149
20 shares, 149 points

Кросоверот на Kia е во центарот на вниманието на автомобилската сцена. XCeed неодамна имаше македонска премиера, а во меѓувреме пристига и една од најверодостојните потврди за новиот модел на Kia. На споредбен тест кај нашите пријатели, германскиот магазин Ауто Билд, XCeed се најде пред Volkswagen T-Roc.

Го пренесуваме целосниот текст од споредбениот тест на Kia XCeed и Volkswagen T-Roc во магазинот АУТО БИЛД.

Kia го може тоа. Ceed сепак го победи Golf во споредбата во компакт класата. Тоа им успеало само на малкумина. Постојат шанси овој успех да се повтори: Техниката на новиот XCceed потекнува од Ceed, додека на T-Roc од Golf, што значи дека станува збор за системот од заеднички компоненти MQB. Дури и моторите се исти како тогаш: 1,4-литарски T-GDi во Kia и 1,5-литарски TSI во VW. И уште ова: T-Roc веќе е две години стар. Тоа се забележува. Во споредба со XCeed, тој изгледа обично и без спектакли.

XCeed во поглед на стилот како да доаѓа од друг свет

Фото: АУТО БИЛД

Наспроти тоа, луѓето се завртуваат по Kia, посебно кога е во квантум-жолтата боја, како нашето возило за тест. Со помалку впечатлива маска и со подолга хауба од Ceed, со неколку пластични делови од сите страни и со линија на покривот во форма на купе, таа изгледа расно, барем ние цениме така. Дизајнерите очигледно се забавувале повеќе и при уредувањето на внатрешноста. Кокпитот изгледа свежо и јасно, а со неколку површини што се меки на допир, делува и поквалитетно од Volkswagen, со неговата тврда пластика на сите страни. Како прва Kia досега, XCeed доаѓа со дигитални инструменти (12,3 инчи) и убава графика. Новитет претставува и екранот од 10,25 инчи за преработената навигација и мултимедијата. Двете ставки се сериски во опремата Launch Edition. Тоа отсекогаш било убаво во Kia: Ракувањето не прави ниту еден проблем. Во Launch Edition спаѓаат и комфорните седишта со впечатливи штепови. Седењето е 3,5 сантиметри повисоко над патот во споредба со обичниот Ceed – што не е толку високо како во чистокрвен СУВ. Тоа е пријатна меѓувисина.

T-Roc е поблиску до СУВ во класична смисла

Фото: АУТО БИЛД

Назад е мошне удобно, задната клупа е исполнета меко. Високите луѓе сепак мора малку да ја вовлечат главата, затоа што не останува многу простор над темето – затоа, пак, има доволно простор за долги нозе. Назад е сосем спротивно во T-Roc. Просторот за колена е помал во споредба со Kia, но затоа има 4,5 сантиметри повеќе простор за глава отколку во XCeed. Се седи четири сантиметри повисоко и чувството е повеќе како во СУВ. За дигиталните инструменти во VW се доплаќа 500 евра (сите цени се однесуваат за германскиот пазар и се преземени заедно со текстот на АУТО БИЛД), но истите се достапни само во комбинација со радио (сериски во Style) или навигација (615 евра) и со кожен волан (190 евра). Доколку некој очекува повисок квалитет во споредба со Kia, тогаш е подобро да знае дека тие времиња завршија одамна. Јасно, VW е изработен рутински, но исто и Kia. Дури, во некои детали, таа е изработена подобро. Нашиот XCeed на тестот добива погон од 1,4-литарец со 140 КС. Тој си зема малечка секунда додека турбото „размисли“, но потоа почнува да влече моќно. Моторот долго останува тивок, при средни вртежи се појавува мало брмчење, а при високи вртежи, ќе речеме дека звучи остро.

Kia вози лесно и прецизно, потемпераментно од VW

Kia XCeed не е дотеран да се издвојува посебно. Тој амортизира примерно, реагира малку погрубо единствено на погруби нерамнини. Со директното управување, коешто сепак е чувствително на удари, Kia вози лесно и прецизно, потемпераментно од VW. За пофалба е тоа што сопирачките во незагреана состојба ја запираат Kia по 35,7 метри, што е за 1,6 метар порано од VW.

Кај него работи 1,5-литарец со 150 КС под хаубата. Тој е темпераментен тип, при ниски вртежи повлекува поживо од Kia, но потоа му попушта енергијата. На тоа се надоврзува и уште подолг краен преносен однос. TSI звучи некако зарипнато, мошне пријатно. VW го дотерал T-Roc хармонично и избалансирано, амортизацијата реагира помеко отколку во XCeed. Во директна споредба, тој се вози како СУВ, на висока нога и остава впечаток дека е помасивен. Големо изненадување е цената. Не, Kia не е поевтина од VW, во ценовникот на XCeed пишува 31.390 евра. Причина за тоа е опремата „Launch Edition“ на возилото на тест, којашто чини 9.000 евра. Но, затоа се добива сé. За T-Roc на тестот, со опрема Style, VW пресметува 28.195 евра. Но, тоа не помага многу, на крајот Kia е прва. Повторно.

1-во место со 527 од 750 бодови: Kia XCeed 1.4 T-GDI.

XCeed изгледа расно, има добра просторна понуда и моќен мотор. Таа е мошне управлива и обемно е опремена. На тоа се надоврзуваат и седум години гаранција. Основна цена: Од 22.390 евра

2-ро место со 523 од 750 бодови: VW T-Roc 1.5 TSI.

T-Roc располага со доволно простор, има избалансирани возни својства и темпераментен мотор, има талент за мултимедија. Типично за VW се скромните две годни гаранција. Основна цена: Од 23.700 евра

Заклучок од авторот Дирк Бранке:

„На Kia повторно ѝ успеа. Го победи VW. Посебен впечаток остава тоа што XCeed во тестираната изведба е дури и поскап од T-Roc. Тоа значи дека Kia победува и покрај цената, а не поради неа. Со Xceed, Kia најде интересен формат.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

149
20 shares, 149 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *