147
25 shares, 147 points

Развојот на камионите не се разликува од оној на патничките автомобили. Целите се исти, односно смалување на потрошувачката на гориво и на влијанието врз животната средина, но и повеќе комфор за возачот и уште повисока безбедност. Камион на Renault тестира неколку нови технологии за идната генерација

По седуммесечно тестирање и 4.500 километри поминати во редовен сообраќај и на пробни валци, Renault Urban Lab 2 потроши 12,8 проценти помалку гориво отколку камионот D Wide, којшто служеше за споредба. Тоа претставува заштеда од 3,5 литри гориво на секои сто километри и поштедување на животната средина од девет килограми CO2 на 100 km. Рутата по нормални патишта се состоеше од 12 километри градски сообраќај, 50 km по споредни патишта и 57 километри по автопат.

Renault Trucks Urban Lab 2 2

Покрај возењата во редовен сообраќај и на пробни валци, тестирањето опфати и компјутерски симулации, со цел да се постигне максимална точност на мерните податоци. Во исто време се одвиваа и мерењата со споредбеното возило, коешто имаше слична големина, форма и погонска спрега како тест-возилото. Конкретно, како референтно возило се користеше 19-тонски Renault D Wide со 280 КС и со надградба на ладилник од производителот Lamberet.

Камион на Renault со систем од камери место масивни ретровизори

Renault Trucks соработуваше со Lamberet во усовршувањето на аеродинамиката на камионот и на ладилникот. Заради смалување на отпорот на воздух, испарувачите беа интегрирани во кровниот спојлер, додека разладниот модул беше сместен во рамката на возилото. На тоа следеа и фини дотерувања, како додавање на заден спојлер и преклопливи пластични облоги. Истата функција ја имаат и облогата на скалилата, на тркалата, дефлекторот на покривот, спојлерот и страничните дефлектори на возачката кабина. Лесно се забележува дека недостигаат масивните надворешни реровизори. Тие се заменети со систем од камери.

Renault Trucks Urban Lab 2 5

Се интервенираше и во погонската спрега. Во Urban Lab 2 се вградени микро-хибрид од добавувачот Valeo и систем старт-стоп. Тест-возилото е опремено и со навигациски софтвер развиен од Be-Nomad, како и со дополнителен систем што се поврзува со системите за контрола на сообраќајот. Кога Urban Lab 2 се приближува до семафор, тој испраќа податоци до возилото. Потоа системот пресметува дали повеќе ќе се заштеди ако се смали брзината, за возењето да се усклади со работата на семафорот, односно во спротивен случај, дали е подобро да се забрза, затоа што зеленото светло ќе се вклучи за кусо.

За штедливоста придонесуваат и гумите од Michelin. Станува збор за прототип-гуми со дополнително смален отпор при тркалање. Производителот посочува дека камионот нема да се појави во оваа форма како сериско возило, туку дека се работи на усовршување на технологиите што ќе бидат вградени во следната генерација камиони.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

147
25 shares, 147 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *