за

Kia Sorento, четврта генерација

Kia Sorento 2020
Kia Sorento 2020

Kia Sorento стартува во четвртата генерација, најавен како моќен, напреден и повеќестран СУВ, што според промотивниот слоган, ќе се соочи „со сите предизвици кои животот ќе ги постави пред него“.

Кога првата генерација се појави пред 18 години, Kia Sorento беше мошне пристојно парче автомобил. За кусо време се покажа дека големиот СУВ всушност е одличен автомобил, во многу подрачја дури и подобар од конкуренцијата. Продажбата врвеше како подмачкана, имиџот на корејската марка блескаше уште повеќе. Пристигањето на четвртата генерација на Sorento е одлично заокружување на напредокот што Kia го постигна оттогаш. Матура.

Дизајнерите на марката коишто признаено се вешти во својата дисциплина, не пропуштија на новиот Sorento да му дадат зрела и самоуверена појава. Линиите на каросериајта се остри, светлата оддаваат дека во автомобилот работи напредна технологија, а издолжената силуета внесува динамика, за да се укаже дека големиот СУВ постигнува и солидни перфоманси.

Sorento настапува од позиција на знаменосец во понудата од СУВ-модели на Kia, покрај Stonic, Seltos, Sportage и Telluride

Карактеристичната маска, што сцената ја познава како „тигарски нос“, кај новиот Sorento е многу поширока и ги зафаќа и предните светла. Нов детал се диодните дневни светла што се извлечени директно под предните светла. Заедно со разиграните форми во браникот, возилото изгледа многу пошироко, иако со 1,90 метар (+10 mm) сигурно не е меѓу најтесните во класата.

New item by Automedia MK / Google Photos

Должината порасна за 10 милиметри, на 4,81 метар, со покуси каросериски превиси напред иназад. Поголем е порастот во меѓуоскиното растојание (2.815 mm), кадешто Sorento има за 35 милиметри повеќе простор. Стилот ја издолжува каросеријата и прави возилото да изгледа пониско, иако е за 10 mm повисоко од моделот од третата генерација. Главната разлика во изгледот сепак ја прават предните столбови, што се поместени 30 милиметри поназад, во корист на должината на хаубата.

New item by Automedia MK / Google Photos

Останува препознатливиот закосен и широк заден столб, заедно со порабените арки на крилата, а нов детал е перката зад задните врати, во стил на ProCeed. По пример на американскиот Telluride, задните светла се изведени во два дела. Уште едно обележје на новиот дизајн на Kia е името на моделот што е испишано со одвоени букви по средината на задниот капак. Се забележува и отсуството на заден бришач. Тој секако не отсуствува, туку е сокриен во горниот спојлер.

За каросеријата на Kia Sorento, купувачите во Европа ќе имаат избор од десет бои, како и бандажи со пречник до 20 инчи

Промените се многу повеќе забележливи во внатрешноста, кадешто Kia ветува уште повисоко ниво на квалитет и дизајн што го нагласува впечатокот за добра завршна изработка. Внатрешноста на новиот Sorento поседува најквалитетни материјали што досега се вградени во модел на Kia.

New item by Automedia MK / Google Photos

Кокпитот во повисоките нивоа на опрема е изведен со два големи дисплеи: Дигитална табла со инструменти од 12,3 инчи и средишен дисплеј за инфо-забавниот систем од 10,25 инчи. Повеќето класични прекинувачи се заменети со сензорски полиња, вклучувајќи ги и контролите за климатизацијата. Не отсуствуваат и амбиентално светло, безжичен полнач или моќно озвучување од Bose.

Sorento ја користи новата платформа од трета генерација за СУВ-модели од средна големина, којашто овозможува повеќе простор во кабината и во исто време многу простор во багажникот. Според Kia, станува збор за еден од најприспособливите и најпросторни модели во класата. Главниот нагласок кај новата платформата сепак е во воведувањето електромотор во погонската спрега, односно изведувањето на неколку хибридни варијанти.

New item by Automedia MK / Google Photos

Батеријата во Sorento Hybrid е поставена под подот на кабината, со што останува простор за седум патници, но и багажник до 821 литри (со 7 седишта), односно до 910 литри (за моделот со 5 седишта). Бидејќи меѓуоскиното растојание е зголемено, средната клупа сега може да лизга 45 милиметри повеќе нанапред, кога треба да се ослободи пристап до третиот ред седишта.

New item by Automedia MK / Google Photos

Sorento Hybrid користи погонска комбинација што се води како Smartstream и се состои од 1,6-литарскиот T-GDi, електромотор од 44,2 kW (60 КС) и батерија од 1,49 kWh. Системската моќ на оваа варијанта на големиот СУВ изнесува 230 КС, максималниот вртежен момент достигнува 350 Nm. Турбо-бензинецот поседува технологија CVVD (Continuously Variable Valve Duration), односно променливо времетраење на отворањето на вентилите, зависно од оптоварувањето. На тој начин се подобрува повлекувањето при пониски вртежи и воедно се намалува потрошувачката. Моќта се пренесува преку шестстепен автоматски менувач.

Хибридната верзија на Kia Sorento ќе биде достапна на одредени пазари во Европа уште од стартот на моделот, за подоцна да следат и останатите пазари; Верзијата со приклучен хибриден погон (плагин-хибрид) ќе биде понудена кон крајот на годината

За европскиот пазар ќе се нуди и 2,2-литарски дизел Smartstream со 202 КС и 440 њутнметри. Со алуминиумски блок, моторот е полесен за 38,2 килограми во споредба со претходникот. Менувачот е осумстепен со двојна спојка, со повеќеделна ламела што работи во масло и овозможува помеко менување на степените и пониска потрошувачка на гориво од обичен автоматик.

New item by Automedia MK / Google Photos

Sorento стандардно вози со преден погон, со можност за избор на верзија со погон на сите тркала. Заради зголемување на тракцијата на моделот со преден погон, развиен е т.н. теренски модус, кој соодветно го модулира вртежниот момент и ја приспособува работата на системот ESP. при избор на програма за возење по кал, снег или песок.

Арсеналот од системи за асистенција е мошне богат и вклучува систем за самостојно сопирање при опасност од судир, со препознавање пешак или велосипедист на патот, како и возила што наидуваат попречно при скршнување на крстосница. Понатаму се нудат предупредување за возило во мртвите агли, радарски темпомат со самостојно запирање и поаѓање, како и со навигациска поддршка, состем за следење лента и предупредување при замор.

New item by Automedia MK / Google Photos

Kia Sorento во топ-нивоата поседува автопилот од Ниво 2, што значи дека возилото забрзува и сопира според сообраќајот пред него и самостојно ги следи свијоците по автопат. Сето тоа може да се одвива во брзинското подрачје меѓу 0 и 180 km/h, со користење на камерите и радарите во возилото. Sorento e воедно прв модел на Kia во Европа што може да се управува далечински преку клучот од возилото, при паркирање во тесен простор и за извлекување на возилото.

Исто како претходникот, новиот Sorento за европскиот пазар ќе се произведува во фабриката во Хуасунг во Кореја. Возилата за Северна Америка ќе се произведуваат локално, во Вест Поинт, Џорџија. Продажбата во Европа ќе стартува во третиот квартал од годинава.

Технички податоци · Kia Sorento Hybrid

New item by Automedia MK / Google Photos
Мотор
  • 1,6 T-GDi, со турбо натполнење и директно впрскување
  • Компресија 10,5:1
  • Моќност 180 КС при 5.500/min
  • Вртежен момент 265 Nm од 1.500 – 4.500/min
Батерија и електромотор
  • Тип на батерија Литиум-јон
  • Напон на батерија 270 V
  • Капацитет на батерија 1,49 kWh
  • Моќност 60,1 КС од 1.600 – 2.000/min
  • Вртежен момент 264 Nm од 0-1.600/min
  • Комбинирана моќност 230 КС
  • Комбиниран вртежен момент 350 Nm
Пренос
  • Шестстепен автоматски менувач
Погон
  • Напред; Опционално на сите тркала
Подвозје
  • Предна оска Независно водење мекферсон, помошна рамка, спирални пружини, гасни амортизери, стабилизатор
  • Задна оска Независно водење со две триаголни водилки, помошна рамка, спирални пружини, гасни амортизери, стабилизатор
  • Гуми 235/65 R17, опција 235/55 R19
Димензии
  • Должина 4810 mm
  • Ширина 1900 mm
  • Висина 1695 mm
  • Меѓуоскино растојание 2815 mm
  • Растојание од подлога 174 mm
Багажник
  • Зафатнина 902 – 2085 L (813 – 2085 L за верзија со 7 седишта)
Тежина
  • Празно возило 1741 kg
  • Дозволена тежина 2510 kg
  • Приколка до 1,65 t

Повеќе фотографии од новата генерација на Kia Sorento:

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Зошто возењето велосипед е добра заштита

Зошто возењето велосипед е добра заштита

Американските автогиганти GM и Ford го запреа производството

Американските автогиганти GM и Ford го запреа производството