за

ProCeed е вториот Stinger во арсеналот на Kia

Kia ProCeed salon
Kia ProCeed salon

Уште еден силен градител на имиџот на Kia доаѓа во форма што моментно е единствена во класата и во сегментот. „Ceed за професионалци“ спојува елеганција на купе со практичност на комби, а сето тоа заокружено со карактер на престижен крстосувач. Тоа што Mercedes CLA Shooting Brake го умее во премиум сегментот, на Kia ProCeed ѝ успева во големоволуменскиот сегмент.

Kia ProCeed го привлекува вниманието на сцената уште откако првпат се искачи на истата, за неговата светска премиера на салонот во Париз лани. Автомобилот е впечатлив, настапува самоуверено и ја има смелоста да пишува ново поглавје во историјата, како моментно единствен „shooting brake“ во компакт сегментот, настрана од премиум моделот Mercedes CLA Shooting Brake.

Сето тоа е неоспорно, овој „Ceed за професионалци“ изгледа добро, вози моќно и размазува со ниво на опрема што не е погрешно да се води како луксузно. Соодветно на тоа е изведена и цената. Kia ProCeed стартува од 24.990 евра. Тоа е цената за македонскиот пазар, официјално соопштена денес при домашната премиера на моделот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Како за типичен niche-модел, цената резултира оттаму што ProCeed вози само со најмоќните мотори во гамата на компактот и само со највисоките нивоа на опрема. Секако дека намерата на стратезите на Kia не е да настапуваат со звучни ценовни понуди за овој модел, туку да го понудат со предзнак на престижен автомобил. Најстилскиот Ceed во историјата привлекува со доследноста во концептот, да се понуди автомобил што нуди нешто повеќе во секој поглед.

Кај толку специфичен модел, каков што е ProCeed, не смее да се направи утка – и не се прави

Третата моделска изведба во гамaта на Ceed, со својот имиџ ќе влијае и врз класичниот компакт со пет врати, исто како и врз практичното комби Ceed SW, коешто ја воспоставува вообичаената ценовна рамка. ProCeed подеднакво влијае и врз сите модели погоре или подолу во понудата на Kia, затоа нели е градител на имиџот. Тоа е дел на обемни истражувања, експертизи, вложувања на средства и време. Ваков модел не смее да утне, и не утнува.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Пресметувањето на цената на „доплатата за каросеријата“ кај Proceed е малку посложено, затоа што Ceed кај нас не се нуди со нивото GT-Line, коешто е почетно кај комби-купето, меѓутоа во најгруби рамки: Ceed 1.0 T-DGi со 120 КС и со второто ниво на опрема EX Advance чини 19.990 евра (без акцискиот попуст од 2.000 евра), комбито Ceed Station Wagon со истиот мотор и опрема чини 20.790 евра (исто така без акцискиот попуст), додека ProCeed со истиот мотор, но со едно ниво на опрема погоре, чини 24.990 евра. Доколку се земе предвид побогатата опременост, разликата во цената меѓу комбито Ceed SW и стилското комби-купе ProCeed би изнесувала помалку од две илјади евра.

Кај престижното комби-купе не се спомнува „акциска цена“ или „попусти“ – тоа се чувствителни прашања во моделската политика, којашто во Киа Моторс Македонија се спроведува мошне вешто

За разлика од главните освојувачи на пазарот за марката во компакт класата, Ceed и Ceed SW, кај ProCeed не се комуницира акциска цена, што само би му наштетило на имиџот на комби-купето. Тоа е вештината на кроењето на моделската политика во Киа Моторс Македонија, и на луѓево мора да им се признае за тоа.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Основните бројки за моделот откриваат дека ProCeed е долг 4,61 метри, широк 1,8 метар и висок 1,42 метар, при исто меѓуоскино растојание со комбито, од 2,65 метри. Багажникот располага со зафатнина од 594 литри и максимални 1.545 литри. Соодветно на намената на овој модел, багажникот е изработен со истите материјали и финиш како кабината, лесно е пристапен и добро искористлив, а секако дека не недостига и електромотор за ракување со капакот.

Понуда на погонски единици од 120 до 204 КС

Четири погонски единици стојат на располагање: 1.0 T-GDi со 120 КС, 1.4 T-GDi со 140 КС и топ-моторот 1.6 T-GDi со 204 КС. Дизелската фракција ја покрива 1.6 CRDi со 136 КС. Кај сите мотори, освен кај основниот, постои можност за доплата за седумстепен менувач со двојна спојка, што чини 1.590 евра кај топ-моторот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Основното“ ниво на опрема GT Line вклучува напредни системи за асистенција, меѓу кои предупредување за возило што наидува од попреку при излегување наназад од непрегледен паркинг или систем за следење лента, заедно со самостојното запирање при опасност од судир. Секој ProCeed доаѓа и со паркинг сензори напред и назад, камера за рикверц, автоматски клима уред со две зони, електрична паркирна сопирачка, старт на копче, навигација со дисплеј од 8 инчи, странично подрачје на седиштата обложено со кожа, безжичен полнач за телефон, но и целосно диодни предни и задни светла или алу-бандажи од 17 инчи, со гуми Michelin 225/45.

Директорот за марката, Владимир Билбилов, ја развива стратегијата на моделската гама на Ceed чекор по чекор; Наскоро следи уште една сензација, XCeed
New photo by Automedia MK / Google Photos

Над тоа, во нивото GT следат уште озвучување JBL, стаклен покрив, кожени седишта вклучувајќи греење и за задната клупа, триделна задна клупа, дополнително затемнети задни стакла и бандажи од 18 инчи, со гуми Michelin 225/40. Во комбинација со менувач со двојна спојка, опремата вклучува и радарски темпомат, рачки за мануелно ракување со менувачот и избор на програми за возење.

По ProCeed следи уште една своевидна сензација во гамата на Kia, кросоверот Xceed, кој исто така ќе настапува како стилско парче во компакт класата, но во поглед на спецификацијата нема да оди толку високо како ProCeed, туку ќе биде поблиску до класичарите во понудата на марката.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

 

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест: Toyota Corolla Touring Sports 2.0 Hybrid Luxury

Тест: Toyota Corolla Touring Sports 2.0 Hybrid Luxury

Електродистрибутер во Германија нарача 14.000 електромобили за вработените

Електродистрибутер во Германија нарача 14.000 електромобили за вработените