158
21 shares, 158 points

Не е тешко да се погоди која марка автомобили е најпродавана во Русија. Но, која е втората најпродавана марка на големиот пазар? До декември, Kia има пласирано повеќе од 200.000 автомобили на рускиот пазар. Околу половината од тоа ја сочинува Rio. Нормално, во лимузинска изведба.

Марката Kia често се појавува во насловите од автомобилската сцена. Нов Ceed, по него ProCeed, за сега и кај нас да е најактуелен XCeed, додека Sportage во меѓувреме продолжува на македонскиот пазар да постигнува продажни бројки што се заокружуваат со стотки, не со десетки. Додека чекаме и првите хибриди на Kia да стартуваат со продажба на нашиот пазар, марката се пројавува пак, во извештај од пазарот за когошто обично објавуваме кога станува збор за марката Lada.

Според официјалните продажни бројки, на рускиот пазар до декември се продале 326.654 автомобили од марката Lada. Домашната марка е сосем логично дека продава најмногу на сопствениот пазар, меѓутоа марката на второто место е изненадување. Kia е веднаш зад Lada, со 207.894 продадени автомобили за единаесет месеци. Трет е Hyundai со голем заостаток, по него се Renault и Volkswagen. Второто место на Kia, инаку, изненадување е само ако се превиди фактот, дека марката произведува локално за пазарот во Русија уште од 1997 година.

Единствено Lada Granta и Lada Vesta се продаваат на рускиот пазар повеќе од лимузинската и локално произведена изведба на Kia Rio

Тоа што изненадува е сепак доминацијата на еден модел. Kia Rio е трет на списокот на најпродавани модели годинава, со 85.806 примероци, единствено зад Lada Granta (121.260) и Lada Vesta со 100.501 примероци до декември. Тоа што исто така „домашните“ и значително поевтини Lada Largus (Dacia Logan MPV), Logan и Sandero (на рускиот пазар под логото на Renault), на листата на најпродавани модели се наоѓаат соодветно на 7-то, 11-то и 15-то место, сведочи дека Русите го избираат Rio поради самиот автомобил, не поради цената.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Рускиот ценовник за Kia Rio стартува од 734.900 рубли или околу 10.600 евра, за изведба со 1,4-литарски мотор со 100 КС. Наспроти тоа, Lada Vesta Sedan со рустикален 1,6-литарец со 106 КС стартува од 606.900 рубли или 8.750 евра, додека Lada Granta Sedan, со 1,6-литарец со 87 КС, во основната изведба чини 444.900 рубли или околу 6.400 евра.

На руските возачи не им е најважно дали автомобилот има подршка за телефонот, туку се работи за многу посуштински работи

Станува збор за лимузинската изведба на Kia Rio, произведена за рускиот пазар во фабриката во Санкт Петерсбург, поранешен Ленинград. Опременоста останува на вообичаено високото ниво за Kia, иако претпоставките би биле дека руските возачки и возачи можеби не посветуваат толку внимание на тие „детали“. Рускиот Kia Rio уште од старт поседува електрика и греење на ретровизорите, резервно тркало во полна големина – што се подразбира покрај непрегледните пространства, кога најблискиот сервис е оддалечен само неколку стотини километри – стандардно следи и клима уред, контрола на стабилност, две воздушни перници, контрола на притисок во гуми, помош при поаѓање на нагорнина и систем за пријавување итен случај.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Посебно за рускиот пазар, растојанието од подлогата е зголемено на 160 милиметри, канали за греење се изведени до задната клупа, акумулаторот е со зголемен капацитет (60 Ah), има калници зад предните тркала, подот е дополнително заштитен, садот за течност за миење стакла е поголем (4,6 l), има и дополнителна изолација за хаубата, а фабрички се вградуваат и светилки со продолжен работен век (1.500 часови).

Само два мотори во понудата за рускиот пазар, дизелот нормално не е во игра во тамошните климатски услови

Покрај 1,4-литарскиот мотор, во понуда има и 1,6-литарец со 123 КС, како и можност за комбинирање на двата мотори со автоматски менувач. Тоа што грејачи во седиштата и на воланот се вградуваат уште во второто ниво на опрема, претставува уште една специфика за рускиот пазар, за којашто нема потреба од објаснување. Греење на ветробранот и на прскалките, исто како и на задната клупа, достапни се дури и во оваа класа, во повисоките нивоа на опрема.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Kia Rio на нашиот пазар е достапен во комбилимузинската изведба и стартува од 11.290 евра со мотор од 1,25 литар и 84 КС, но и со норма Euro 6, за разлика од рускиот модел кој уште вози со Euro 5. Во поглед на нивото на опрема, „нашиот“ Rio сепак е супериорен, со 6 место со две воздушни перници, со централна брава со далечинска команда, радио со дисплеј од 7 инчи на допир, висинско и длабинско местење на воланот, кожа на воланот, ретровизори со електрично собирање и други ставки. Верзијата со моторот со 100 КС чини 11.290 евра, додека за разлика од 1,6-литарецот со 123 КС, кај нас се нуди новиот 1,0 T-GDI со турбонатполнење и директно впрскување со 120 КС и цена од 13.090 евра. Најважната разлика: Во Македонија важи 7-годишна гаранција, две години повеќе отколку во Русија. 

А, како е со „класичарот“ Sportage на рускиот пазар. Не е поинаку, компактниот хит-СУВ на марката во Русија до ноември се продавал исто како Dacia Logan и на 12-то место регистрирал над 30.000 примероци.

Технички податоци · Kia Rio 1.4 Sedan за рускиот пазар

Мотор: 1368 ccm, пречник х од 72 х 84 mm

Конструкција на мотор: 4 цилиндри во линија, 16 вентили, D-CVVT варијабилна работа на двете брегасти вратила

Моќност 73,3 kW (100 КС) при 6000/min

Вртежен момент: 132 Nm при 4000/min

Компресија: 10,5:1

Издувна норма: Euro 5

Гориво: Најмалку 92 октани

Менувач: Мануелен со 6 степени

Забрзување 0-100 km/h за 12,2 s

Меѓузабрзување 80-120 km/h во 5-ти степен за 16,2 s

Крајна брзина 185 km/h

Потрошувачка на гориво (просек/град/пат): 5,7 / 7,2 / 4,8 l/100 km

Резервоар: 50 L

Празно возило: Од 1150 до 1211 kg, зависно од опрема

Дозволена вкупна тежина: 1560 kg

Димензии на каросерија: 4.400 х 1.740 х 1.470 mm

Меѓуоскино растојание 2.600 мм

Најмало растојание од подлога 160 mm

Зафатнина на багажник: 480 L

Уште неколку фотографии од рускиот Kia Rio Sedan:

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

И уште нешто за Русија и Kia…

Секој петти нов автомобил во Русија е Lada


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

158
21 shares, 158 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *