Корејската марка се ориентира кон спортски имиџ и планира да воведе спортска лимузина во врвот на понудата, во стил на концептот GT. Покрај неа ќе има и поевтино спортско купе.
Шефовите на Kia дадоа зелено светло за лимузина во стил на концептот GT да се појави во салоните на марката кон крајот на 2016 година. За преоѓањето во марка со спортски имиџ, Kia ќе претстави и поевтино купе што за основата на дизајнот ќе се раководи според концептот GT4 Stinger, прикажан во почетокот на годинава на салонот во Детроит.
Во каросерија на купе-лимузина во стил на моделите Sportback на Audi, концептот на корејскиот GT поседува шестцилиндарски мотор од 3,3 литри со турбонатполнење и моќност од 390 КС. Погонот е на задните тркала, менувачот е автоматски со осум степени. Покрај овој мотор за врвната моделска изведба, во серискиот GT ќе се вградуваат и помали мотори, вклучувајќи го 2,2-литарскиот дизел, којшто во новата генерација на Sorento достига точно 200 КС и 441 Nm. Секако дека во погонската гама е резервирано место и за верзија со хибриден погон.