за

Тест: Kia Ceed 1.4 MPi Advance

Kia Ceed 1.4 mpi advance test

Kia Ceed се појавува точно во моментот кога претстои вистински наплив од нови генерации на најголемите моделски имиња во компакт класата. Тоа докажува едно: Kia не сака само да ја следи играта, Kia сака да ја одредува играта

Kia Ceed пред Golf и Mazda 3, а по Ford Focus. Пред Corolla, Leon и Scala, исто така. Тоа што изгледа како ранг листа, всушност е редоследот по којшто пристигнаа и ќе продолжат да пристигаат новите моделски генерации во компакт класата. Не е исклучено овој редослед да се повтори и во идната ранг листа. Kia, впрочем, веќе има една важна победа. На споредбениот тест на германскиот магазин Ауто Билд во август, Ceed го победи Golf. Civic, Astra и Megane, исто така.

Тоа што компактот на корејската марка – доколку некој воопшто го смета Ceed за корејски автомобил, кој е дизајниран во Франкфурт, развиен во Риселсхајм и произведен во супермодерна фабрика во Словачка – се појавува во нова, трета генерација, токму во моментот кога претстои најжестокото соочување во класата во последниве децении, говори дека Kia повеќе не ја следи играта, туку многу повеќе важи дека ја прави играта.

Kia Ceed 1_ip

А, колку Kia навистина ја прави играта? Неколку актуелни статистики за марките што имаа драстични поместувања во последниов период: Peugeot годинава е на 12-то место на најголеми автомобилски марки во светот, со 2,7% помалку продадени возила до октомври, во споредба со истиот период лани, Fiat е на 17-то место (9,4% пад во продажба), а со помалку од еден милион произведени автомобили, Citroen е на 25-то место (+4,9%), па потоа следи и Opel на 27-то место (-7,1%). Kia е на 8-то место, со раст во продажбата од 4,6 проценти. Изненадени? Промените, дефинитивно, се случиле.

Лоша критика за дизајнот на Kia се нема случено во креациската ера на Шрејер: Стилот на овој Ceed се ослободува постепено, се открива дел по дел

Kia Ceed ни пристига на тест со 1,4-литарски бензинец со 100 КС, атмосферски и без директно впрскување, со четири цилиндри на број и со варијабилна работа на брегастото вратило во вшмукувачкиот тракт. Повеќето купувачи веројатно би му дале предимство на овој мотор наспроти 1,0-литарскиот T-GDi со 120 КС и три цилиндри, не само поради тоа што e подостапен за 2.000 евра. Во „Македонската Киа“ сепак си го познаваат пазарот и не е случајност што токму оваа моделска изведба е на тест.

Kia Ceed 27ip

За изгледот на моделите на Kia, дизајнерската ѕвезда и шеф на марката, Петер Шрејер, уште одамна не остава простор за лоша критика. Во „консултација“ со европскиот шеф-дизајнер Грегори Жулием, создадена е хармонична целина, со умереност во динамиката, елеганцијата и агресивноста. Ceed е создаден за постепено да ја раскажува приказната за дизајнот, место да се појави бомбастично – и потоа брзо да избледи.

Заоблените линии и површини на претходникот, кај овој Ceed се заменети со рамни линии и измазнети површини. Тоа се забележува најмногу отстрана. Трите странични прозорци создаваат форма на полумесечина, слично како кај Mercedes A-Class. Во целина, возилото изгледа зрело, речиси отмено, не колку новиот Ford Focus, но доволно да „личи“ кога човек ќе се појави однатре со елегантен костум.

Ceed е стилизиран да привлекува како спротивност на Sportage, со филигранска и грациозна линија

На нашите тестови обично не посветуваме долго поглавје на дизајнот. Ceed е исклучок. Тенките кровни столбови и горниот раб на прозорците, кој практично го допира покривот, создаваат грациозност, оддаваат филигрански ефект. Тоа е стратегијата, намерата да се нагласи лесната и ненападна форма на класичната комбилимузинска каросерија, наспроти робусноста и масивноста на вечно актуелните СУВ-модели. Конкретно, Ceed треба да биде чист антипод на Sportage. До октомври, продажбата на компактниот СУВ на европскиот пазар достигнала 139.000 примероци, наспроти точно 80.000 примероци од претходната и актуелната генерација на Ceed.

Kia Ceed 16 ip

Идејата во тоа, секако не е компактот да ги одвлекува клиентите од Sportage, туку повеќе да ги привлекува во Kia и во Ceed оние купувачи кои се имаат „заколнато“ против СУВ-моделите. Уште еден стратешки елемент: Ceed не е сам, туку има и комби изведба SW, но постои и ProCeed, кој отсега е спортско комби, во стилот на легендарната Mazda 323F или на актуелниот CLA Shooting Brake. Сите три каросериски изведби го поседуваат истиот стилски елемент, заоблената линија на страничните прозорци.

Рачката на вратата оддава солидност небаре треба цел автомобил да се закачи да виси за неа

По повлекувањето на рачката, којашто е солидна небаре целиот автомобил може да се закачи да виси на неа, возачката врата чиниш сама се отвора под притисокот што се создавал во кабината. Тоа е сцена што најверно се поистоветува со дете, кога има да соопшти нешто важно, но од возбуда ги реди зборовите неповрзано, неразбирливо. На крај, неизвесноста се решава кога детето ќе ве одведе за рака, да го покаже откритието.

Kia Ceed 14 mpi test 3am#

Без спектакли и радикални зафати, со вешта дизајнерска работа и добра намера, зад воланот на Ceed е постигнато чувство на пријатност и слобода. Нема ѕидини што опкружуваат и безпотребно создаваат чувство на згриженост на безбедно. Тука, арматурната табла е само носач на инструментите и на прекинувачите, и ништо повеќе од тоа, а средишната конзола практично не постои. Речиси е како погоден мултифункциски алат, што верно му служи на возачот во сите пригоди.

Тука му се допаѓа на возачот, тој сака повторно да седне во овој кокпит повторно, како еден вид хоби во коешто се ужива секојдневно

Убав детал е штепот по горната површина од таблата, во стил на Stinger, а има внесено и живост. Рамката околу инструментите и отворите за воздух е лакирана во сјајна црна боја, врз којашто се разигруваат рефлексиите од средината, децентно, ненападно. Тоа не е случаен ефект. Всушност секаде се наоѓа по некој различен детал: Стреата над инструментите е половично покриена со „кожа“, во вртливите прекинувачи за климата се крие дисплеј за прикажување на температурата, а отворената средишна конзола е поделена со преграда, којашто служи како подлога за телефонот, кога возилото поседува можност за индуктивно полнење.

Kia Ceed 67ip

Изработката е апсолутно беспрекорна за класата, а мошне солиден впечаток оставаат и материјалите. Прекинувачот за централно отклучување на вратите е под средишниот дисплеј, што некои возачи го наоѓаат како непрактично решение, кога со јакна в раце ќе се најдат пред заклучена задна врата. Покрај тоа, не е на одмет да се знае моментниот интензитет или распоредот на дување, кога климатизацијата е пуштена во автоматски режим. Средишниот дисплеј во тој поглед воопшто не соработува со климата. Забелешка и за преклопливите капаци за приклучоците за USB во средишната конзола – такво решение е необично за в автомобил.

Системи за асистенција следуваат како стандард во Advance: Предупредување и самостојно запирање при опасност од судир и можност за избор на активно следење лента со корекција на правец

Во поглед на впечатокот за изработката и пријатното чувство, сепак мора да се има предвид дека тест-возилото е со повисокото ниво на опрема со име Advance. За 2.000 евра над основното ниво Vision, како позначајни ставки следуваат автоматика за клима уредот, сензор за дожд, украсни детали со црн сјаен финиш, диодни задни светла, електрично собирање на ретровизорите и алу-бандажи од 16 инчи. Вистинските специјалитети во нивото Advance се системот за следење лента со функција за предупредување или активно враќање во лента, како и самостојното запирање при опасност од удар.

Kia Ceed 80ip

Стандардното ниво Advance доаѓа со камера и паркинг сензори назад, мануелен клима уред, кожа на волан и на рачка на менувач, темпомат, инфо-забавен систем со дисплеј од 7 инчи на допир и поддршка за Android Auto и Apple Car Play, команди за радио на волан, блутут, патен компјутер, електрика на сите прозорци, електрика и греење на ретровизори, потпирач за рака напред, магленки и диодни дневни светла.

Дел од конкурентите би „поскапеле“ за 2000 евра доколку ја имаат опремата што во Kia Ceed следува уште во основното ниво Vision

Тоа е вешто скроена спецификација уште во основното ниво на опрема, којашто кај конкурентските модели во класата се добива во средното или дури во највисокото ниво на опрема. При блиц-споредба со најблиските конкуренти се открива дека во нивното основно ниво треба да се доплати за паркинг сензори и камера следи само со повисоките нивоа на опрема или во пакет со други ставки, дека радијата обично не подржуваат Android Auto или Apple Car Play, дека треба да се доплати за блутут, диодни дневни светла, темпомат, кожа на волан, потпирач за рака напред …

Kia Ceed 78ip

Сума сумарум, за повеќето основни изведби на конкурентските модели да се доопремат со ставките што Kia Ceed ги поседува уште во основното ниво, кај нив е потребно да се доплати околу 2.000 евра. Може и вака: Доколку некој конкурентски модел стартува од 18.000 евра, кога тој ќе се доопреми со сите ставки што се стандардни во основниот Ceed, цената би се зголемила за 2.000 евра, што значи, на 20.000 евра.

Најголемото изненадување и најдрастичната промена во новиот Ceed е во динамиката при возење

Прашањето што го поставуваат вистинските познавачи на автомобилизмот, секако дека не се сведува на опремата или коњските сили, туку на возните квалитети. Во тој поглед, Kia Ceed дефинитивно напредувал. Амортизацијата работи стегнато, но не и круто, сите видови нерамнини од подлогата се придушуваат тивко и без непријатни вибрации, за време на тестот во ниту еден момент не се слушна или почувствува „суво“ удирање. За условите на нашите улици и патишта, тоа е мајсторско достигнување.

Kia Ceed 38ip

Оваа смиреност на подвозјето произлегува и од зголемената торзиска крутост на каросеријата. Kia не наведува официјален податок за тоа, но Ceed буквално е како карпа. Прашање е дали и „новодојденците“ в година ќе го покажат тој напредок.

Управувањето работи без забелешки, рачката на менувачот со забелешки – со позитивни забелешки. Не може, а веднаш да не се забележат прецизноста, лесните и точно одмерени одови, генерално, чувството при ракувањето со менувачот. Подобро од ова може да биде само телепатско командување со рачката на менувачот. Тоа се нарекува фалење до срж.

Откако ќе постигне патно темпо, моторот со 100 КС нема проблеми да одржува пристојна динамика во возењето

Но, затоа, по секаква пофалба од овој вид, мора да следи и потрезвена критика. Моторот е стар познајник, кој не се издвојува посебно во ниту една дисциплина, ниту по добро, ниту по лошо. Во време на турбо трицилиндарци со директно впрскување и зафатнина од еден литар, не пречи неговото постоење во понудата, напротив, возачите со традиционалистички ставови му даваат предимство, а секако е тука и ценовната предност од 2.000 евра, наспроти 1.0 T-GDi со 120 КС.

Kia Ceed 47ip

Менувачот што претходно ги заслужи сите пофалби, по малку му ја саботира работата на вредниот и солиден 1,4 MPi. Поточно, преносните односи на менувачот, или најточно, големиот распон во преносните односи меѓу првиот и вториот степен на пренос. За што станува збор тука: Доколку по поаѓањето се префрли во втор степен при 3.000 вртежи, што е вообичаено кај денешните (турбо) бензинци, вртежите паѓаат на околу 1.600 во минута. Тоа е малку, бензинците во тоа подрачје уште не произведуваат доволно вртежен момент, поради што и возењето по префрлувањето во втор степен продолжува со „смален елан“.

Kia Ceed не пропушта да покаже дека ужива во ловењето свијоци

Проба со менување од прв во втор степен на пренос при илјада вртежи повеќе, односно при 4.000 вртежи: По префрлувањето, вртежите паѓаат на околу 2.000 во минута. Во тоа подрачје моторот е веќе буден, и соодветно на тоа, повлекува поубедливо. Дека не се работи за слабост на моторот се докажува кога возењето ќе продолжи со очекувана динамика во третиот, четвртиот … шестиот степен. Станува збор за потреба возачот да стекне навика при поаѓањето, што веројатно нема да трае предолго.

И, тука завршува секаква критика. Поточно, не само што завршува, туку следи вистинското изненадување. Kia Ceed се претвори во динамичар во класата. Додека претходно, по градските улици и по периферијата, се покажа комфорно, пријатно за возење и квалитетно изработено автомобилче, по првото излегување на кривулест пат се покажува вториот карактер на оваа германо-словачко-корејска креација.

Kia Ceed 45ip

Kia не пропушта да покаже дека ужива во „ловењето“ свијоци. Носот се мести во свијок, без осетно странично навалување на каросеријата, вежбата завршува без какви било спектакли. Следниот свијок, побрзо. Пробата се повторува сé додека не се достигне брзинско подрачје коешто е преопасно за јавен сообраќај.

Како што се покажува веќе подолго време, испробувањето на границите на динамиката кај денешните автомобили веќе бара тркачка патека, за воопшто да се покажат првите знаци на слабост. Само груба грешка на возачот или намерна провокација, може да го извади подвозјето од рамнотежа – кога се вклучува контролата на стабилноста. Покажувањето на овој баланс меѓу комфорно возење и спортска динамика е „голф-моментот“ во Ceed. Господо, браво!

Гумите Michelin Energy Saver како фабричко вградување се уште еден знак дека во оваа марка е поголема веројатноста да се добие повеќе, отколку да се остане кусо

Вистина е дека може да се посака уште малку повратна информација од подлогата, но и тоа се однесува само на крајните брзински подрачја. Објаснувањето за тоа, во голем дел се наоѓа и во гумите. На нив пишува Michelin Energy Saver. Тоа е вредно фабричко опремување, што значи уште една пофалба за Kia.

Kia Ceed 1 ip

Малку истражување во фабричките информации покажува дека предните пружини се покрути за 40% во споредба со претходниот модел, додека отпорноста на торзија на стабилизаторот е смалена за 22 проценти. Оваа комбинација произведува побрза повратна реакција и подобри возни својства во свијоци, смалувајќи го подуправувањето и зголемувајќи го контактот со подлогата. Амортизерите добија и нов вентилски систем, кој ефективно ги придушува помалите вибрации.

Назад пружините се помеки за 10%, што во основа ја образложува комфорната амортизација на лоши патишта. Стабилизаторот има комплетно нова конструкција, а нови се и лежиштата на водилките и држачите на амортизерите, со цел да се подобри стабилноста во свијоци. Преносот во управувањето е скусен за 17% (12,7:1), со 2,44 вртежи меѓу крајните положби.

Kia Ceed 82ip

Со потемелна и подобра изолација е постигнато смалување на бучавата од подлогата од 67,5 на 66,5 децибели при возење со 60 km/h – притоа, разлика од еден децибел значи дека звукот е двојно потивок. При брзина од 110 km/h, звукот од струењето на воздухот исто така е смален за еден децибел, од 64 на 63 dB.

Иако постои и комби изведба во гамата, Ceed е нејзиниот носител и не си дозволува пропусти ниту во багажникот

Во поглед на димензиите, должината не се промени (4,31 метри), исто како и меѓускиното растојание (2,65 метри), но каросеријата доби два сантиметри во ширина и 23 mm помалку во висина. Предниот каросериски превис е скусен за 20 mm, за колку што е продолжен опашот. Багажникот порасна за 15 литри, на 395 литри.

За отворањето на багажникот повеќе би важело „отсекување“ на опашот, затоа што отворот што се добива за товарање со ништо не го попречува или отежнува товарењето. Доказот повторно доаѓа со мерење: Товарниот раб на багажникот е за близу девет сантиметри пониско отколку кај Ceed II. Фабриката декларира и дека поместливиот под на багажникот издржува 60 килограми, што се чини веродостојно.

Kia Ceed 14 mpi test 5am#

Преоѓањето на новата платформа K2 значеше и порационално искористување на просторот во кабината. Повторно во фабричките материјали: Ширината назад е зголемена за 34 mm во делот на рамениците. Седењето е пониско за 16 mm. Само субјективен впечаток е дека повеќе одговараше повисокото седење кај претходникот. Мала забелешка и за тоа што патникот зад возачкото седиште треба да носи детски број на обувки, за истите да ги протне под седиштето, кога тоа е спуштено најдолу.

Апропо, предните седишта. Човек ќе посака да ги понесе дома или в канцеларија. Толку за тоа. Како еден од ретките модели во компакт класата, Ceed во највисоките нивоа на опрема доаѓа и со грејачи во задната клупа. Со греење на воланот исто така. Продолжува и старата тактика на Kia, дополнителната опрема да ја нуди само во пакети, во големи пакети, место одделно.

По тоа што Ceed го покажува во возењето и секојдневието, цената не е единствениот решавачки аргумент

Во македонската Киа обично не ги комуницираат екстра-пакетите во официјалниот ценовник, но тие изгледаат приближно вака: Пакет Голд со самостојно запирање и препознавање пешаци, предупредување при возило во мртов агол, радарски темпомат со функција за самостојно запирање и поаѓање во колона, како и мала корекција на правец, електрична паркирна сопирачка, сето за околу х.ххх евра, дополнително во комбинација со менувач со двојна спојка… Тоа што пакетот поседува висока противвредноста за парите е веќе друга тема.

Kia Ceed 14 mpi test 8am#

Kia Ceed, „пред сите други“. Со 1,4-литарецот со 100 КС и основно ниво Vision, компактот чини 15.990 евра, односно минус две илјади евра промотивен попуст, дава крајни 13.990 евра. Тестираниот модел поседуваше повисоко ниво на опрема Advance, коешто е две илјади евра над основното, што значи дека крајната цена за тестираниот примерок изнесува 15.990 евра. Дополнително 350 евра за металик лак, дава крајни 16.340 евра. Прашањето околу изборот на мотор, кога ќе се има предвид „каприциозното“ однесување при префрлување во вториот степен, во голем дел се разблажи, откако се потврди дека просечната потрошувачка за време на тестот се движела околу седум литри на сто километри.

Доколку потрошувачката беше повисока, веројатно ќе беше и повидлив аргументот, дека изборот на 1.0 T-GDi, со текот на километрите постепено би носел заштеда преку пониската потрошувачка на гориво. Но, турбо и директно впрскување, плус 120 КС, некако мами да се размислува за посилниот мотор, особено кога Ceed поседува квалитети во сите подрачја кои сочинуваат добар автомобил. Всушност, многу повеќе од добар. Одличен.

Технички податоци · Kia Ceed 1.4 MPi ISG Advance

Мотор 4 цилиндри, бензин, 1368 ccm, 72 x 84 mm, компресија 10,5:1, моќност 73,3 kW (100 КС) при 6000/min, вртежен момент 134 Nm при 3500/min, Euro 6d Погон и пренос Погон напред, мануелен менувач со 6 степени Подвозје Напред мекферсон, назад оска со повеќе водилки, сопирачки напред вентилиран диск / назад диск, гуми и бандажи 205/55 R16, 6,5Jx16 ET50 Димензии и тежини Д х Ш х В 4310 х 1800 х 1447 mm, меѓуоскино растојание 2650 mm, багажник 395/1291 литри, празно возило 1195 – 1290 kg, дозволена тежина 1760 kg, тежина на приколка 1200 kg, резервоар 50 литри Перформанси 0-100 km/h за 12,7 s, крајна брзина 183 km/h Потрошувачка на гориво (град/пат/просек) 8,2/5,5/6,2 L/100 km, Eмисија на СО2 151 g/km

Kia Ceed 14 mpi test 6am#

Извод од сериската опрема за ниво Advance

Централна брава со аларм, паркинг сензори назад и камера, автоматски клима уред, алу-бандажи од 16 инчи, кожа на волан и рачка на менувач, темпомат, радио со дисплеј од 7 инчи на допир (Android Auto и Apple CarPlay), USB, 6 звучници, команди за радио на волан, блутут, патен компјутер, електрика на сите прозорци, електрика и греење на ретровизори, електрично склопување на ретровизори, потпирач за рака напред, диодни дневни светла, магленки, систем за самостојно запирање при опасност од судир, систем за следење лента, помош при поаѓање по нагорнина, 6 воздушни перници, сензор за дожд, украсни панели во црн сјаен финиш

Kia Ceed 76ip

Цени (промотивни)

  • Kia Ceed 1.4 MPi Vision 13.990 евра
  • Kia Ceed 1.4 MPi Advance 15.990 евра
Цена на тест возило Kia Ceed 1.4 MPi Advance 16.340 евра

со вклучена опција од 350 евра за металик лак

[FAG id=36576]

Kia Stinger е спортска лимузина на годината според англискиот Evo

Kia го лакира Sportage во специјална боја со стаклени честички

Тест: Kia Sportage 1.6 GDi Vision 2WD

Kia со забава за пречек на новиот Ceed

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skoda Fabia 10 TSI Ambition test_mk

Ауто Билд ги прогласи Skoda Fabia, Karoq и Kodiaq за најдобри увозни автомобили за 2018

porsche дизајнерска кула

Porsche гради 90-метарска висококатница во Штутгарт