за

Kia ги враќа вановите на сцена со новиот Carnival

Kia Carnival
Kia Carnival

Вановите се уште една вид автомобили што исчезнаа во СУВ-бранот. Kia очигледно сака да ги одржи во живот „загрозените“ видови и го најавува Carnival, моделско име што долги години е присутно на сцената на семејните ванови. Дизајнот, секако, прв го привлекува вниманието.

Менаџерите на Kia очигледно сакаат предизвици. Омилени им се каросериските форми и сегментите што повеќето марки веќе одамна ги имаат нашутено. Корејскиот производител со длабоки корени во Европа и во САД, како еден од последните предизвици да ги зачува „загрозените“ видови, се впушти во стилските и престижни комби изведби во компакт класата – го создаде ProCeed и нормално доби еден од моделите со најголем раст на пазарот.

Овојпат предизвикот е уште потежок, затоа што спојот меѓу вановите и СУВ-возилата е уште поблизок. Kia ја претстави четвртата генерација на својот семеен ван Carnival. Тој е семеен ван, но е во исто време и „Grand Utility Vehicle“, односно големо повеќенаменско возило. Асоцијацијата на Sport Utility Vehicle секако не е случајна. Kia цели со најголемиот ван во својата понуда кон прогресивните млади семејства и нуди спој на иновација, приспособливост и стил.

Дизајнерскиот говор на Kia е применлив универзално, успева исто и кај ProCeed и кај Telluride – или сега кај Carnival

Дизајнот оддава впечаток на солидно и цврсто изграден автомобил, Carnival буквално изгледа како куќа на тркала. Тоа влева чувство на згриженост на безбедно. Во исто време се присутни сите дизајнерски белези што ги носат останатите модели од новите генерации, меѓу кои Sorento, Telluride или Optima и Ceed. Стилот е тоа што Kia цени дека ќе ги привлече купувачите, за повторно да ги препознаат предностите на концептот на ван.

Носот е издаден малку, предните столбови се поместени наназад, со цел да се добие долга хауба. Меѓуоскиното растојание е зголемено во споредба со претходничката и секако ветува повеќе простор внатре. Хаубата дава нови пропорции на ванот на Kia, наспроти претходните генерации ванови кои генерално изгледаа како клин со тап врв.

https://photos.app.goo.gl/HHH51R8qQB43ErY56

Предните и средните столбови се бојадисани црно, со цел да се нагласи елеганцијата на линијата на покривот. Задните столбови го применуваат стилот што претходно го видовме кај новиот Sorento. Формата на хромираната перка се повторува и во кабината.

Носот прикажуива ново толкување на стилот на „тигарски нос“ по целата ширина на предниот дел од возилото. Има и футуристичка нота, овој автомобил ќе привлекува внимание и во салон и на улица. Препознатливоста навечер ја гарантираат светлата со посебна шема.

Kia не открива технички детали заедно со објавувањето на првите официјални фотографии на новиот ван, но наскоро треба да следат и тие. Продажбата стартува во Кореја веќе летово, а потоа ќе следат и бројните пазари ширум светот.

>>> Тест на Аутомедиа: Kia ProCeed 1.6 GT

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi Q5 FL

Audi Q5 прв со задни светла со ОЛЕД-техника

Mercedes-AMG GLS 63

Просечната моќност на новите автомобили во Германија е 166 КС