за

Kia Sportage: Бестселерот на марката со „гаранција“ за бестселер во класата

Четвртата генерација на компактниот теренец на Kia стартува со продажба во Македонија, со сите предности од претходниците, вклучувајќи ги најважните: Основен модел за помалку од 20.000 евра и гаранција од 7 години.

Спортската и динамична нота што Kia започна да ја негува како носител на имиџот на марката доживува кулминација со пристигањето на четвртата генерација на компактниот теренец Sportage. Во директна споредба со претходникот може јасно да се препознае насоката во којашто продолжува корејската марка: Препознатлив дизајн, солидна завршна изработка, последна генерација од системи за асистенција и докажана техника, а сето тоа заедно со неизоставната противвредност, којашто заедно со широкоградата гаранција сепак придонесе најмногу за местото што Kia денес го држи заслужено на пазарот.

Страничната силуета изгледа многу поиздолжено во споредба со претходникот, иако порастот изнесува само 4 сантиметри
Страничната силуета изгледа многу поиздолжено во споредба со претходникот, иако порастот изнесува само 4 сантиметри

Неприкосновено е европското потекло на Kia Sportage, во секој поглед. Главниот дизајнер на Kia и потпретседател на групацијата е Петер Шрејер, а негов нов помошник и веројатен наследник е Лук Донкерволке. Обајцата имаат поминато голем дел од својата кариера во Audi. Од спортското одделение M GmbH на BMW пристигна и Алберт Бирман, кој од мај 2015 се грижи моделите на Kia да ја постигнат пропагираната спортска нота. Покрај тоа, најголемиот дел од компонентите во Sportage потекнуваат од европски добавувачи, вклучувајќи го и погонот на сите тркала, кој пристига од гигантот Magna. Развојот и конструкцијата се дело на техничкиот центар во Риселсхајм во Германија, производството и натаму е во супермодерната фабрика на Kia во словачката Жилина.

Двозонски клима-уред уште во основното ниво – за помалку од 20.000 евра

Experience е најсоодветното име за основниот модел на Sportage, за претставување на симболиката на моделот. Од почетокот на овој месец, новата генерација на компактниот теренец достапна во продажба во Киа Моторс Македонија, со цена на основниот модел 1.6 GDi Experience од 18.550 евра. „Искуството“ се огледува во богатата понуда на опрема уште во старт. Покрај беспрекорно комплетен пакет безбедносна опрема, вклучувајќи и динамична распределба на силата на сопирање во свијоци, во нивото Experience следуваат уште системи за помош при поаѓање на нагорнина и спуштање по надолнина, паркинг сензори назад, аларм, автоматски клима-уред со две зони на контрола, темпомат, блутут, кожа на воланот и менувачот, потпирач за рака напред, сензор за дожд, диодни дневни светла, магленки, а во сето не недостигаат и алуминиумски бандажи од 16 инчи и кровни носачи за багаж.

Впечатокот за квалитетот на завршна изработка и чувството од новите материјали и бои ја прават најголемата трансформација кај новиот Sportage
Впечатокот за квалитетот на завршна изработка и чувството од новите материјали и бои ја прават најголемата трансформација кај новиот Sportage

За останатите две понудени нивоа на опрема преостанува само „малку“. Со разлика во цена од 2.000 евра, средното ниво на опрема Advance доаѓа дополнително со камера за рикверц, навигација, озвучување од JBL, полнач за мобилен телефон, диодни задни светла и за уште еден инч поголеми бандажи. Врвното ниво Distinctive, кое што и со цената се „издвојува“ од второто ниво за дополнителни 6.000 евра, веќе не остава простор за какви било неисполнети желби: Системи за активно следење лента и за следење на мртвите агли, дисплеј од 11 сантиметри во таблата со инструменти, кожа на седиштата, вклучувајќи греење на сите седишта и вентилација во предните седишта, копче за стартување на моторот и ксенонски светла со следење на свијокот.

Темелни зафати кај 2.0 CRDi за поголема динамика и подобра ефикасност

Основниот бензинец од 1,6 литар со директно впрскување и 132 КС и дизелот од 1,7 литар со 115 КС се достапни само во изведба со преден погон, додека посилните мотори, дволитарскиот GDi со 155 КС и исто така дволитарскиот CRDi со 185 КС се нудат исклучиво во конфигурација со погон на сите тркала. Ова строго ограничување го повлекува тој недостаток што купувачите кои го посакуваат Sportage во комбинација само со погон на сите тркала ќе мораат да „доплатат“ 3.000 евра кај бензинецот и околу 4.000 евра кај дизелот, за заедно со погонот да добијат и поголем мотор. Зошто Kia си ја дозволува оваа слобода е јасно кога ќе се спореди со понудата на конкуренцијата. Дури и во комбинација со посилниот мотор како услов за добивање на погонот на сите тркала, Sportage и понатаму ја задржува ценовната предност во повеќето случаи, или најмалку противвредноста. Од друга страна, и барањата на купувачите соодветствуваат на ваквата разграничена понуда. Повеќето конкуренти не постапуваат различно.

GT Line е спортскиот пулен во гамата на Sportage, со 1,6-литарски турбобензинец со 177 КС, подинамично подвозје и спортски детали во опремата и изгледот
GT Line е спортскиот пулен во гамата на Sportage, со 1,6-литарски турбобензинец со 177 КС, подинамично подвозје и спортски детали во опремата и изгледот

Бензинецот од 1,6-литар е разумна алтернатива на дизелот, првенствено за купувачите коишто не сакаат да го надминат лимитот од 20.000 евра, а разумна е поради директното впрскување со коешто потрошувачката се одржува во прифатливи граници, исто како и со варијабилната работа на обете брегасти вратила, што веќе долго време е стандард кај бензинците на Kia. Поголемиот дел од продажбата сепак отпаѓа на дизелските модели. Основниот дизел од 1,7 литар со 115 КС е преземен од претходникот, додека поголемиот 2.0 CRDi претрпе значајни промени во насока на натамошно подобрување на ефикасноста, перформансите и култивираноста во работата, со блок полесен за 5 килограми, варијабилна пумпа за масло и нов филтерски модул. Главната промена пристига од новиот турбокомпресор, кој реагира порано и посуверено, вклучувајќи и оптимирана контрола на согорувањето со покрути пружини на вентилите и притисок на впрскување до 2.000 бари.

Целосна трансформација во изгледот околу „тигарскиот нос“ на Kia

Sportage и со изгледот се вбројува меѓу динамичарите во класата и со драстичните дизајнерски освежувања оддава впечаток на висока технологија. „Тигарскиот нос“, како што интерно се нарекува препознатливата форма на маската на моделите на Kia, сега е повеќе издвоена од светлата, кои со тесната форма му даваат визуелна лутина на Sportage. Впечатлив детал се и дневните диодни светла со четири точки. Во главниот визуелен ефект во задниот дел учествуваат трите надолжни рабови, кои прават каросеријата да изгледа пошироко и повеќе „прилепено“ на патот. Отстрана, дизајнерите постигнаа ефект како Sportage да има значително издолжена каросерија.

Нејзината должина се зголеми за четири сантиметри, на 4,48 метри, додека меѓуоскиното растојание од 2,67 метри е за три сантиметри подолго во споредба со претходникот. Порасна и багажникот, со 491 литри, односно 49 литри повеќе, со максимални 1.492 литри.

Вниманието што Kia го посвети во развојот на моделот од најраздвижениот сегмент на европскиот пазар не треба да зачудува, Sportage е сепак најпродаван модел на Kia во Европа, со близу 100.000 продадени примероци во 2014 година, односно со учество на моделот во вкупната продажба на марката од дури 27,5 проценти.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Еден милион хибридни возила од Lexus

Може ли камион на Volvo да повлече 750 тони и дваесет приколки?