за

Kia cee’d: Нов мотор, нов менувач и нов пакет опрема

Новиот трицлиндарец со 120 КС е поштедлив за 10 до 15 проценти во споредба со 1.6 GDi

Kia ќе претстави нова изведба на компактот cee’d на салонот во Женева. GT Line доаѓа со спортски изглед, нов турбо-бензинец од еден литар и опција за менувач со двојна спојка.

Спортската изведба GT Line во гамата на cee’d остава посебен печат во изгледот на компактот на Kia, но има и неколку новитети во погонската спрега. Основата е еднолитарскиот турбо-бензинец T-GDI со три цилиндри и директно впрскување на горивото. Дизајнот на GT Line се раководи според спортските модели cee’d GT и pro_cee’d GT, со диодни дневни светла со четири точки, браник извлечен надолу и специјален изглед на маската. Задниот браник е поширок, со издувни цевки од двојниот издувен систем на обата краја. За разлика од комбилимузините со три и пет врати, комбито Sportswagon има двојна издувна цевка од десната страна и мал дифузор во браникот. Спортскиот пакет го заокружуваат впечатливи странични профили, диодни задни светла и алу-бандажи од 17 инчи.

Не само две издувни цевки заради изглед, туку двоен издувен систем кај GT Line
Не само две издувни цевки заради изглед, туку двоен издувен систем кај GT Line

Внатрешноста исто така се инспирира од моделите GT, со квалитетните материјали и спортско-елегантната атмосфера. Седиштата имаат облоги во сиво-бела-црна комбинација со сиви штепови, а логото GT Line се среќава на повеќе места. Од GT потекнуваат и кожениот волан со детали во сјајно црна боја, како и алу-педалите.

Воведувањето на новото спортско ниво на опрема е во чест на премиерата на моторот 1.0 T-GDI. Трицилиндарецот се одликува со штедливост, висока моќност и брза реакција, како прв мотор од новата серија мотори со смалена работна зафатнина што Kia во иднина ќе ги воведува во своите европски модели. Турбобензинецот ослободува 120 КС и вртежен момент од 172 Nm во подрачјето од 1.500 до 4.100 вртежи, стандардно е комбиниран со систем старт-стоп и шестстепен мануелен менувач. Официјалните вредности за перформансите и потрошувачката уште не се објавуваат, поради тоа што хомологацијата на моделот е уште во тек.

kia 10 tgdi
Првиот од новата генерација мотори со смалена зафатнина и турбонатполнење ќе се вградува и во останатите модели на Kia

Kia го оптимираше и дизелот 1.6 CRDi, зголемувајќи ја моќноста од 128 на 133 КС, заедно со 20 њутнметри повисок вртежен момент (285 Nm). Инженерите постигнаа максимумот њутнметри да се достигнува при пониски вртежи, што ја подобрува возливоста на дизелот. Новиот седумстепен менувач со двојна спојка е достапен за овој мотор и според првичните мерења на Kia овозможува забрзување покусо за 3 до 5 проценти во споредба со шестстепениот автоматик што го заменува, како и намалување на потрошувачката на гориво за пет до седум проценти. DCT се планира да се користи и во другите модели на Kia, со мотори со вртежен момент до 300 њутнметри.

Kia cee’d GT Line ќе стартува со продажба во последниот квартал од годинава, во трите каросериски изведби, комбилимузината со пет врати, комбито Sportswagon и комбилимузината со три врати pro_cee’d.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen ќе го пензионира кабриолетот Eos

Gran Tourer е ван, но го носи знакот на BMW