за

Kia Proceed или единствениот против CLA Shooting Brake

Kia Proceed GT
Kia Proceed GT

Не постои производител што досега понудил модел со стил како изведбата Shooting Brake од Mercedes CLA. Досега. Комби-купето е нова каросериска изведба во гамата на Ceed, со името што претходно ѝ припаѓаше на варијантата со три врати. Моделот наскоро пристига и на македонскиот пазар.

Можеше да се претпостави дека марката што ќе го направи тој чекор, надвор од премиум сегментот, ќе биде токму таа. Kia досега има направено повеќе дизајнерски спектакли. Ете го Stinger, како последен пример. Тоа што следи по гран-туризмото со поубедлив настап и од Maserati Quattroporte е каросериска форма од којашто обично не се очекува многу.

Kia Proceed во основа е комби, но подлабоко во основата е комби-купе. Најдоброто е што сé е толку очигледно. Никому не треба да се објаснува дека Kia Proceed изгледа фантастично и оригинално. Само најголемите дизајнери можат да се впуштат во таква авантура, да „нацртаат“ комби-купе. Секако дека за тоа го имаме на ум Славче Таневски, македонскиот дизајнер во Mercedes и меѓу другото заслужен за изгледот на CLA и CLA Shooting Brake.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Не се работи само за форма, туку и за детали. Страничните отвори за воздух во предниот и задниот браник, на пример, се само маска, но го постигнуваат ефектот. Истото важи и за праговите штос е лакирани во сјајна црна боја, па уште и завршуваат со тенка црвена линија. Мошне впечатлив детал претставува и хромираната перка во задните прозорци.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Сето тоа е дел од настапот на топ-изведбата со нивото GT. Откако се појави Proceed, стана многу појасна и идејата со стилот на класичниот Ceed. Токму на тоа укажува и името. Додека Ceed е пристоен, семеен, беспрекорен, дизајниран точно по мера, Proceed е визуелно гласен, бесен, дрзок, ама пак стилски.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Најдобрата вест важи таму, кадешто судејќи по надворешниот изглед, повеќето очекуваат да биде „прокоцкана“ основната идеја на комби-моделите. Багажникот располага 594 литри. „Попрецизно“, 600 литри! По соборувањето на задната клупа се добива простор за товарење долг 1,80 метар. Во тој случај, зафатнината на товарниот простор достига 1.545 литри. Со 63 сантиметри над земја, долниот раб на багажникот не е меѓу најниските, но кој уште би приговарал за тоа. Поважно било отворот на багажникот да не го наруши стилот на опашот премногу.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Добро е и со практичноста. Кога се користи максималниот товарен простор, касетата со прекривката за багажникот се сместува во подот, да не пречи. Стилот од каросеријата се пренесува и внатре, на пример, во црвените штепови на вратите и арматурната табла, како и во умереното користење на детали со сјајна црна боја.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Kia Ceed на тестовите во Аутомедиа докажа дека стои добро и со системите за асистенција. Во топ-нивото GT следат дури и предупредување за возило што доаѓа попреку додека се маневрира наназад, приспособлив темпомат што дозволува и целосно запирање и самостојно поаѓање, што е користи при возење во колона или во застој на пат. Стандардно се вградуваат електрична паркирна сопирачка, камера за рикверц, греење на воланот – секако, спортски – или алуминиумски облоги на педалите.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во изборот од погонски единици се наоѓаат турбо-бензинецот со 140 КС и дизел со 136 КС, но сосем е јасно дека најчест избор со оваа каросерија ќе биде 1,6-литарскиот бензинец, кој е „составен дел“ од верзијата GT. Моќноста му изнесува 204 КС и познат е уште од претходната генерација на Ceed. Возачот може да избере спортски режим на возење, кога сите параметри се префрлуваат на уште подиректна работа. Крајната брзина изнесува 230 km/h. Место шестстепен мануелен менувач, може да се избере седумстепен менувач со двојна спојка.

Киа Моторс Македонија најави дека моделот наскоро пристига на нашиот пазар.

Технички податоци · Kia Proceed 1,6 T-GDI GT

New photo by Automedia MK / Google Photos

Должина x Ширина x Висина (m): 4,61 x 1,80 x 1,42
Меѓуоскино растојание (m): 2,65
Мотор: 4 цилиндри, бензин, 1591 ccm, турбо, директно впрскување
Моќност 204 КС при 6000/min
Вртежен момент 265 Nm при 1500–4500/min
Крајна брзина: 230 km/h
Забрзување 0 до 100 km/h: 7,6 ѕ.
Потрошувачка, просек (NEDC): 6,8 L
Емисија на CO2: 155 g/km (Euro 6d-Temp)
Празно возило / Носивост:  1411 kg / max. 459 kg
Багажник: 594–1545 L

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Porsche 911 Carrera 992

Carrera без „S“: Основната изведба на Porsche 911 вози со 385 КС

Електричното лондонско такси достигна 2.500 примероци

Електричното лондонско такси достигна 2.500 примероци