Половина милион продажби и цела деценија во постојано зголемување на продажбата од година в година. Kia повеќе не се шири, туку практично почнува да владее со европскиот пазар. Годинава пристигаат нови хибридни и електро-модели. И Ceed е нов.
Половина милион продадени автомобили во Европа лани и полна деценија постојан раст од година в година. Тоа е билансот на Kia, која лани ја зголемила продажбата за 4,7 проценти и постигнала рекорден удел од 3,2 проценти на целиот пазар. Во 2008 година, корејската марка продала 238.643 возила и покривала само 1,6% од пазарот. Откако почна своевидниот победнички поход пред една деценија, продажбата и уделот се зголемиле повеќе од двојно.
Најголем пазар за марката во Европа е британскиот, со рекордни 95.764 автомобили лани. Тоа значи дека близу еден од секои пет продадени автомобили на Kia се регистрирале на „островот“. Овој повеќе од пристоен напредок во Европа се должи на широката и свежа понуда од кросовери и СУВ-модели, но влијае и електрификацијата на погонската спрега во неколку модели.
Kia е единствена марка што цела декада бележи раст во продажбата во Европа
Ceed и Sportage остануваат главни носители на продажбата, а меѓу главните продажни аргументи останува и 7-годишната гаранција. Пазарот реагира одлично и на кросоверите Niro и Stonic. Во меѓувреме пристигна и нова генерација на Ceed, тука е и моќниот имиџ што Stinger го остава врз целата гама. Освежени се Sportage и Picanto. Годинава стартува продажбата на ProCeed, а се очекува и зголемување на понудата од модели со електрифицирана погонска спрега.
Продажбата на хибриди, плагин-хибриди и „батериски“ модели лани пораснала за повеќе од една третина во споредба со преклани, со вкупно продадени 58.029 возила. Тоа значи дека моделите со електрифицирана погонска спрега во меѓувреме учествуваат со повеќе од 10% во вкупната продажба на марката во Европа.
Уште еден модел што ќе се бори за врвните места е кросоверот Niro – во верзии со плагин-хибриден и со електричен погон
Впечатлив напредок постигнува Niro, кој бил петта напродавана Kia лани, со раст од 33,6% и вкупно 45.255 продажби – од кои 34.642 хибриди и 9.951 плагин-хибриди. Од електричниот Niro, кој пристигна во салоните во декември, се продале 662 возила – за помалку од еден месец.
Вистинскиот „електричар“ на Kia е Soul EV, со 6.402 примероци (+12.0%), кој лани ја имаше последната година, пред да пристигне новиот модел подоцна годинава. Хибридните изведби на Optima постигнале 4.573 продажби (+49.1%), пред 1.799 примероци од Sportage EcoDynamics+, кој вози како благ хибрид со стартер-алтернатор и со 48-волтна мрежа.
Водечкиот двоец останува ист: Sportage прв, Ceed веднаш по него
Најважните бројки секако се оние на Ceed. Од стартот летоска се продале 24.531 примероци од класичниот Kia Ceed и комбито Ceed Sportswagon. Месецов стартуваат уште Ceed GT, Ceed GT Line и ProCeed. Првото место во продажбата и натаму му припаѓа на Sportage, со 125.266 примероци лани.
Трет по продажба е малечкиот Picanto, кој се нуди и како кросовер X-Line и во верзија со 100 турбо-КС. Импресивни 75.315 примероци од Picanto се продале во Европа, кого што Kia практично го позиционира како премиум модел во мини-градската класа.
Четвртото место за лани му припаѓа на кросоверот Kia Stonic, со 55.742 возила. A, Stinger? Пазарот дефинитивно не пропушта да реагира и на оваа „супер-киа“. Спортската лимузина со ГТ-манири лани постигнала 3.853 продажби. Честито, Kia.
Тест: Kia Ceed 1.4 MPi Advance
Тест: Kia Sportage 1.6 GDi Vision 2WD
Kia Sportage безгрешна и на супертестот на Auto Bild
Kia Stinger е спортска лимузина на годината според англискиот Evo