109
16 shares, 109 points

Kia ProCeed е автомобилот за кого што љубителите на марката најмалку ќе посочеа дека им недостига во понудата од модели на Kia и во исто време е автомобилот што совршено ја спои сета понуда од модели на марката. Ова е компактен гран-туризмо од старата и добра школа, а тоа што се гледа е само дел од тоа што следи зад воланот.

Впечатокот и сега е ист како при првата возачка средба со оваа Kia. Исто како што по првите неколку километри објавивме на инстаграм, дека овој автомобил мора да е „резултатот кога менаџерите на Kia ќе се состанат во понеделник наутро да договорат: Кого ќе задеваме неделава“, така и сега. Ваков автомобил никому не недостигаше во салонот на Kia. Доколку беше направена анкета, со задача посетителите на салоните на марката да посочат каков да биде следниот модел на нивната омилена автомобилска марка, веројатно најмалку ќе избереа тоа да биде автомобил со каросерија и општо со стил како на ProCeed. А, точно тоа направи сензацијата со појавувањето на овој модел да биде уште поголема.

Овој автомобил се појавува во време кога целата бранша е посветена на СУВ-епидемијата и масовно се нудат СУВ-модели, што обично се само тоа и ништо повеќе. Секако дека и Kia не е исклучок, Sportage и натаму им е најпродаван модел во светски рамки. Во наши, исто така. Во такви услови, Kia нуди комби, коешто е многу повеќе од комби. Суперкомби. И сега, кого Kia „задева“ со ProCeed? Тоа се увидува најлесно, ако се направи обид, ова „брзо комби“ да се замисли под друга марка. Alfa, Opel, Peugeot? Тешко, нели. Тоа е мајсторијата на Kia.

Со ProCeed, поточно со GT-изведбата, Kia ги враќа на сцената вредностите што некогаш први се бараа кај автомобилите – „вредноста“ на уживањето во возењето

Точно е дека во почетокот се пристапува со малку скепса кон комбито што чини најмалку 25.000 евра. В ред, има многу опрема, има и голем багажник, а стилот навистина е впечатлив и секој детал е среден мајсторски, што никогаш досега и не било проблем за тандемот од дизајнерот за европските модели, Грегори Гијом и шеф-дизајнерот на Kia, неговото височество Петер Шрејер – кој е воедно и претседател на марката (и дизајнер на првиот TT). Но, подеднакво е точно и дека суштината на автомобилов, за одредени кругови на критичари останува сокриена. „Почнува од 25.000 евра… мотор од 1,6 литар… Kia…

Сé изгледа веродостојно за улогата што Kia ProCeed сака да ја одигра, меѓутоа само изгледот не може да направи добар автомобил, особено ако тој упатува на возачко уживање и префинета спортска нота. Потребно е нешто да му даде душа на дизајнот. Но, подоцна за тоа. Од Ceed без „Pro“ се останати само крилата и хаубата. Сé останато е различно. Тоа што го постигнале дизајнерите може да се опише како максимум од минимум. Само неколку обични линии, но на вистинското место и во контрастна црвена боја, во комбинација со впечатлив финиш на одредени детали, во црна сјајна боја, прават ProCeed да изгледа брзо, агресивно, отмено, но не и невкусно.

Сепак станува збор за модел што припаѓа во компакт класата и би било гротескно доколку во изгледот се препознаваa детали од Lambo & Co. Кусо, ова е семејниот автомобил што најчесто ќе го возат џентлмени со завидно познавање на автомобилската култура и историја – со добро платена работа, тоа секако. И подеднакво „connoisseurs“ во уште многу други подрачја.

Излегува дека во историјата, но подеднакво и во сегашноста, постојано се правеле и се прават обиди да се создаде компактно комби со посебна нота. Kia ProCeed е спој на контрасти како Alfasud Giardinetta, развлечена е за една класа погоре како Fiat Regata Weekend, стилски е успешна реализација на идејата што своевремено ја испробуваше Honda Civic Aerodeck, пропорциите не ѝ се утнати како на Peugeot 308 SW, похрабра е од Renault Megane Grandtour, апсолутна спротивност е на Dacia Logan MVC, а воедно е просторна и приспособлива како легендарниот и незаборавен Wartburg 353 Tourist… малку шега.

Kia ProCeed е автомобил за уживатели и познавачи, вклучувајќи и возачи со пасија за техника, кои ја почитуваат инженерската работа и нема да си дозволат панаѓурски коментари од видот, „моторот е мал за таа каросерија“

Тоа што Kia го направи со ProCeed е слично со италијанските марки во 1970-те и сé уште во 1980-те години, а најмногу е слично со улогата што ја одигра Lancia Beta HPE. Исто како што луѓе од Mercedes кажуваат дека нивната марка од една страна упорно одбива да се приклучи на одреден тренд, додека од друга страна упорно произведува модел во класа кадешто нема голема продажба, затоа што така пропишала непогрешливата стратегија на швабите, така и ProCeed од аспектите што се поврзуват со разумот е непотребен во понудата на Kia – затоа што паралелно се нуди подостапното и народско комби Ceed SW – но, од аспектите што се поврзуваат со возачката душа, ProCeed е неопходен и незаменлив.

Моделот буквално заслепува и засенува, така што сцената речиси заборави дека Kia произведуваше две генерации на моделот под ова име, како изведба со три врати од класичниот Ceed. „Претходникот“ одлично ја исполни задачата, но актуелниот ProCeed едноставно е премногу моќен во настапот. Дизајнерот Гијом ја објаснува смената: „Поради слабеењето на пазарот на компакти со три врати, беше донесена во прашање иднината на pro_cee’d. Не доаѓаше предвид да се откажеме од моделот, затоа што неговото име ги отелотворуваше младешката динамика, емотивната врска и добриот дизајн, како вредности на Kia. За виталноста и харизмата да не се изгубат, моравме pro_cee’d да го измислиме од ново: Како најемотивен модел во новото семејство на Ceed, којшто воедно го означува и врвот. Резултатот е ProCeed.“

Пресудниот момент е седнувањето зад воланот, поточно впечатокот што се добива во возење. Во тој момент, ProCeed се унапредува од убав автомобил во совршено погоден и целосен пакет. Уште по првите неколку километри, како сите подрачја во ова брзо комби да добиваат „турбо“ – седиштата се турбо, работата на управувањето е турбо, менувачот исто така, па дури и завршната изработка станува турбо.

Тогаш веќе нема сомнежи дека овој автомобил е создаван со уживање и со умешност, до последниот детал. Така се прави веродостоен гран-туризмо, се почитува исконското значење на кратенката GT. Начинот на којшто се пристапило во внесувањето на карактерот на гран-туризмо во основата на Ceed ги надминува вообичаените рамки на класата. Со други зборови, многу детали, од кои повеќето не се гледаат, туку може само да ги почувствува страстен возач или возачка, третирани се како ова да е автомобил од повисока класа, да речеме во класата на Stinger.

Вешто изведеното и совршено дотерано подвозје ја прави суштината на ProCeed GT; Едно име стои зад тоа – Алберт Бирман, човек од минхенската марка

Голема заслуга има амортизацијата. Конструкцијата на подвозјето е иста како кај Ceed, со мекферсон напред и оска со повеќе водилки назад. Различно е финото дотерување, тоа што меѓу другото е цел на долгите возења по Нирбургринг и по најразлични други патеки и патишта. Дополнително се разликува GT. Шифрата гласи Алберт Бирман, поранешен шеф во BMW M GmbH, кој работеше и на Stinger, а цели шест месеци раководеше и со последните дотерувања и измени во подвозјето, посебно на ProCeed GT, за да се постигне тоа што автомобилот сега го исполнува во секојдневието.

Навидум малите зафати во дотерувањето на амортизерите, пружините, стабилизаторите, зглобовите, лежиштата и мали измени во геометријата на тркалата, заедно со спуштањето на подвозјето за 5 милиметри, ја прават големата разлика. Конкретно кај GT-изведбата на ProCeed, вградени се покрути пружини напред и назад, во комбинација со помеки стабилизатори. Кога овој „Ceed за професионалци“ ќе се извози по кривулест пат што дозволува поголема брзина, се покажува суштината на моделот. ProCeed не е „голем“ поради дизајнот, туку прво и првенствено поради возните својства и генерално поради чувството во возење.

Мајсторијата што е постигната во подвозјето се покажува најверно кога вешт возач свесно ќе испровоцира „изместување на тежиштето“, за стабилноста да ја врати со одземање на воланот, небаре ова е автомобил со заден, а не со преден погон. Тоа е уште еден знак дека е постигнат совршен баланс. Дополнително, страничното наведнување на каросеријата во свијоци е речиси непознато за овој автомобил, а управувањето работи прецизно, со умерена сервоподдршка и со точната повратна сила на излез од свијоци. Апсолутно не може да се најде забелешка за било кој аспект во подвозјето.

Во свијоците во коишто се влегува повеќе или помалку оптимистички, дејствува и системот што е дел од контролата на стабилноста и ги потсопира тркалата од внатрешната страна во свијокот, со цел да се спречат последиците од подуправувањето, односно влечењето на носот право од свијокот. Станува збор за замена на класичната механичка блокада на диференцијал, којашто во меѓувреме напредуваше солидно и се користи сé помасовно.

Ова благородно комби не е создадено за брзи стартови на семафор или за четвртина милја, туку за долги патувања со динамично темпо, чијашто цел е патувањето, а не пристигнувањето на целта; Идејниот близнак на Stinger е создаден да се седне и да се вози, како спа-терапија за уживатели во возењето

Вистинскиот карактер на гран-туризмо се заокружува со доволно комфорната работа на подвозјето. Меката реакција при наидување на груби нерамнини од една страна и суверениот и цврст контакт со подлогата кога се вози близу граничното подрачје, наведува на претпоставка дека долу работат електронски приспособливи амортизери. Не се такви, тоа само додава на фасцинацијата од ProCeed GT.

На брзи делници по автопат, комбито е комфорно, тивко, моќно. GT со сите нишани. Моторот сето време останува во акустична заднина, со пријатен и мек тон, каков што прилега на турбо-бензинец со директно впрскување. Со 204 КС, оваа „спортска лимузина“ со практичен опаш е повеќе од примерно моторизирана. Тоа што вниманието на возачот во ниту еден момент не се сведува само на моторот, говори за балансот на целиот пакет. Многу извикани компактни GT-модели во историјата имаа само силен мотор и непријатно подвозје. Работите во меѓувреме се сменија.

Моторот со 265 њутнметри во подрачјето меѓу 1.500 и 4.500 вртежи повлекува суверено и ја има вистинската поддршка од седумстепениот менувач со двојна спојка, како во автомобилот на нашиот тест. Kia првпат нуди опција за автоматизиран менувач во своите GT-модели во оваа класа, којшто во комбинација со 1,6-литарецот чини доплата од 1.590 евра. Со копчето Sport покрај менувачот, се вклучува програма во којашто моторот реагира подиректно и се постигнува поубедливо забрзување, вклучувајќи и искористување на степените до граничните вртежи на моторот и задржување на степенот на пренос во свијоци. Дополнително, се смалува и електричната сервоподдршка, со што се посредува подиректно чувство на воланот. Има и звучен ефект, кога издувот создава повеќе спортски звук, што е само пратечка, а никако и главна карактеристика на овој вешто изведен GT.

За практичната страна на ProCeed: Само завршната изработка и опремувањето на багажникот вредат за илјада евра. Најмалку толку. Облогата на подот е квалитетна, подлогата е цврста и ќе издржи и потежок товар без да се деформира. Поставени се надолжни шини по коишто лизга попречен носач од алуминиум, опремен со ремени за прицврстување на товарот. Најголемата мајсторија е преградата под самиот заден ѕид. Тука се сместува касетата со прекривката на багажникот, откако истата ќе се отстрани при соборување на клупата или било каква потреба. Оваа практична страна ретко се среќава.

Половина гаража како да е сместена во преградите под подот; Багажникот е изработен со ист пристап како кабината, тоа не е товарен простор

Во средината на подот има уште една преграда, во којашто уредно се сместени мрежа, противпожарен апарат, кутија за прва помош, сет за поправка на гуми, цел арсенал. Дополнително има уште една малечка преграда одлево, има и рачки за соборување на клупата директно од багажникот, а има и електрично отворање на багажникот. Секако, останува место и за сабвуферскиот систем од озвучувањето од JBL, па уште и товарен простор со зафатнина од 594 литри. За споредба, Ceed располага со 395 литри, додека вистинскиот шампион е Ceed SW со своите рекордерски 625 литри.

ProCeed е суперопремен, не со бескорисни ставки што само ќе направат списокот да биде подолг, туку со чесно додадена опрема – во стилот на целиот автомобил. Моторот со 204 КС е достапен само само GT-нивото. Постои само уште едно ниво, GT-Line, коешто става повеќе нагласок на спортскиот изглед и достапно е со 1,0-литарец со 120 КС, со 1,4-литарски T-GDi со 140 КС и со дизел од 1,6 литар со 136 КС.

GT-нивото додава уште панорамски покрив, озвучување JBL, спортски седишта во комбинација од кожа и велур, црвени штепови на седишта и на облоги на врата, греење на предните и на задните седишта, електрика за местење на возачкото седиште и меморија, безжичен полнач за телефон, триделна задна клупа, електрично отворање на заден капак, греење на ветробран, интелигентен систем за паркирање, паркинг сензори напред, следење лента, греење на прскалки… стандардно следат и бандажи од 18 инчи со гуми 225/40 R18, строго Michelin Pilot Sport, дуплекс издув, преден сплитер со црвена лајсна, маска во црна сјајна боја со отвори лакирани во црвена и со натпис GT, црвени сопирачки клешти, странични прагови со црвена лајсна… само оваа опрема вреди колку пристоен градски автомобил.

Спортскиот карактер не нетнува ограничувања во секојдневието. Подвозјето е комфорно, моторот работи ненападно, менувачот префрлува меко и неосетно. Просторноста на кабината одговара на Ceed, со тоа што предните седишта се поставени пониско. Таванот исто така е поблиску до темето и тоа се чувствува во просторното доживување, но не пречи.

Моделите од компакт класата што имаат повисока спецификација, моментно нудат најдобра противвредност од сите класи – во една класа погоре само се наплаќа повеќе за автомобил што е способен и созреан исто колку ProCeed GT, без соодветно да се добие повеќе; Тоа е резултат од големиот притисок од СУВ-моделите, кои честопати се закана за опстанокот на останатите каросериски форми во компакт класата

Потрошувачката може да се одржува меѓу осум и девет литри, при што DCT дополнително се покажува од корист во услови на градско воздење, бидејќи во основа придонесува за смалување на потрошувачката и генерално за поголема возачка комоција. Единствено потсетување дека моделот припаѓа во компакт класата е тоа што отсуствува средишен контролер за пристапување до многубројниоте функции. По малку буни и тоа што прекинувачот за вклучување на следењето лента е буквално сокриен долу зад воланот, место да биде изведен како посебна команда на воланот.

>Kia ProCeed GT е понуда за познавачи и уживатели, кои воедно ќе умеат реално да ја „измерат“ цената од 33.390 евра

Единствената забелешка што сцената ја упатува кон Kia ProCeed е цената. За ProCeed GT. Со редовната цена од 33.390 евра, спортскиот компакт допира до почетокот на премиум сегментот на лимузините од средната класа. Но, постои една драстична разлика. Додека кај премиум лимузините во средната класа се добива само основната изведба, тука за истата цена следи топ-изведба. Не е погрешно и, топ-изведба на топ-изведба.

Тоа што најмогу одушевува кај ProCeed е доследноста во реализацијата на GT-принципите. Постојат модели кои се продаваат под ознаката што ветува многу, со куп опрема, но затоа со неспособен мотор и со подвозје што не ги исполнува ниту најосновните критериуми за спортско возење. Тука чесно се нуди „значката“ GT, едноставно сé е погодено. Во поглед на задоволството од концептот на автомобилот, ProCeed е најблиску до Toyota Corolla Touring Sports, којашто ја има предноста да вози со хибриден погон.

До страната за моделот на Киа Моторс Македонија: http://www.kiamotors.com.mk/proceed.php

Тест: Kia Ceed 1.0 T-GDi Vision

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

109
16 shares, 109 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *