за

Kia Picanto со премиера на салонот во Женева во март

Новото издание на најмалечкиот модел на Kia ја презема шемата од Rio и поаѓа во потрага по купувачи со динамично скроена каросерија и спортска нота во целиот концепт на возилото. На тоа се надоврзува и квалитетна изработка, како и ставки во опремата што обично припаѓаат неколку класи погоре. Новиот Picanto ќе се појави во салоните кон завршетокот на третиот квартал.

Третата генерација на најмалечкиот модел на Kia за светскиот пазар ќе доживее премиера на салонот во Женева (9-ти до 19-ти март). Корејскиот производител ги објави првите фотографии од моделот од сегментот А, чијашто продажба ќе започне кон крајот на летото.

Kia Picanto 3ta gen 00003

Новиот Picanto се одликува со младешки-динамичен стил, дополнително нагласен во моделската изведба GT на фотографиите. Изгледот е дело на дизајнерите во корејскиот Намјанг и во Франкфурт. Меѓуоскиното растојание е зголемено за 15 милиметри, на 2,40 метри, што освен поголема просторна понуда дава и поскладни пропорции на страничната силуета.

Kia Picanto 3ta gen 00004

Впечатлив детал во кокпитот е екранот на допир на новиот инфо-забавен систем, којшто е издвоен над средишната конзола заради полесно ракување и подобра прегледност. Kia ќе понуди и можности за индивидуализација, со избор на различни комбинации од бои во кабината.

Kia Picanto 3ta gen 00002

Покрај тоа што кабината е попросторна од претходникот, повеќе простор има и во багажникот. Според Kia, третата генерација на Picanto нуди поголема кабина и поголем багажник од повеќето конкуренти во сегментот. Тоа е постигнато со рационално искористување на просторот. Иако меѓуоскиното растојание е зголемено незначително, должината на каросеријата е идентична со претходникот и изнесува 3,60 метри.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Bentley Continental Supersports: 2,5 тони за три секунди до сто

Samsung SDI со нова генерација батерии: 500 километри за 20 минути