Познат е датумот кога новиот кросовер на Kia првпат ќе се појави пред македонската јавност. Kia XCeed ќе доживее премиера на гала-настан со посебни покани, во салонот на марката, на 27-ми ноември. Според подготовките за моделот во Киа Моторс Македонија, ова е веројатно стратешки најважниот модел во гамата на компактот Ceed.
Новите модели на производителите на автомобили пристигаат според точно поставен план, во прецизно избрана временска рамка и согласно чекорите што во исто време ги прави или планира конкуренцијата. Некогаш е целта да се биде пред неа, некогаш е подобро таа да се остави да го стопи мразот. Сето тоа е стратегија, начин за обезбедување подобри позиции на пазарот во однос на соперниците.
Пристигањето на одделните моделски изведби во гамата на новиот Ceed беше одличен пример за беспрекорно осмислена статегија. Прво се појави матичниот модел Ceed, потоа следеше и комбито Sportswagon, за појавувањето на третиот модел во гамата, на крајот да одекне речиси како главна вест за тв-дневник. Секако, станува збор за спортското комби ProCeed. Точно кога личеше дека моделското семејство е целосно, Kia го најави кросоверот, за кој веднаш стана јасно дека е стратешки најважниот модел во гамата – носител на имиџот, „мотор“ за продажбата на целата гама на компактот, XCeed.
Неговата македонска премиера е закажана за 27-ми ноември, на гала-настан во салонот на марката. Но, зошто Kia му придава толку големо значење на кросоверот? Прашањето важи особено покрај СУВ-бестселерот Sportage, кој држи постојано продажно темпо и неговата продажба веќе одамна се наведува со „толеранција“ од стотина примероци. Неофицијално, само од актуелната генерација на Sportage досега се продадени повеќе од 500 примероци на македонскиот пазар. Дополнително фактот што нашиот пазар добро ги познава сите генерации на ова моделско име, коешто е присутно уште од средината на 1990-те години.
XCeed е важен од многу гледишта. Прво, моделот се појавува во сегментот кадешто досега доминираа премиум марките и нивните кросовери (и кросовер-СУВ) во компакт класата. Според абецедата: Audi Q2, BMW X2, Jaguar E-Pace, Mercedes GLA, Range Rover Evoque, Lexus UX, Mini Countryman и други. Целта е јасна. Овие модели се наменети за кругот на купувачи кои сакаат да се издвојуваат од масата, со кросовер со соодветен стил, но уште поважно, подготвени се за тоа да ја платат екстра-цената на којашто премиум марките имаат сосем легитимно право. Не беше случајно тоа што престижните марките први влетаа во сегментот. Таму е речиси комплетно.
Наспроти тоа, во сегментот на „народните“ марки штотуку почнува да се дополнува понудата од кросовери: Mitsubishi ASX веќе со години е присутен и продолжува да се пробива, хибридната Toyota C-HR постигнува фантастични продажби (штотуку стартуваше новото моделско годиште кај нас), Subaru XV исто така е „класичар“ во сегментот, а необично за марката, Volkswagen релативно рано се приклучи со својот T-Roc и не погреши. Едно време, кросоверот на база на Golf имаше најголем раст во продажбата во Европа, заедно со Toyota Corolla. Последна е Mazda CX-30.
Сега пристига XCeed, со стил и изглед кој ги засенува и повеќето премиум модели во сегментот, а со цена, противвредност и гаранција на Kia. Кросоверот од словачката фабрика ги спојува двата различни ценовни сегменти. Притоа, XCeed го има и педигрето, го има покрај себе името на Sportage, значи не е новодојденец и воопшто не е автомобил што сцената ќе го гледа како вишок. Претходно, Kia не пропушти да го обележи и врвот до когошто може да достаса моделската гама на Ceed, со спортското комби ProCeed.
Со цената и со спецификацијата, Kia XCeed се очекува да биде позициониран меѓу Ceed и Sportage. Точните бројки и податоци за опремата ќе бидат познати при премиерата во Киа Моторс Македонија на крајот на месецов.
Единствениот заеднички дел од каросеријата на Ceed се предните врати. Шеф-дизајнерот за Европа, Грегори Гијом, создаде силуета со нагласено долга хауба и со опаш како кај купе. Задниот спојлер е позициониран 60 милиметри повисоко во споредба со стандардната комбилимузина. Каросеријата е поширока за 26 милиметри, но мерката што најверно го оддава карактерот на XCeed е растојанието од подлогата. Тоа е зголемено за 42 mm. Во комбинација со бандажи од 18 инчи, клиренсот изнесува 184 милиметри. Посебно за кросоверот е изведена бојата „квантум жолта“, а вкупно на располагање стојат дванаесет различни бои.
XCeed со своите 4.395 mm е подолг за 85 милиметри од Ceed и за 90 милиметри од Sportage. Споредбата на висината дава 48 mm над Ceed и 150 mm под Sportage.
Понудата од мотори опфаќа три бензинци и еден дизел, познати од останатите моделски изведби во гамата на Ceed: 1.0 T-GDI со 120 КС, 1.4 T-GDI со 140 КС, топ-бензинец 1.6 T-GDI со 204 КС и 1,6-литарски дизел со 136 КС. Сите мотори, освен бензинецот со 120 КС, може да се комбинираат со 7-степен менувач со двојна спојка.
XCeed: Секогаш има место за уште еден кросовер од Kia
Тест на Аутомедиа: Kia ProCeed 1.6 GT