постојат записи дека возилата се обезбедувале од кражба со синџир и катанец, врзани за улична бандера. Електричниот стартер, анласерот, пронајден е пред нешто повеќе од еден век.

Прв автомобил со посебен клуч за стартување и со контакт брава е Cadillac Type 53 во 1916 година. Во периодот по војната, Chrysler прв воведува еден клуч којшто служи и за отклучување на вратите и за стартување на моторот. Тоа е веќе 1949 година.

Централна брава со далечинско отклучување е автомобилски хит во 1990-те години

Централната брава станува популарна во 1990-те години, а клучевите тогаш добиваат и копче за далечинско отклучување на возилото. Крадците масовно се откажуваат од својата „професија“ кога се појавуваат првите имобилизатори. Но, во почетокот и имобилизаторите имаат еден голем пропуст, којшто всушност им ја олеснува работата на крадците. Набрзо пристига решението, во форма на код што се менува постојано.

Имобилизаторот става крај на крадењето автомобил со премостување на каблите под воланот. Таквите сцени денес постојат само во старите крими-филмови. Ефикасната заштита набрзо станува задолжителна опрема во секој нов автомобил.

Од тогашните клучеви до денешните, останато е само името. Овие интелигентни мини уреди самостојно го отклучуваат возилото кога ќе се приближи сопственикот. „Клучот“ може да остане в џеб цело време, затоа што повеќето од новите модели воопшто и немаат брава во којашто треба да се стави клучот. Возењето почнува и завршува на копче.

Но, и оваа комоција со клучот в џеб може нагло да се прекине, затоа што крадците во меѓувреме научија дека кодот се краде исклучително лесно. Потребно е да се купат само неколку електронски компоненти од специјализиран дуќан, и „бизнисот“ е готов. Keyless Entry уште е слаба точка кај повеќето марки, па експертите не случајно препорачуваат да се оневозможи функцијата на пристап и стартување без клуч.

Mercedes A-Class веќе се отклучува преку мобилен телефон

Мобилните телефони веќе се претворија во клуч за автомобилот. Тоа веќе извесно време функционира кај Mercedes Е-Class, а секако дека е достапно и кај неодамна промовираниот A-Class. Мобилниот телефон испраќа дигитален клуч преку радио врска и преку NFC (Near Field Communication). Постои ефикасна и заштита, за хајтек-крадците да не го злоупотребат виртуелниот клуч. Но, ниту заштитата не е вечна.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

товарни велосипеди

Товарни велосипеди ја преземаат доставата на пратки

Renault, Zoe, Жил Норман

Renault подготвува уште три електрични модели