за

Kia Carens: Добар изглед во сериската опрема

Новиот ван на Kia е поелегантен и помодерен, но и помал од претходникот. Патниците и покрај тоа имаат повеќе простор во кабината.

Големите моделски имиња во сегментот на вановите не оставаат појавувањето на новата генерација на Kia Carens да мине незабележано. Времињата кога возилата од корејската марка изглдаа здодевно се веќе далечно минато. Изгледот може да биде дури и главен адут на Carens. Третата генерација на компактниот ван, конкурент на Scenic и Touran, раскрсти со невпечатливите форми на претходникот. Со повеќе облини, покрив кој елегантно се спушта наназад, високи прозорци и со препознатлив опаш, ванот изгледа мошне привлечно. Според желбите на купувачот, Carens се испорачува во изведби со пет и со седум седишта.

За разлика од конкурентите, Carens не само што не порасна, туку се скуси, ги потсобра рамениците и се снижи. Со должината од 4,53 метри, ванот останува во рамките на класата. Поголемата и попросторна кабина е добиена со зголемување на меѓуоскиното растојание, на 2,75 метри, односно пет сантиметри повеќе.

Приспособливоста е вообичаена за видот на возилото. Трите единечни седишта во средниот ред лизгаат надолжно и се соборуваат. Совозачкото седишта може да се преклопи нанапред, за превоз на предмети долги до 2,15 метри. Големината на багажникот изнесува 536 литри, односно максимално 1.694 литри. Ако се работи за верзија со седум седишта и ако сите се зафатени, назад остануваат 107 литри.

На стартот се нудат три мотори. Најпродаван се очекува да биде дизелот од 1,7 литар, кој прв пат се вградува во Carens. Тој ослободува моќност од 136 КС и постигнува вртежен момент од 331 њутнметар. Во комбинација со систем старт-стоп, фабриката пријавува просечна потрошувачка од 4,8 литри дизел.

Системот за штедење е достапен и кај двата преработени бензинци. Помалиот е 1,6-литарски со моќност од 135 КС и со директно впрскување, посилниот е дволитарец со 166 КС, и исто така сои директно впрскување на горивото.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вака се штеди гориво

Citroen C3: Кога ќе пораснам сакам да бидам…