На ценетиот краш-тест на американските осигурители, Jeep Wrangler го доживеа тоа што автомобилските марки најмалку го посакуваат. При удар во крута пречка, Jeep се преврте на страна. Таков случај досега не e забележан на краш-тестовите.
Легендата меѓу теренските возила Jeep Wrangler, токму во САД доживеа многу непријатно поглавје, што ќе влијае лошо врз имиџот. На редовен краш-тест што го спроведуваат американските осигурители, актуелниот Jeep Wrangler разочара во целост при најосновниот тест. По ударот во цврста пречка, со мало преклопување со ширината на возилото, таканаречениот „Driver-Side Small Overlap Frontal Crash Test“, теренскиот автомобил сосем неочекувано се преврте в десно.
Досега не е забележан ваков случај на американските краш-тестови. Заради сигурност, тестот бил извршен повторно, со цел да се исклучи можноста да биле направени пропусти при поставувањето на тестот. Но, Jeep се преврте и на повторениот тест и остана да лежи на бетонот.
Кабината цврста, но патниците во голема опасност од повреда
Патничката кабина на теренскиот автомобил остана неоштетена, но возилото беше оценето дека е „ризично“, поради превртувањето. Од американскиот институт за безбедност на патиштата оценуваат дека „Возило што е превртено на страна, не може да биде прифатлив резултат по челен судир“. Превртувањето носи дополнителна опасност, поради тоа што патниците може да излетаат од возилото, поради конструкцијата на Jeep Wrangler со отворениот покрив.
Ваквиот исход од важното тестирање е голем удар врз имиџот на марката и воедно врз итало-американскиот концерн Fiat Chrysler. Марката со теренските автомобили е единствената што уште ја носи главната заработка во концернот.