за

Бестселерот Kia Sportage со залет во новото моделско годиште

Kia Sportage 2019

Kia Sportage со нов дизел и нови можности за комбинирање со погон на сите тркала и автоматски менувач, сите мотори чисти според Euro 6d-Temp, повеќе опрема во основното ниво. И гаранција од 7 години, којашто во Kia повеќе никој не ја спомнува

Одличните продажби на нашиот пазар веројатно не беа единствената причина за Kia да го освежи својот бестселер и да му даде нова сила, за компактниот СУВ да го продолжи пазарниот бум, но доволно е добро и тоа што македонските возачи избираат исто како Европејците. Како светот, исто така. Kia Sportage е бестселерот на корејската марка во глобални рамки, со повеќе од пет милиони продадени примероци.

Од септември, освеженото моделско годиште на Kia Sportage и официјално стартува со продажба на нашиот пазар. Киа Моторс Македонија во понеделникот го претстави својот најпродаван модел пред домашните медиуми, во италијанскиот ресторан Портофино во Скопје. За значењето на настанот и моделот говорат двестоте примероци од Sportage со коишто македонската Kia очекува да ја заврши годинава.

Kia Sportage 2019 3

Главниот новитет е 1,6-литарскиот дизел, во замена за познатиот 1,7 CRDi, кој се изработува во верзии со 115 и 136 КС. Во македонскиот ценовник ќе фигурира само посилната изведба, поради незначителната разлика во цената. Како трета и најсилна дизел погонска единица и натаму се нуди дволитарскиот CRDi, со 185 КС, исклучиво со погон на сите тркала и со второто ниво на опрема Advance. Опција е 8-степен автоматски менувач, со доплата од 1.950 евра.

Македонските возачи сé почесто се решаваат за бензинските верзии на Kia Sportage – тоа ни е ист манир со европските возачи

Како што посочи Владимир Билбилов, директор на Киа Моторс Македонија, сите дизели на корејската марка уште сега ја исполнуваат актуелната норма Euro 6d-Temp, којашто ќе стане обврзувачка за сите нови модели во Европа дури в година. Строгата контрола, главно на азотните оксиди во издувните гасови, вообичаено за новите генерации дизели се постигнува со селективна каталитичка редукција (SCR) и примена на адитив АдБлу.

Со пристигањето на новиот 1.6 CRDi се добива и нова погонска варијанта. За разлика од претходникот, овој мотор сега може да се комбинира и со погон на сите тркала. Варијантата 4×4 чини 1.950 евра повеќе од изведбата со преден погон. Дополнително може да се избере и 7-степен менувач со двојна спојка, кој исто така чини 1.950 евра. Најдостапен дизел во понудата е Kia Sportage 1.6 CRDi со ниво на опрема Vision, погон напред и шестстепен мануелен менувач, со акциска цена од 19.950 евра (со вклучен акциски попуст од 2.600 евра).

Kia Sportage 2019 1

Радува тоа што македонските возачи имаат иста практика како возачите на најголемите пазари во Европа и во поглед на изборот на погонски единици, и во последниов период се ориентираат кон бензинските мотори. Според експертизата на Владимир Билбилов, околу 80% од купувачите на модел со дизел мотор кај нас воопшто немаат потреба од дизел. За растечкиот интерес за бензинските модели секако дека придонесува и разликата во цената – конкретно 3.000 евра, во споредба на 1.6 GDi и 1.6 CRDi – но, тоа во голема мера се должи и на намалената разлика во потрошувачката на гориво. Секако дека и позитивните искуства на сопствениците се важни за „новиот имиџ“ на бензинците.

Kia Sportage 2019 2

Понудата од бензински погонски единици ја сочинуваат 1.6 GDi со 132 КС и 1.6 T-GDi со 177 КС. Двете верзии користат директно впрскување, посилната располага со турбонатполнење. Бензинците исто така ја исполнуваат нормата Euro 6d-Temp, вклучувајќи филтер за честички гареж. Турбо-моделот може да се нарача и во варијанта со погон на сите тркала, а дополнително и со седумстепен менувач со двојна спојка. Овој менувач не е достапен за варијантата 4х2.

Благ хибрид пристига во понудата од погонски варијанти, многу поевтин од обичен хибрид, а пак штедлив

Уште еден важен имиџ-носител во гамата е 2.0 CRDi EcoDynamics+ . Станува збор за блага хибридна изведба, со стартер-генератор со моќност од 12 киловати, 48-волтна мрежа и компактна батерија што испорачува енергија за стартер-генераторот при забрзување. Обратно, полнењето се врши при секое забавување и сопирање. Тоа е погонска варијанта што ќе се среќава многу помасовно во понудата на сите производители. Sportage е прв модел на Kia со благ-хибрид и еден од првите воопшто СУВ-модели.

Sportage 2.0 CRDi EcoDynamics+ постигнува 185 КС и 400 њутнметри. Заштедата во потрошувачката и во емисијата на СО2 во споредба со 2.0 CRDi изнесува околу 10 проценти.

Активен темпомат со самостојно поаѓање и запирање во колона, а наскоро и опција за диодни светла

Новото моделско годиште се распознава по новите браници, предни и задни светла, бандажите, страничните хромирани лајсни. Се нудат и пет нови бои. Подоцна ќе се нуди и опција за предни светла со диодна техника за сите светлосни функции. Во понудата од системи за асистенција е новитет приспособливиот темпомат, со функција за самостојно запирање и поаѓање во колона.

Kia Sportage 2019 5

Со нови ставки во опремата најмногу профитираше основното ниво Vision, во коешто влегуваат алу-бандажи од 16 инчи, автоматски клима-уред со две зони, дисплеј од 7 инчи на допир, вмрежување со паметен телефон, камера за рикверц и паркинг сензори, темпомат, блутут, автоматска контрола на светла и на бришачи, греење на ретровизори и диодни дневни светла.

Како реткост на нашиот пазар, Sportage е достапен и во лимитирана изведба First Edition

За „љубителите“ на специјалните серии, Kia ја нуди верзијата First Edition – наводниците се заради тоа што станува збор за супер-опремена верзија, којашто сепак нуди ценовна предност во споредба со посебно нарачување на опциите. „Супер“ значи: Систем за следење лента и за следење на мртвите агли, самостојно запирање при опасност, затемнети задни стакла, заштитни плочи за подвозјето, бандажи од 19 инчи, навигација и цела низа ексклузивни ставки. Соодветно на тоа и цената изнесува 31.850 евра, во верзијата 1.6 CRDi со погон на сите тркала и седумстепен менувач со двојна спојка.

Седумгодишната гаранција во меѓувреме престана да фигурира во промотивните активности. Тоа не е друго, освен знак дека Kia денес се чувствува сосем комотно во конкурентската битка. Во таа смисла, повеќе внимание добива слоганот „Моќ да те изненади“. А, изнедувањето е во пристигањето на новата генерација на Kia Ceed веќе во октомври.

Kia Sportage најдобар избор на СУВ за тинејџерите во САД

Електричен Kia Niro во продажба во Европа кон крајот на годинава

Kia Sportage освежена и со хибриден погон

Разноликоста на СУВ-моделите: Погодете ја марката и моделот

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

SmartBumps паметен лежечки полицаец

Првиот паметен лежечки полицаец наскоро ќе регулира во Скопје

електрични автобуси лондон

Автобуси на струја ќе возат низ Лондон